Загадувањето може да ги влоши симптомите од ковид
9 февруари 2022Истражувањата спроведени од почетокот на пандемијата покажуваат дека населението изложено на загаден воздух е помалку отпорно на Ковид‐19 и дека загадувањето на воздухот може да ги влоши симптомите од вирусот. Ова се укажувањата на Европскиот фонд за Балканот, кој при спроведувањето на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“,посочува дека загадениот воздух на глобално ниво ја зголемува смртноста од Ковид-19 за 15 проценти, а во Европа за 19%. Утврдено е дека секое зголемување на концентрацијата на ПМ честичките за еден микрограм на кубен метар, предизвикува пораст на смртноста од ковид за 11%.
Еден од главните еколошки проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан е лошиот квалитет на воздухот. Загадувањето на воздухот и пандемијата придонесоа за зголемена смртност во регионот. Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ги повикува надлежните институции и граѓаните во земјите од Западен Балкан да ги здружат силите и да го подобрат квалитетот на воздухот и да ја намалат смртноста предизвикана од пандемијата.
Научни студии
„Расте бројот на докази и научни студии за врската меѓу загадувањето на воздухот и Ковид-19, но треба да се земат предвид нивните ограничувања, особено фактот дека сè уште недостига релевантна студија за Западен Балкан. Потребни се еколошки и епидемиолошки студии за поврзаноста меѓу загадувањето на воздухот и пандемијата за овој регион. Тие мора да бидат прецизно планирани и имплементирани за да се овозможат соодветни заклучоци и предлог мерки“, укажуваат од „Обединет Балкан за чист воздух“.
Активистите ги повикуваат носителите на одлуки да го зголемат учеството на претставниците на здравствениот сектор во процесите на донесување одлуки, со цел да се обезбеди навремена интеграција на здравствените мерки во политиките за животна средина.
Исто така, неопходно е да се подобри ефикасноста во спроведувањето на законите и одуките од областа на заштитата на животната средина, за да се постигнат поголеми здравствени и економски придобивки за сите граѓани. Исто така, неопходно е да се вклучат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во јавните политики и плановите за закрепнување од Ковид‐19, во согласност со обврските од Зелената агенда за Западен Балкан, кои се прифатени од сите држави“, посочуваат екологистите.