Истрага против синот на Бајден
10 декември 2020Хантер Бајден соопшти дека неговите адвокати биле информирани за истрага од страна на обвинителството во Делавер. „Работата ја сфаќам многу сериозно, но уверен сум дека професионална и објективна проверка ќе покаже дека легално сум ги вршел моите работи, меѓу другото со помош на професионален даночен советник“, објаснува 50-годишниот Хантер Бајден.
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден преку својот преоден тим соопшти дека е „горд“ на својот син, кој се борел со „тешки предизвици“, вклучително и „злобни лични напади во текот на изминатите месеци“, од кои излегол „посилен“.
Синот на Џо Бајден во текот на кампањата беше постојано цел на напади од страна на Доналд Трамп. Тој упати тешки обвинувањаза корупција против Хантер и Џо Бајден, кој во периодот од 2009 до 2017 година беше потпретседател на САД. Хантер Бајден во периодот од 2014 до 2019 година беше член на надзорниот одбор на украинскиот концерн за гас Буризма. Работата во тоа тело беше спорна, поради тоа што неговиот татко во тоа време беше потпретседател на САД и притоа беше надлежен за политиката на САД кон Украина.
Џо Бајден ги отфрли нападите врз него и неговото семејство во предизборието, нарекувајќи ги „клеветничка кампања“. Хантер Бајден исто така ги отфрли обвинувањата. И истрагата на Републиканците во Сенатот, објавена во септември, не најде индиции за несоодветно вршење влијание од страна на поранешниот потпретседател на САД.
Хантер Бајден е втор син на Џо Бајден. Неговиот постар брат Бо почина во 2015 година како последица на тумор на мозокот. Хантер Бајден во минатото имал проблеми со дрога. што беше и тема на една телевизиска дебата помеѓу Бајден и Трамп пред изборите.